Неволја предизвикана од сол
Од дописникот на Разбудете се! во Австралија
СОЛТА е неопходна за животот на луѓето и на животните. Скоро еден отсто од нашето тело е сол. Ја ставаме во храната, во лековите и во сточната храна. Всушност, светот годишно консумира околу 190 милиони тони сол.a Но, оваа корисна супстанција што ја има во изобилство предизвикува сѐ поголеми неволји уништувајќи некои делови од најплодното земјиште во светот.
Во светски рамки, околу 40 отсто од земјоделските производи се добиваат од наводнувани полиња, кои сочинуваат вкупно 15 отсто од обработливото земјиште. Всушност, дури и на земјиште што навидум е голо и неплодно може да порасне бујна вегетација ако тоа се наводнува. Но, наводнувањето може да предизвика да се натрупаат талози од сол во почвата, кои постепено ја оштетуваат. Поради оваа појава, наречена салинизација, дури на половина од наводнуваните обработливи површини во светот земјоделското производство веќе е намалено. Всушност, се смета дека како последица од салинизацијата и прекумерното наводнување секоја година се уништува подрачје двапати поголемо од територијата на Швајцарија!
Во својата книга Out of the Earth (Од земјата), Даниел Хилел, познат педолог (познавач на карактеристиките на почвата), го дава следново предупредување: „Сите подмолни неволји кои ги предизвикал човекот и кои играле пресудна улога во пропаѓањето на цивилизациите во минатото си имаат свои еквиваленти и во денешниов свет . . . со таа разлика што сегашниве се од многу поголеми размери“. Се проценува дека, како последица од салинизацијата, економијата на САД веќе има загуби од 5 милијарди долари годишно. Сепак, Австралија се смета за земја која е најзагрозена од оваа неволја предизвикана од човек.
Белата смрт
Секој час, од огромните пченични полиња на западна Австралија со салинизација се уништува подрачје со големина на фудбалско игралиште. Д-р Том Хатон од CSIRO (Организација за научни и индустриски истражувања при Комонвелтот) вели: „Нема сомнение дека ова е најголемата еколошка криза со која сме се соочиле“.
Најизложено на салинизација е главното земјоделско подрачје на источна Австралија — поречјето во кое течат Мари и Дарлинг. Ова поречје се протега на територија со големина на Франција и Шпанија заедно, и на него отпаѓаат три четвртини од наводнуваното земјиште во Австралија. Скоро половина од вкупниот приход од земјоделието на Австралија доаѓа од таму. Реките Мари и Дарлинг, артерии од кои се наводнуваат земјоделските површини, обезбедуваат вода за илјадници мочуришни полиња, како и питка вода за околу три милиони луѓе.
За жал, 2.000 квадратни километри од ова скапоцено земјиште се веќе тешко оштетени од салинизацијата, а научниците сметаат дека во текот на следната деценија уште додатни 10.000 квадратни километри се во опасност да бидат уништени. Количеството на сол во реките Мари и Дарлинг и во нивните притоки постојано расте, а на некои места водата веќе не е за пиење. Плодните полиња покрај бреговите на овие реки се претвораат во безживотни мочуришта прекриени со слоеви од стврдната сол. Земјоделците го нарекуваат овој феномен бела смрт.
Меѓутоа, не се во опасност само земјоделските површини. Научниците од CSIRO предупредуваат дека салинизацијата претставува закана за опстанокот на илјада австралиски видови растенија и животни. Освен тоа, ако работите продолжат да се одвиваат како досега, во следните 50 години половина од сите видови птици во ова поречје ќе бидат во опасност од изумирање. Да видиме како непромисленоста довела до оваа еколошка криза.
Од каде доаѓа солта
Научниците претпоставуваат дека голем дел од солта во Австралија потекнува од пареата што се крева од океанот, а која во текот на милениуми била носена кон внатрешноста на копното. Солта од водната пареа паднала на земјата со дождовите. Се смета дека дел од солта потекнува и од морињата што порано покривале делови од континентот. Дождовите ја растворале солта и таа солена вода продирала во подлабоките слоеви земја. Под тој солен слој земја постепено се формирале подземни води.
Со текот на времето, континентот постепено бил прекриен со стебла на еукалиптуси и со друга вегетација, чии корени продирале подлабоко и од 30 метри. Тие растенија спречувале поголемата количина од водата што доаѓала од дождот да продре длабоко во земјата и ја испумпувале кон површината, каде што испарувала од листовите. На овој начин подземната вода останала длабоко под земјата. Но, европските земјоделски методи, кои ѝ донеле материјална благосостојба и напредок на Австралија, исто така вклучувале и ископачување на шуми и грмушки на големи територии. Поради масовното отстранување на овие дрвја што служеле како еден вид пумпи за вода, како и поради раширеното наводнување, нивото на подземните води почнало да расте. На тој начин, солта што долго време била заробена почнала да се раствора и да се крева сѐ поблизу до површината на плодната почва.
Причини за проблемот со салинитетот
Контролираното наводнување со плавење на посевите придонесува за огромен пораст на производството во поречјето на Мари и Дарлинг. Но, истовремено со оваа метода нагло се крева нивото на подземните води под полињата. Потоа солената вода постепено навлегува во речните системи и ја загадува питката вода. Ова создава уште еден проблем познат како салинитет на реките. Солената вода од реките пак се испумпува во наводнуваните полиња и проблемот продолжува да се врти во еден затворен круг од кој нема излез.
Но, уште поподмолен е еден друг облик на салинитет што не е предизвикан од наводнувањето туку од видот на растенија со кој се засадуваат земјоделските површини. Низ целото поречје биле ископачени дрвјата со длабоки корени и земјиштето било претворено во пасишта и засеано со годишни култури чии корени продираат во земјата максимум до два метра. Водата од дождовите, која порано ја впивале дрвјата, сега продира длабоко во земјата бидејќи кратките корени на посеаните култури не можат да допрат до неа.
Како резултат на ова, научниците проценуваат дека сега во подземните води навлегува 10 до 100 пати повеќе вода отколку кога на тоа подрачје растеле дрвја. Во последните 100 години во земјата продрела толку многу вода што нивото на подземните води во поречјето на Мари и Дарлинг на места пораснало и за 60 метри. Кога овие солени подземни води доаѓаат на само неколку метри од површината, почнуваат неволјите за земјоделците.
На полињата што порано биле плодни се забележуваат делови каде што растенијата слабо растат. Уште долго пред да се појават такви парцели покриени со стврдната сол, солената подземна вода која се наоѓа близу до површината на земјата почнува да испарува и така полека се крева нагоре. Во почетокот, растенијата што растат на овие делови некако се справуваат со лошите услови, но како што солта се крева нагоре и се насобира во површинскиот слој на почвата, земјата станува неплодна.
Ваквиот вид салинитет не им е проблем само на земјоделците. Од него веќе почнале да се уништуваат некои државни патишта, така што се очекува векот на траење да им биде пократок за 75 отсто од предвидениот. Исто така, оштетени се згради, како и водоводни и канализациски системи во населените места низ целото поречје на Мари и Дарлинг.
Има ли решение?
Изгледа дека нивото на повеќето од овие солени подземни води ќе продолжи да расте во наредните 50 до 100 години. Во еден извештај се вели дека за 30 години ќе биде уништено подрачје со големина на државата Викторија — приближно колку територијата на Велика Британија. Што е потребно за овој деструктивен процес да се сврти во обратна насока?
„Мора да воведеме радикални промени во начинот на кои се раководи и како се искористуваат природните богатства од поречјето [на Мари и Дарлинг] со цел екосистемите да останат во здрава состојба и земјиштето да остане плодно“, се вели во еден владин извештај. „Ова ќе повлече значителни трошоци . . . Сепак, овие трошоци се ништо во споредба со неизбежната штета — економска, еколошка и општествена — до која ќе дојде ако не се направат промени во сегашното искористување на земјиштето.“
Кога би се започнало со интензивно пошумување, тоа би придонело постепено да се санира штетата, но моментално се смета дека ова решение е неисплатливо. Во еден стручен извештај се вели: „Не можеме да ги вратиме условите кои владееја во недопрената природа. Во многу случаи, подобрувањето [од пошумувањето] би било многу бавно, ако воопшто и би дошло до некое подобрување“.
Во меѓувреме, земјоделците се охрабрени да садат посеви што имаат подлабоки корени или да прејдат на посеви што се отпорни на сол. Некои земјоделци веќе почнале да ја вадат солта што ги уништила нивните плодни полиња и така заработуваат за живот. Други планираат од езерцата со солена вода да направат рибници за одгледување на морска риба, ракови па дури и морски алги, кои потоа ќе ги продаваат.
Овој проблем со солта не ја погаѓа само Австралија. Ако во најскоро време не се преземат значајни промени, зборовите на грчкиот филозоф Платон, од неговиот опис на древна Грција, ќе зазвучат како мрачно пророштво: „Она што денес е останато од земјата која порано беше плодна потсетува на костур на болен човек. Уништена е сета добра и мека земја, а останал само голиот костур“.
[Фуснота]
a Најпознат вид сол е натриум хлоридот, или готварска сол. Други важни видови сол се калиум хлоридот и амониум нитратот, односно шалитрата.
[Карта на страница 25]
(Види во публикацијата)
ПОРЕЧЈЕТО НА МАРИ И ДАРЛИНГ
[Извор на слика]
Карта: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слики на страница 25]
Остатоци од сол на дрво среде преплавено поле
Полињата што некогаш биле плодни пропаѓаат додека солта се насобира во површинскиот слој на почвата
[Извор на слика]
© CSIRO Land and Water
[Слики на страница 26]
Први знаци на неволјата — неплодни парцели среде плодни полиња
Солта што избива на површината ја уништува вегетацијата
Последици од салинизацијата на почвата што порано била плодна
Конечниот резултат од кревањето на нивото на подземните води
[Извор на слика]
Сите фотографии: © CSIRO Land and Water