Случајно или создадено?
Окото на еден морски рак
● Морскиот рак од видот Odontodactylus scyllarus, кој може да се најде во водите на Големиот Корален Гребен во Австралија, има најсложен вид во целиот животински свет. Д-р Николас Робертс вели: „Просто е неверојатно! Надминува сѐ што луѓето досега успеале да направат“.
Размисли: Овој морски рак може да ја види поларизираната светлина и да ја трансформира на начини на кои луѓето не можат. Поларизираните светлосни бранови може да се движат праволиниски и спирално. За разлика од другите суштества, овој вид рак не само што може да ја гледа поларизираната светлина и во праволиниски и во спирален облик туку може и да ја трансформира од едниот во другиот облик. Ова придонесува да има извонреден вид.
Дивиди плеерите работат на сличен принцип. За да ги обработи информациите, еден дивиди плеер мора да ја трансформира поларизираната светлина насочена кон дискот најпрво во спирален облик, а потоа повторно да ја преобрази во праволиниски облик. Но, морскиот рак од видот Odontodactylus scyllarus оди чекор понапред. За разлика од обичниот дивиди плеер, кој може да ја трансформира само црвената или, кај плеерите со висока резолуција, сината светлина, окото на овој рак може да ја трансформира светлината во сите бои на видливиот спектар!
Истражувачите сметаат дека, по модел на окото на овој рак, инженерите ќе можат да направат дивиди плеер за дискови што ќе собираат многу повеќе информации отколку денешните. „Она што посебно одушевува е прекрасната едноставност“, вели д-р Робертс. „Функционира далеку подобро од сите видеоапарати што човекот се обидел да ги направи“.
Што мислиш? Дали извонредното око на морскиот рак Odontodactylus scyllarus настанало случајно или е дело на мудар Творец?
[Извор на слика на страница 24]
Со љубезна дозвола на Stephen Childs