Животна приказна
Иако бев слеп, очите ми се отворија!
РАСКАЖАЛ ЕГОН ХАУСЕР
По два месеца дословно слепило, очите ми се отворија за библиската вистина што цел живот ја игнорирав.
КОГА размислувам за овие повеќе од седум децении што поминаа, многу аспекти од мојот живот ми носат големо задоволство. Но, кога би можел да сменам една работа, би избрал да дознаев за Јехова Бог многу порано.
Роден сум во 1927 во Уругвај, мала земја со облик на крушка што се наоѓа помеѓу Аргентина и Бразил, дарувана со километри прекрасен предел по должината на атлантскиот брег. Населението претежно е составено од потомци на италијански и шпански доселеници. Меѓутоа, моите родители беа унгарски емигранти, и кога бев многу мал живеевме во едно скромно, но сепак тесно поврзано соседство. Немаше потреба да ги заклучуваме вратите или да ставаме решетки на прозорците. Меѓу нас немаше никакви расни предрасуди. Странци и староседелци, црнци и белци — сите бевме пријатели.
Моите родители беа активни католици, а јас на десет години станав министрант (момче што го послужува свештеникот за време на мисата). Како возрасен, работев со локалната парохија и бев член на една група што служеа како советници на бискупот во бискупијата. Бидејќи ја избрав медицинската професија, бев поканет да учествувам на еден семинар во Венецуела што го организираше католичката црква. Како лекари што специјализираа гинекологија, нашата група беше доделена да ги проучува оралните контрацептивни средства што во тоа време беа воведени на пазарот.
Рани впечатоци како студент по медицина
Додека сѐ уште бев студент по медицина и учев за човечкото тело, станував сѐ поимпресиониран од мудроста што се гледаше од неговата градба. На пример, бев воодушевен од способноста на телото самото да се лекува и да се обнови по повреда, како кога црниот дроб или некои ребра се способни повторно да пораснат до нормалната големина откако биле делумно отстранети.
Во исто време, видов многу жртви на тешки несреќи и ми беше жал кога ќе умреа затоа што примиле трансфузија на крв. До ден денес се сеќавам колку беше тешко да се разговара со роднините на пациентите кои умреле поради компликации со крвта. Обично, на роднините не им се кажуваше дека трансфузијата на крв ја предизвикала смртта на нивниот сакан. Наместо тоа, им беа давани други причини. Иако поминаа многу години, сѐ уште помнам дека имав непријатно чувството во врска со трансфузијата на крв, и на крајот дојдов до заклучок дека нешто не е во ред со таа постапка. Камо да го знаев тогаш Јеховиниот закон во врска со светоста на крвта! Тогаш, можеби немаше да се чувствувам непријатно во врска со она што гледав дека се практикува (Дела 15:19, 20).
Задоволство од тоа што им помагам на луѓето
Со текот на времето станав хирург и директор на центарот за медицинска помош во Санта Лусија. Исто така имав одговорности и во Националниот институт за биологија. Тоа ми причинуваше големо задоволство. Им помагав на луѓето со нивните болести, им го олеснував физичкото страдање, во многу случаи спасував животи и донесував нови животи на свет помагајќи им на мајките во текот на породувањето. Поради моите претходни искуства со трансфузијата на крв, избегнував да ја применувам и извршив илјадници операции без крв. Сметав дека крвавењето е како пукнатина во буре. Единственото вистинско решение е да се поправи пукнатината, а не само да се дополнува бурето.
Лекување пациенти што беа Сведоци
Моето познанство со Јеховините сведоци почна во 1960-те кога тие почнаа да доаѓаат за бескрвна операција на нашата клиника. Никогаш нема да го заборавам случајот на една пациентка, пионер (полновремен министер) по име Мерседес Гонзалес. Толку беше анемична што докторите во универзитетската болница не сакаа да ризикуваат и да ја оперираат зашто беа сигурни дека нема да преживее. Иако губеше крв, ја опериравме на нашата клиника. Операцијата беше успешна и таа продолжи со пионерската служба повеќе од 30 години, сѐ до нејзината неодамнешна смрт на 86 години.
Отсекогаш ме воодушевуваа љубовта и интересот што го покажуваа Сведоците додека се грижеа за нивните христијански браќа што лежеа во болница. Кога одев на визита, уживав да ги слушам кога зборуваа за нивните верувања и ги земав публикациите што ми ги нудеа. Никогаш не ми падна на памет дека наскоро јас нема да бидам само нивен доктор туку и нивен духовен брат.
Потесно се поврзав со Сведоците кога се оженив со Беатрис, ќерката на еден пациент. Повеќето од нејзиното семејство веќе беа поврзани со Сведоците, а откако се венчавме и таа стана активен Сведок. Јас, пак, од друга страна, бев потполно преокупиран со мојата работа и уживав извесен углед на полето на медицината. Се чинеше дека сѐ ми оди добро во животот. Немав претстава дека мојот свет наскоро ќе се сруши.
Погоден од неволја
Една од најлошите работи што може да му се случи на еден хирург е да го изгуби видот. Тоа ми се случи мене. Ненадејно ми прснаа двете рожници — бев слеп и не знаев дали видот ќе може да ми се поврати. Откако ме оперираа, лежев во креветот со преврзани очи и паднав во длабока депресија. Се чувствував потполно бескорисен и безнадежен дури до тој степен што одлучив да му ставам крај на мојот живот. Бидејќи бев на четврти спрат, станав од креветот и си го напипував патот по ѕидот, обидувајќи се да го најдам прозорецот. Сакав да скокнам и да се убијам. Меѓутоа, завршив во болничкиот ходник и една сестра ме одведе назад во мојот кревет.
Не пробав да го сторам тоа повторно. Но, во мојот свет на мрак, и понатаму бев депресивен и раздразлив. За време на овој период на слепило, му ветив на Бог дека ако прогледам, ќе ја прочитам Библијата од првата до последната страница. Постепено, видот делумно ми се поврати и можев да читам. Но, не можев да продолжам како хирург. Сепак, во Уругвај има една позната изрека „No hay mal que por bien no venga“, „Во секое зло има и нешто добро“. Допрва требаше да ја искусам вистинитоста на таа изрека.
Почеток на лева нога
Сакав да го купам изданието со големи букви на The Jerusalem Bible, но дознав дека Јеховините сведоци имаат поевтина Библија, која еден млад Сведок се понуди да ми ја донесе дома. Следното утро тој беше на мојата врата со Библијата. Мојата сопруга отвори и разговараше со него. Јас грубо извикав однатре дека ако му дала пари за Библијата, тој нема што повеќе да бара во мојата куќа и може да си оди, што тој веднаш и го стори. Не бев свесен дека токму тој човек наскоро ќе одигра значајна улога во мојот живот.
Еден ден ѝ ветив на мојата сопруга нешто што не можев да го исполнам. Па така, за да ѝ надоместам и за да ја израдувам, ѝ реков дека ќе одам со неа на годишниот Меморијал на Христовата смрт. Кога дојде тој ден, се сетив на моето ветување и отидов со неа на тој настан. Пријателската атмосфера и љубезното добредојде што ми беше укажано ме воодушевија. Кога говорникот почна со својот говор, се изненадив кога видов дека тоа е истиот млад човек на кој толку нељубезно му реков да си оди од мојата куќа. Неговиот говор длабоко ме трогна и ми беше многу жал што бев толку нељубезен со него. Како да му надоместам?
Ѝ реков на мојата сопруга да го поканиме на вечера, но таа предложи: „Не мислиш дека би било подобро ти да го поканиш? Само остани овде и тој ќе ни пристапи“. Во право беше. Тој дојде за да нѐ поздрави и со задоволство ја прифати поканата.
Разговорот што го водевме вечерта кога дојде на гости за мене беше почеток на многу промени. Ми ја покажа книгата The Truth That Leads to Eternal Life (Вистина која води до вечен живот)a‚ а јас му покажав шест примероци од истата таа книга. Различни пациенти, Сведоци, ми ги имаа дадено во болницата, но јас никогаш не ги прочитав. За време на и по вечерата, доцна во ноќта, поставував прашање врз прашање — а тој сите ми ги одговори користејќи ја Библијата. Дискусијата траеше до раните часови наредното утро. Пред да си оди, младиот човек ми понуди да ја проучува Библијата со мене, користејќи ја книгата Вистина. Завршивме со проучувањето на таа книга за три месеци и продолживме со книгата “Babylon the Great Has Fallen!” God’s Kingdom Rules! („Падна големиот Вавилон!“ Божјето Царство владее!).b По таа книга, му го предадов својот живот на Јехова Бог и се крстив.
Повторно се чувствувам корисен
Како резултат од дословното слепило, ‚очите на моето срце‘ се отворија за библиската вистина што дотогаш ја игнорирав! (Ефешаните 1:18). Тоа што го запознав Јехова и неговата љубезна намера ми го промени целиот живот. Повторно се чувствувам корисен и среќен. Им помагам на луѓето и физички и духовно и им покажувам како да си го продолжат животот за уште неколку години во овој систем на работи и за цела вечност во новиот.
Останав во тек со медицината и истражував за ризиците поврзани со крвта, за алтернативни лекувања, за правата на пациентите и за биоетиката. Имам прилика да ги споделам овие информации со локалната медицинска заедница кога сум поканет да зборувам на овие теми на медицински семинари. Во 1994, присуствував на првиот конгрес за бескрвно лекување во Рио де Жанеиро (Бразил), и одржав еден говор за тоа како да се постапи при крвавење. Дел од тие информации беа вклучени во една статија што ја напишав, „Una propuesta: Estrategias para el Tratamiento de las Hemorragias“ („Предлог: Методи за лекување при крвавење“), што беше издадена за медицинското списание Hemoterapia.
Интегритет под притисок
Во почетокот, моите сомневања околу трансфузијата на крв главно се темелеа на научното знаење. Меѓутоа, кога и самиот бев болнички пациент, видов дека не е баш лесно да се одбие трансфузија на крв и да се задржи верата и покрај силните притисоци од докторите. По еден тежок срцев удар, морав два часа да му го објаснувам мојот став на еден хирург. Тој беше син на еден мој добар пријател и рече дека нема да дозволи да умрам ако смета дека трансфузијата на крв ќе ми го спаси животот. Му се помолив во себе на Јехова, замолувајќи го да му помогне на овој доктор да го разбере и да го почитува мојот став дури и ако не се согласува со него. Конечно, докторот ми вети дека ќе ги почитува моите желби.
Во една друга прилика, мораше да ми се отстрани еден голем тумор од простатата. Дојде до крвавење. Повторно, морав да ги објаснувам причините зошто одбивам трансфузија на крв и, иако изгубив две третини од крвта, медицинскиот персонал го почитуваше мојот став.
Промена на ставот
Како член на Меѓународната асоцијација за биоетика, го имав задоволството да видам промена во ставот на медицинскиот персонал и на правните власти кон правата на пациентите. Апсолутистичкиот став на докторите е заменет со почит кон информираната согласност. Сега им дозволуваат на пациентите да учествуваат во изборот на лекување. Јеховините сведоци повеќе не се сметани за фанатици кои не заслужуваат медицинска нега. Напротив, тие се сметани за добро информирани пациенти чии права треба да се почитуваат. На медицинските семинари и на телевизиските програми, добро познати професори имаат кажано: „Благодарение на напорите на Јеховините сведоци сега сфаќаме . . .“ „Од Сведоците научивме . . .“ и „Тие нѐ научија да се подобруваме“.
Се вели дека животот е најважното нешто зашто без него независноста, слободата и достоинството би биле бесмислени. Мнозина сега прифаќаат еден подобар правен концепт, признавајќи дека секој поединец е сопственик на своите лични права и дека тој е единствениот што може да одлучи кои негови права треба да имаат приоритет во дадени околности. На овој начин, на достоинството, слободата на избор и религиозните верувања им е даден приоритет. Пациентот има слободна волја. Уредувањето за Служба за болнички информации на Јеховините сведоци им помогнало на многу доктори да напредуваат во разбирањето на овие работи.
Постојаната поддршка од моето семејство ми дозволи да бидам корисен во Јеховината служба, а и да служам како старешина во христијанското собрание. Како што веќе кажав, најмногу жалам што не дознав за Јехова порано во животот. Сепак, многу сум благодарен што ми ги отвори очите за да ја видам прекрасната надеж да живеам во Божјето Царство каде што „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24).c
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци.
b Издадена од Јеховините сведоци.
c Додека се подготвуваше оваа статија, брат Егон Хаусер почина. Тој почина верен до крај и се радуваме со него зашто неговата надеж е сигурна.
[Слика на страница 24]
Во моите 30-ти, кога работев во болницата во Санта Лусија
[Слика на страница 26]
Со мојата сопруга Беатрис, во 1995