Биоетиката и бескрвната хирургија
ВО ПОСЛЕДНИВЕ години беше забележан беспримерен напредок на полето на медицината. Меѓутоа, додека решаваа медицински проблеми, некои напредоци создадоа етички проблеми.
Лекарите мораат да размислуваат за такви дилеми како што се: Дали треба агресивното медицинско лечење понекогаш да се отфрли за да може пациентот достоинствено да умре? Треба ли лекарот да ја одбие одлуката на пациентот ако мисли дека тоа е во најдобрите интереси на пациентот? Како да се обезбеди здравствена грижа кога скапото лечење не му е достапно секому?
Таквите сложени спорни прашања ја доведоа во фокусот медицинската дисциплина наречена биоетика. Оваа специјалност има за цел да им помогне на лекарите и на научниците да излезат на крај со етичките импликации од биолошкото истражување и од медицинските напредоци. Со оглед на тоа дека многу од најтешките одлуки се појавуваат во болниците, многу болници воведоа биоетички одбори. Обично, членовите на одборите — вклучувајќи ги и лекарите и адвокатите — посетуваат семинари по биоетика, каде што се анализираат етичките проблеми во медицината.
Некои од прашањата што често се поставуваат на таквите семинари се: До кој обем лекарите треба да ги почитуваат верувањата на Јеховините сведоци кои, првенствено од религиозни причини, одбиваат да прифатат трансфузија на крв? Дали треба лекарот да му даде трансфузија на пациентот против волјата на пациентот, ако тоа се чини медицински „препорачливо“? Дали би било етички тоа да се стори без знаење на пациентот, во стилот ‚она што пациентот не го знае, нема да го боли‘?
За да ги решат исправно таквите спорни прашања, на лекарите им е потребно објективно разбирање за гледиштето на Сведоците. Од своја страна, Јеховините сведоци се желни да им го објаснат својот став на лекарите, увидувајќи дека взаемното разбирање може да послужи да се избегнат конфронтации.
Средба на мислења
Професор Диего Грасија, угледен шпански авторитет по биоетика, сакаше неговиот клас да води еден таков дијалог. „Сосема е исправно да ви се даде [на Јеховините сведоци] прилика да ги изразите вашите грижи . . . со оглед на тешкотиите што ги имавте во врска со трансфузијата на крв“ — рече професорот.
Така, на 5 јуни 1996 година, тројца претставници на Јеховините сведоци беа поканети во Комплутенсе универзитетот во Мадрид (Шпанија) за да го објаснат своето гледиште. Беа присутни околу 40 лекари и други професионалци.
Откако Сведоците дадоа кратка презентација, седницата беше отворена за прашања. Сите присутни се сложија дека еден возрасен пациент треба да има право да одбие одредена медицинска постапка. Класот исто така мислеше дека никогаш не треба да се дава трансфузија без информирана согласност на пациентот. Сепак, ги загрижија некои аспекти од гледиштето на Сведоците.
Едно прашање се однесуваше на парите. Понекогаш, бескрвната хирургија вклучува специјална опрема, како што е ласерската хирургија, и скапи лекарства, како што е еритропоетинот кој се користи за да се стимулира создавањето на црвени крвни зрнца. Еден лекар се прашуваше дали со одбивањето на помалку скапата опција (хомологна крв), Сведоците би можеле да очекуваат службите за јавно здравство да им дадат посебни привилегии.
Иако призна дека парите се неизбежен фактор што лекарите мораат да го земаат во обѕир, еден претставник на Сведоците се осврна на објавените студии кои ги анализираат скриените трошоци од трансфузијата на хомологна крв. Тие го вклучуваат трошокот од лечењето на компликациите кои се поврзани со трансфузијата, како и губитокот на приходи поради таквите компликации. Тој цитираше една обемна студија од Соединетите Држави која покажуваше дека просечната единица крв, иако во почетокот чини само 250 долари, всушност создава трошоци од над 1.300 долари — повеќе од петпати од првобитната сума. Затоа, истакна тој, кога ќе се земат предвид сите фактори, бескрвната хирургија е рентабилна. Освен тоа, голем дел од таканаречениот екстра трошок од бескрвната хирургија е опрема која може повторно да се користи.
Едно друго прашање во мислите на неколкумина лекари беше поврзано со групниот притисок. Што би се случило, се прашуваа тие, ако еден Сведок се поколеба и прифати трансфузија на крв? Дали заедницата на Сведоците би го отфрлила?
Одговорот би зависел од фактичката ситуација, бидејќи неслушањето на Божјиот закон сигурно претставува сериозна работа, нешто што собраниските старешини треба да го испитаат. Сведоците би сакале да му помогнат на секое лице кое било подложено на трауматското искуство од хируршки зафат опасен по живот и кое прифатило трансфузија. Несомнено, еден таков Сведок би се чувствувал многу лошо и би бил загрижен за својот однос со Бог. На таквото лице може да му е потребна помош и разбирање. Со оглед на тоа дека сржта на христијанството е љубовта, старешините би сакале, како и во сите правни случаи, цврстината да ја ублажат со милост (Матеј 9:12, 13; Јован 7:24).
„Зарем нема наскоро да го преиспитате вашиот етички став?“ — запраша еден професор по биоетика, кој беше дојден во посета од Соединетите Држави. „Другите религии го сторија тоа во изминативе години.“
Ставот на Сведоците во поглед на светоста на крвта е доктринарно верување, а не етичко гледиште подложно на периодично разгледување, му беше речено. Јасната библиска заповед не остава место за компромис (Дела 15:28, 29). Повредувањето на еден таков божествен закон би било исто толку неприфатливо за еден Сведок колку и одобрувањето идолопоклонство или блуд.
Јеховините сведоци многу ја ценат спремноста на лекарите — како оние што беа присутни на семинарот по биоетика во Мадрид — да ја почитуваат нивната одлука да бараат алтернативно лечење што е во склад со нивните уверувања темелени на Библијата. Несомнено, биоетиката ќе игра важна улога во подобрувањето на односите лекар—пациент и во унапредувањето на поголемо почитување на желбите на пациентот.
Се известува дека еден прочуен шпански лекар рекол оти лекарите мораат секогаш да се присеќаваат на фактот дека „работат со несовршени инструменти и со погрешиви средства“. Затоа, им е потребно „уверувањето дека секогаш треба да се покаже љубов таму каде што недостасува знаење“.