Ракче — деликатес од фарма?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЕКВАДОР
ДА, ОВОЈ деликатес од морска храна на кој се радуваат милиони луѓе, честопати доаѓа од фарма. Сепак, потрошувачот можеби никогаш нема да го знае ова поради тоа што ракчето кое се одгледува во фарма се разликува малку, ако и воопшто, од сортата која се одгледува во океан. Навистина, во Еквадор многу рибници со ракчиња се снабдени со млади ракчиња кои се земени директно од океанот.
Овие млади ракчиња, не подолги од еден и пол сантиметар, ги ловат рибари наречени ларверос, во речните устија по должината на брегот нанижан со мангрови дрвја или во големите бранови на океанот. Потоа, ги носат за да ги одгледуваат во рибниците. Но, на овој начин не можат да се обезбедат доволно ракчиња. Затоа, за да обезбедат млади ракчиња за своите рибници, многу фарми за ракчиња зависат од мрестилиштата кои имаат современи методи за аквакултура. Да погледнеме одблизу како функционираат фармите за ракчиња.
Посета на едно мрестилиште
Мрестилиштето кое го посетивме е сместено на една прекрасна плажа на Пацифичкиот брег. Едно мрестилиште за ракчиња мора да се наоѓа близу голема количина солена вода за да ги задоволи потребите на својот сложен систем за дистрибуција на вода. Се црпи вода од океанот, се филтрира, се загрева ако е потребно и се испраќа до различните цистерни кои се внатре.
Нѐ пресретна една пријателски расположена група од лежерно облечени поморски биолози, техничари и други работници. Наша прва станица беше просторијата за созревање. Тука, потполно пораснатите природни ракчиња се чуваат во цистерни за зреење, од 17.000 литри. „Овие ракчиња не се за јадење“, ни објасни нашиот водич. „Тие биле фатени потполно пораснати и донесени како резерви за размножување.“
Во просторијата за созревање се следи строг распоред за осветлување. Помеѓу 15.00 часот и полноќ — периодот за парење — светлата со слаба јачина се исклучуваат, а работниците со батерии ги бараат женките кои се готови за мрестење. Женките од видот Penaeus vannemei лесно се откриваат, со оглед на тоа што мажјакот им прицврстува една семена ќесичка од надворешната страна во пределот на стомакот. Штом работниците ќе забележат скотна женка, ја вадат и ја носат во една помала цистерна за мрестење, од 260 литри.
Таму, скотната женка се става на една платформа, во близина на врвот од една конусна цистерна — по една женка во секоја цистерна — сѐ додека не ги измрести своите 180.000 или повеќе јајца. Додека јајцата излегуваат, тие се оплодуваат преку контактот со желатинозната семена ќесичка. После тоа, јајцата и водата се цедат преку подлогата на цистерната за мрестење, која е слична на инка. Техничарите водат белешки за бројот на јајцата од секое мрестење.
Неколку часа после мрестењето, ларвите во ограничени количини се преместуваат во она што е познато како цистерни за култури. Тие изгледаат како огромни кади и содржат околу 11.000 литри вода. Во следните 20 до 25 дена, овие цистерни служат како дом за да се развијат ларвите кои се хранат со алги и суви морски животни.
Каде созреваат ракчињата
Ракчињата, сега наречени постларви, се преместуваат во фармите. Штом се веќе таму, ракчињата произведени во мрестилиште и нивните роднини размножени во океан добиваат слична нега. Нив ги ставаат во мали базени за да се провери нивното приспособување кон новата температура и кон степенот на соленост на водата. После неколку дена, тие се спремни за големите рибници. Овие рибници, направени од човек, се граничат со еден канал — резервоар. Во овој канал редовно се пумпа вода од океанот или од речното устие. Големината на овие гранични рибници се движи од околу 5 до 10 хектари. На младите ракчиња им се дозволува да растат во овие рибници од три до пет месеци.
Во текот на периодот на растење, секој ден се мери нивото на кислород во водата од рибниците. Исто така, седмично се проверува брзината на растот на ракчето за да се приспособи програмата за хранење. Се вложуваат напори да се одржи зголемување на тежината, од 1 до 2 грама седмично.
Време на собирање
Во времето на собирање, додека водата од рибникот се испушта, ракчињата се ловат или се црпат додека се приближуваат кон излезот. Потоа, свежо собраните ракчиња се плакнат и се покриваат со мраз за непосреден транспорт до еден од објектите за пакување. Таму, освен ако купувачот не бара поинаку, главите на ракчињата се вадат, додека нивните опашки остануваат. Ракчињата се мијат и се сортираат според големината, а после тоа се пакуваат и се замрзнуваат за транспорт, обично во кутии од по 2 килограми.
Затоа, кога следниот пат ќе уживате во ракчиња, би можеле да се сетите дека овој деликатес од морски животни веројатно бил одгледан во рибник во некое место, на пример во Латинска Америка или во Азија.
[Слика на страница 16]
Големината на ракчињата кога се собираат
[Слика на страница 16]
Рибарите ловат млади ракчиња
[Слика на страница 17]
Цистерни за култури во мрестилиштето
[Слика на страница 17]
Чистење на ракчињата во објектот за пакување
[Слика на страница 17]
Пакување на ракчињата според големината