Малите морски витези
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
КИТОВИ, делфини, ајкули — без сомнение, овие величествени морски суштества Ви ја будат фантазијата. Но, во морето живеат и „мали и големи животни“ (Псалм 104:25). За оние што имаат око за детали, и малите суштества можат да бидат извонредно интересни за набљудување.
На пример, на морското дно врват суштества што една книга ги опишува како „морски витези“. За разлика од средновековните витези, многу од овие мали „витези“ носат оклопи украсени со чудесни бои и шари. Овие минијатурни жители на длабочините спаѓаат во една мала група животни наречена лушпари, а познати се како морски ракчиња.
Од планктон до Вашата чинија
Можеби за Вас ракчињата се само вкусна морска храна. Меѓутоа, тие водат извонредно разнообразен живот пред да завршат на Вашата чинија. Некои женки ги носат оплодените јајца прицврстени за својот стомак сѐ додека не се изведат, додека други им ги препуштаат на морските струи, каде што тие се развиваат самостојно.
Од јајцата на ракчињата се изведуваат ларви, таканаречени зоае, кои потоа минуваат низ неколку развојни стадиуми во кои изгледаат многу поинаку од возрасните единки. Откако извесно време минуваат во густи облаци од планктони, овие ларви конечно се спуштаат на морското дно, каде што постепено го добиваат препознатливиот облик на возрасни ракчиња.
Менување на оклопот
Како успеваат возрасните ракчиња да растат кога нивното тело е покриено со цврст оклоп? „Во овој процес, (исто така наречен егдиза, или „преслекување“) под старата кожа се создава слој од нова, мека кожа“, стои во книгата Лушпарите во австралиските води (A Field Guide to Crustaceans of Australian Waters). „Потоа ракчето ја соблекува старата кожа и впива вода, при што новата кожа набабрува и така тоа може да продолжи да расте.“ Книгата Австралиското крајбрежје (Australian Seashores) објаснува: „Ова животно мора да го извлече целото тело од стариот оклоп — сите негови делови (кои навистина се многу), како големите и јаките така и малите и осетливите. Ракчето ги извлекува како што човек ги извлекува прстите од ракавица“.
Како ги извлекуваат раковите големите екстремитети, како што се клештите, низ тесните пукнатини кои се формираат на местата каде што му се спојуваат предниот и задниот дел? Писателот В. Џ. Дејкин вели: „Ова е возможно само затоа што живите делови на организмот се многу меки, па така можат да се провлечат низ тесните отвори. Всушност, во текот на преслекувањето, крвта се повлекува од екстремитетите во другите делови од телото, и така тие можат лесно да се стиснат кога се извлекуваат низ отворот“. Новиот оклоп ги има истите шари и бои како и претходниот — и тоа со добра причина.
Бои — едни за камуфлажа, други за „рекламирање на услуги“
Некои ракчиња што живеат меѓу пипките на анемоните се делумно проѕирни, а други имаат оклоп со исти бои како и нивниот домаќин. Вака камуфлирани и заштитени меѓу пипките на анемоната, ракчињата „плаќаат станарина“ така што вршат „домашни работи“, отстранувајќи ја нечистотијата што одвреме навреме се наталожува на домаќинот.
Други ракчиња, како што е ракчето-чистач, имаат многу живи бои. Овие ракчиња често живеат во големи групи под ивиците на некој гребен. Изгледа дека нивните живи бои служат за да ги рекламираат своите чистачки услуги. Рибите кои се нападнати од паразити пливаат во близина на нивниот дом и ги повикуваат ракчињата да се прошетаат по нивното тело. Дури мирно им дозволуваат да им влезат во устата и под жабрите. Овие мали „доктори“ ги отстрануваат и ги јадат сите паразити, а се хранат и со густиот слуз со кој е прекриено телото на рибата.
Без оглед на бојата на телото или на работата што ја вршат овие прекрасни мали суштества, едно е сигурно — нивниот оклоп е многу поубав од оние што ги носеле некогашните витези.
[Слика на страница 17]
Црвено ракче (Rhynchocinetes uritai)
[Слика на страница 17]
Проѕирно ракче (Periclemenes holthuisi)
[Слика на страница 17]
Царско ракче (Periclemenes imperator)
[Слика на страница 17]
Ракче што живее со анемоната (Thor amboinensis)
[Слика на страница 17]
Ракче-чистач (Periclemenes yucatanicus)
[Извор на слика на страница 17]
Сите фотографии освен на ракчето-чистач: © J and V Stenhouse