ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g05 8/5 стр. 5-8
  • Лекари под стрес

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Лекари под стрес
  • Разбудете се! 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Потресни искуства во текот на студирањето
  • Сочувството води до исцрпеност
  • Справување со проблематични пациенти
  • „Одбранбена медицина“
  • Лекарите некогаш и денес
    Разбудете се! 2005
  • Имаш право да избереш
    Како може крвта да ти го спаси животот?
  • Ако некој твој близок е болен
    Разбудете се! 2015
  • Содржина
    Разбудете се! 2005
Повеќе
Разбудете се! 2005
g05 8/5 стр. 5-8

Лекари под стрес

„Еден млад брачен пар дојде кај мене полн со надеж дека ќе можам да му помогнам на нивното штотуку родено синче. Додека го прегледував, ми се стегна срцето. За него немаше надеж. Можете ли да замислите како се чувствував кога на овие млади родители морав да им кажам дека нивниот син нема никогаш да прогледа? Додека ги испраќав од ординацијата, се чувствував беспомошно. Но, веќе следниот миг пред мене стоеше друг пациент, очекувајќи да го дочекам со насмевка! Ова навистина ми паѓа многу тешко“ (Специјалист за очна хирургија од Јужна Америка).

ПАЦИЕНТИТЕ обично не доаѓаат кај лекарот за да слушаат за неговите проблеми. Тие се преокупирани со сопствените маки. Токму од оваа причина, многу мал број луѓе сфаќаат на каков стрес е изложен самиот лекар.

Се разбира, денес сите живееме под стрес, и лекарската професија не е единственото стресно занимање. Сепак, бидејќи скоро на секој од нас порано или подоцна ќе му биде потребен лекар, добро е да знаеме со каков стрес се соочуваат тие и како тој влијае врз нив.

Лекарите учат да живеат со стрес многу рано во животот, уште додека се напрегаат да се запишат на медицински факултет. Но, и самиот почеток на студиите по медицина обично е поврзан со незаборавен емоционален шок. Тогаш започнува еден процес што може да ги смени не само чувствата на студентот, туку и самиот негов карактер.

Потресни искуства во текот на студирањето

Можеби уште во првата седмица од студирањето овие млади луѓе ги очекува страшен шок — првото влегување во салата за обдукција. Веројатно многу од нив дотогаш не виделе човечки труп. Глетката на голи, збрчкани тела, сецирани во различна мера за да се гледа анатомската градба на одделните органи, може да предизвика вистинско гадење. Студентите мораат да си развијат сопствени стратегии за да се борат со ваквите чувства. Честопати прибегнуваат кон хумор, па така наскоро секое мртво тело добива некое смешно име. Ваквото однесување можеби некому ќе му изгледа страшно бесчувствително и безобѕирно, но на студентите им е неопходно за да не мислат на личноста чие тело лежи пред нив.

Потоа следи пракса во болницата. Повеќето луѓе можеби почнуваат да размислуваат за тоа колку е краток човечкиот живот дури откако ќе дојдат во средни години. Но, студентите на медицина се соочуваат со неизлечливи болести и со смрт уште додека се многу млади. Еден студент ги опишал своите први искуства во болницата како „толку непријатни што дури му се лошело“. Освен тоа, за студентите во сиромашните, па и во богатите земји, може да биде многу потресно кога ќе сфатат на колку пациенти им се скратува лекување затоа што се нема доволно пари.

Како се справуваат со стресот младите лекари? Честопати медицинскиот персонал емоционално се дистанцира од пациентите, така што во нив не гледа личности на кои им е потребна помош, туку случај. На пример, некој од нив може да рече: „Докторе, на вториот кревет имаме скршена нога“. На оние што не разбираат зошто вака се изразуваат, ова може да им звучи смешно.

Сочувството води до исцрпеност

Лекарите се школуваат како научници, но голем дел од работата на повеќето од нив се состои од разговор со пациентите. Некои лекари не се чувствуваат дораснати на тој аспект од својата работа, кој бара многу од нив во емоционален поглед. Како што стои и во воведот на оваа статија, една од најтешките работи за лекарот е да му каже лоша вест на пациентот. Некои лекари мораат секојдневно да го прават ова. Освен тоа, луѓето што се во тешка ситуација честопати имаат потреба да си кажат што ги мачи и очекуваат од лекарот да ги сослуша. Кај некои лекари, кои секојдневно контактираат со загрижени, исплашени луѓе, ова може да доведе до емоционална исцрпеност.

Во врска со своите први години како лекар по општа пракса, еден доктор од Канада напишал: „Имав работа преку глава. Оние на кои им требаше помош бараа да им посветам време, оние што беа потиштени бараа да ги сослушам, болните бараа да сторам нешто за нив, а бескрупулозните сакаа да манипулираат со мене. Едни ми доаѓаа во ординација, други бараа јас да одам кај нив, а трети ми телефонираа дома, дури и кога бев в кревет! Секој нешто бараше. Сакав да им помогнам на сите, но тоа навистина беше премногу“ (Дилемата на еден доктор — A Doctor’s Dilemma, од Џон В. Холанд).

Дали стресот попушта со годините? Поголемото искуство обично носи и поголеми одговорности. Лекарите честопати мораат брзо да донесуваат одлуки од кои зависи дали некој ќе остане жив, а можеби притоа не располагаат со сите потребни информации. „Кога бев млад, не се оптоварував многу со ова“, објаснува еден лекар од Британија, „исто како што младите кои лудо возат не размислуваат дека тоа е опасно. Но, со годините, почнуваш повеќе да го цениш животот. Сега размислувам повеќе од кога и да е порано кога донесувам одлуки во поглед на нечие лекување.“

Како влијае стресот врз лекарите? Навиката емоционално да се дистанцираат од пациентите може да се пренесе и на односите во семејството. Понекогаш им е многу тешко да се спротивстават на овој нагон. Други лекари, пак, покажуваат извонредно сочувство кон пациентите додека им помагаат да се справат со нивните емоции. Но, до каде можат да одат во тоа без самите емоционално да се исцрпат? Ова е дилема со која се соочуваат лекарите.

Справување со проблематични пациенти

Кога зборуваат за стресот што произлегува од контактирањето со пациентите, честопати лекарите најпрво ги спомнуваат „проблематичните“ пациенти. Можеби и Вие сте се сретнале со лица што одговараат на некој од следниве описи.

Во првата група спаѓаат пациенти што непотребно го трошат времето на лекарот зборувајќи надолго и нашироко за неважни работи наместо веднаш да кажат што конкретно е нивниот здравствен проблем. Потоа, тука се пациентите што многу бараат и му телефонираат на лекарот дома за неважни работи, ноќе и во текот на викендите или, пак, инсистираат на некој вид лекување што докторот не го препорачува. Во третата група спаѓаат недоверливите пациенти. Тие можеби истражуваат за својата болест на Интернет или на друго место, и ова може да биде корисно. Но, некои поради ова губат доверба во лекарот затоа што тој можеби нема време да расправа со нив за сите предности и недостатоци на она што го откриле додека истражувале. За лекарот е многу стресно кога поради недоверба пациентот не постапува како што го советувал тој. И, на крајот, тука се и нестрпливите пациенти. Тоа се оние што го прекинуваат лекувањето пред да се види дали е делотворно и можеби бараат совет на друго место.

Но, во некои делови од светот главен извор на стрес за лекарите не се пациентите туку адвокатите.

„Одбранбена медицина“

Во многу земји е забележан значителен пораст на тужби поднесени против лекарите поради професионална небрежност. Некои адвокати ги тужат лекарите за сосема безначајни работи, надевајќи се дека така ќе се збогатат. „Ова водеше до драстично зголемување на премиите за осигурување од одговорност, кои ги плаќаат лекарите“, објаснува претседателот на Американското медицинско здружение. „Но, има и други непријатни последици. Една неоправдана тужба може да му нанесе голема штета на лекарот — да му одземе време и да му создаде непријатности . . . стрес и загриженост.“ Некои дури извршиле и самоубиство.

Како резултат на ова, многу лекари се чувствуваат присилени да практикуваат т.н. „одбранбена медицина“, при што носат одлуки кои можеби не се во најдобар интерес на пациентот, но кои ќе им дадат можност ним, доколку дојде тоа, да се бранат на суд. „Лекарите денес се присилени да се штитат и тоа станало составен дел од нивниот живот“, се вели во списанието Physician’s News Digest.

Притисокот врз докторите продолжува да расте, па мнозина од нив се прашуваат што им носи иднината. Многу пациенти си го поставуваат истово прашање додека гледаат како некои болести се шират и покрај напредокот на полето на медицината. Следната статија дава реалистична слика за тоа каква иднина им претстои и на лекарите и на пациентите.

[Рамка/слика на страница 6]

СОРАБОТУВАЈТЕ СО ЛЕКАРОТ

1. Подгответе се за разговор со лекарот за да можете да му го објасните проблемот целосно, но кратко и јасно, почнувајќи од она што најмногу Ве загрижува

2. Немојте да му телефонирате на лекарот вон работно време за работи што не се итни

3. Бидете стрпливи. Потребно е време за да се постави исправна дијагноза и да се утврди најефикасно лекување

[Рамка/слики на страница 7]

‚ДУРИ И КОГА СЕ РАБОТИ ЗА РУТИНСКИ СЛУЧАИ РАБОТАТА МОЖЕ ДА ПРИЧИНУВА ЗАДОВОЛСТВО‘

„Разликата меѓу лекарската професија овде и во развиените земји е огромна. Тука на факултетското образование се гледа како на спас од сиромаштијата, па затоа е популарно да се студира медицина. Но, има многу лекари а малку работни места. Како резултат на ова, лекарите имаат многу ниски примања. Малцина се оние што можат да си дозволат приватен преглед кој ќе го платат од свој џеб. Јас работам во една стара болница. Покривот тече, а од опрема ги имаме само најосновните апарати. Во болницата работат само двајца лекари и пет сестри, а се грижат за 14.000 луѓе.

Понекогаш пациентите сметаат дека не ги прегледувам како што треба, но кога пред врата чекаат 25 луѓе, немаш баш време за долги консултации. Па сепак, можам да речам дека работата ми причинува задоволство, дури и кога станува збор за рутински случаи. На пример, мајките честопати ни ги носат своите неисхранети, дехидрирани деца што имаат дијареја. Дечињата имаат тажни лица а очите им се без сјај. Во таков случај, само треба да ѝ покажам на мајката како да користи раствор за рехидрација, лекови против паразити и антибиотици. Откако лековите ќе почнат да дејствуваат, на детето му се враќа апетитот. За една седмица, тоа изгледа како сосем друго дете — очите му светат, се смее и сака да си игра. Ваквите искуства многу ме радуваат. Затоа, всушност, и сакав да станам лекар.

Уште како дете сонував да им помагам на болните. Но, студирањето медицина влијаеше на мене поинаку отколку што очекував. Видов како умираат луѓе само затоа што немаа пари ни за основно лекување, а тоа можеше да им го спаси животот. Морав да се трудам да станам бесчувствителен за да не ме скрши тагата. Дури откако дознав од Библијата зошто луѓето страдаат и какво сочувство има Бог, повторно почнав да сочувствувам со другите. Повторно можев да плачам.“

[Слики]

Д-р Марко Вилегас работи во Боливија, во еден изолиран град на Амазон

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели