Лекарите некогаш и денес
Во 1174 година, Мајмонид бил поставен за лекар на дворот на египетските владетели, па најголем дел од времето поминувал во палатата. Во врска со своето секојдневно враќање дома, тој го напишал следново: „Тогаш ќе каснам два-три залаци и тоа ми е единствениот оброк во 24 часа. Потоа продолжувам пак да се грижам за пациентите — им препишувам лекарства и им давам совети во врска со нивните болести. Пациентите влегуваат и излегуваат сѐ додека не падне ноќ, и понекогаш . . .сум толку исцрпен што едвај зборувам“.
ЛЕКАРСКАТА професија отсекогаш барала самопожртвуваност. Но, денес, светот во кој работат лекарите многу брзо се менува. Нивниот работен ден може и понатаму да биде напорен — како и во случајот на Мајмонид. Но, дали се ценети како порано? Како променетите околности влијаат врз нивниот живот? И во која мера влијаат врз односите помеѓу лекарите и пациентите?
Сменети односи
Некои можеби сѐ уште се сеќаваат на времето кога лекарот си ги носеше сите потребни лекови во својата црна торба. Во тоа време мислењата во однос на лекарите беа поделени, а така е и денес. Најчесто луѓето ги ценеа поради нивните способности, ги почитуваа поради положбата што ја имаа во општеството и им се восхитуваа поради нивната етика. Но, истовремено, лекарите беа изложени на критики поради високите цени на своите услуги, на прекор поради своите грешки, и на обвиненија поради привидниот недостиг на сочувство.
И покрај тоа, на многу лекари им причинувало вистинско задоволство тоа што можеле од колено на колено да им помагаат на исти семејства. Често правеле домашни посети, а во селските подрачја понекогаш останувале и на оброк па дури и на спиење кај домаќините кога помагале при некое породување. Мнозина од нив лично ги подготвувале потребните лекови. Несебичните лекари бесплатно ги лекувале сиромашните и се ставале на располагање 24 часа на ден, 7 дена во седмицата.
Се разбира, некои лекари сѐ уште го прават ова. Меѓутоа, во многу места, природата на односите помеѓу нив и пациентите веројатно претрпе поголеми промени во изминатите неколку децении отколку во изминатите неколку столетија. Што доведе до овие промени? Да видиме прво што се случи со домашните посети.
Што стана со домашните посети?
Посетувањето на пациентите во нивните домови беше вообичаена пракса во минатото, а во некои земји сѐ уште е така. Но, на светско ниво, оваа пракса станува сѐ поретка. Весникот The Times of India известува: „Во денешново време на специјалисти и супспецијалисти, сѐ поретко може да се види семеен лекар што седи покрај креветот на болниот, кој добро го познава семејството и е спремен да дојде кога и да го повикаат“.
Поради големите откритија и сознанија на полето на медицината, многу доктори специјализираат и работат во тимови. Како резултат на тоа, се случува секогаш кога пациентот ќе појде на преглед да го прими друг лекар. Ова е причина што многу од лекарите не можат да воспостават трајни односи со пациентите и нивните семејства, како што беше случај во минатото.
Што се однесува до домашните посети, одредени промени настапија уште пред околу еден век, кога лекарите почнаа да вршат повеќе лабораториски анализи и да се служат со дијагностичка опрема. Здравствените служби во многу делови на светот почнаа да гледаат на домашните посети како на нешто што само им го одзема времето на лекарите, бидејќи денес повеќето пациенти можат сами да си појдат на преглед. Освен тоа, многу од работите што порано ги вршеа лекарите денес ги вршат патронажните сестри, службата за итна помош, како и други служби кои нудат здравствени услуги.
Изменети околности
Денес самостојните лекари се многу ретки. Обично здравствените услуги ги обезбедуваат државни или приватни здравствени установи кои за таа цел ги вработуваат лекарите. Сепак, многу лекари не сакаат да имаат „трета странка“ во односите со пациентите. Ваквите установи честопати бараат од нив за што е можно пократко време да прегледаат што е можно повеќе пациенти. Д-р Шила Перкинс, општа лекарка од Британија, вели: „Од мене се бара да прегледам по еден пациент на секои седум до десет минути, а поголем дел од тоа време треба да внесувам податоци во компјутер. Едноставно не ми останува време да му се посветам на пациентот. Ова многу ме фрустрира“.
Една друга промена со која се соочуваат денешните лекари е поврзана со сѐ поголемите права на пациентите. Порано пациентите никогаш не го доведувале во прашање она што ќе им го кажел лекарот. Но, во многу земји денес, лекарите се должни да го информираат пациентот за различните методи на лекување што му стојат на располагање и за можните последици, а мораат да добијат и согласност за лекување од него. Ова покажува дека односите меѓу лекарите и пациентите прилично се измениле. Има луѓе што сметаат дека лекарот повеќе не е некој што треба да донесува одлуки, туку стручњак што само треба да ги спроведе на дело одлуките на пациентите.
Во нашево општество, кое е изложено на многу брзи промени, голем дел од лекарите се жени. Обично тие се омилени затоа што се сметаат за подобри слушатели. Се чини дека благодарение на нивното влијание, во лекарската професија се покажува уште поголемо сочувство.
Повеќето луѓе ги ценат лекарите што покажуваат разбирање за чувствата и за проблемите со кои се соочуваат пациентите. Но, добро е да се прашаме колкумина од пациентите имаат разбирање за чувствата на лекарите и за стресот со кои се соочуваат тие. Доколку имаме вакво разбирање, тоа може многу да придонесе за подобрување на односите меѓу лекарите и пациентите. Следната статија може да ни помогне во ова.
[Слика на страница 3]
Мајмонид
[Извор на слика]
Brown Brothers
[Слики на страница 4]
Порано лекарите често правеле домашни посети