Стрес — причини и последици
ШТО е стрес? Според д-р Мелиса Степлер, стресот може да се дефинира како „секој физички, хемиски или емоционален фактор што создава телесна или умствена напнатост“. Дали ова значи дека стресот секогаш е штетен? Не. Како што вели д-р Степлер, „умерениот стрес и благата напнатост понекогаш можат да бидат корисни. Умерениот стрес што го чувствуваме кога работиме некој проект или некоја задача честопати нѐ поттикнува да дадеме сѐ од себе и добро да си ја завршиме работата“.
Тогаш, кога стресот станува проблем? Д-р Степлер вели: „Штетните последици доаѓаат тогаш кога стресот е многу голем или кога не знаеме како да се справиме со него“. Да разгледаме некои вообичаени извори на стрес.
Да се заработи за живот
Цар Соломон рекол: „Нема друга среќа за човекот освен да јаде и да пие и да биде задоволен со својата работа“ (Проповедник 2:24). Меѓутоа, за мнозина работното место е котел во кој врие од притисоци.
Во еден извештај од Европскиот завод за безбедност и здравје на вработените се наведени некои причини поради кои вработените страдаат од стрес. Меѓу другото, тоа се лошата комуникација меѓу управата и вработените, тоа што управата не им дава никаков збор на вработените во одлуките што се однесуваат на нив, па тука се и недоразбирањето со колегите, или тоа што работата не е сигурна и/или платата е мала. Кои и да се причините, поради тоа што се борат со притисоците на работното место, вработените родители немаат сила да се грижат за потребите на своето семејство. А тие потреби можат да бидат огромни. На пример, во Соединетите Држави, во период од една година, околу 50 милиони луѓе се грижеле за некој болен или остарен член на семејството. И финансиските проблеми можат да бидат голем извор на стрес во семејството. Рита, мајка на две деца, се соочила со финансиски тешкотии кога маж ѝ, Леонардо, имал сообраќајна несреќа при што останал во инвалидска количка. Рита признава: „Финансиските проблеми создаваат напнатост. Кога немате пари за да ги покриете сите трошоци во домот, тоа влијае врз вашето расположение“.
Проблемите на самохраните родители
И самохраните родители се соочуваат со голем стрес додека се трудат да ги задоволат потребите на семејството. На пример, една самохрана мајка мора да стане рано за да подготви појадок, да ги облече децата, да ги однесе на училиште, да стигне навреме на работа и таму да исполни сѐ што се очекува од неа, поради што на крајот е и физички и емоционално исцрпена. А кога ќе заврши работниот ден на мајката, почнува друг циклус на стрес зашто брза да ги земе децата од училиште, да направи вечера и да ги заврши работите низ дома. Марија, самохрана мајка на четири ќерки, кои се во тинејџерските години, го споредува својот живот со експрес-лонец и вели: „Понекогаш ќе се насобере толкав притисок што мислам дека ќе експлодирам“.
Деца под стрес
Социологот Роналд Питсер вели: „Голем број млади луѓе доживуваат големи стресови“. Мораат да се соочат со физичките и емоционалните промени што ги носи пубертетот. Изложени се на притисок и на училиште. Според книгата Childstress! еден обичен ден на училиште е „исполнет со проблеми и притисоци што создаваат стрес. Проблеми во учењето, спортските активности, во односите со врсниците и со наставниците“.
На некои места владее страв од насилство во училиштата — а да не спомнуваме колку млади сега се плашат од терористички напади и други несреќи. „Ако родителите постојано зборуваат колку е страшен светот“, пишува една тинејџерка, „ќе живееме во страв.“
Родителите треба да бидат извор на сила за своите деца. Но, господин Питсер вели: „За жал, кога децата и тинејџерите ќе се потрудат да разговараат за своите длабоки чувства, родителите честопати не ги сфаќаат сериозно, реагираат негативно, си наоѓаат оправдувања зошто не ги сфаќаат сериозно или, пак, ги игнорираат“. Во некои случаи, родителите не реагираат на потребите на своите деца затоа што се преокупирани со своите брачни проблеми. „Моите родители нон-стоп се караа“, вели младиот Тито, чии родители на крајот се развеле. Како што се вели во книгата Childstress!, „тепачките и кавгите не се единствената причина за траума. Децата се вознемирени и од придушената нетрпеливост меѓу родителите, иако е прикриена со слаткоречиви зборови“.
Цената на стресот
Сеедно дали сте млади или стари, сеедно дали Вашиот стрес се должи на работата или на училиштето, хроничниот стрес може многу лошо да се одрази врз Вашето здравје. Еден медицински стручњак објаснува: „Она што се случува со телото кога е под стрес може да се спореди со она што се случува со еден авион кога се подготвува да полета“. Да, кога сте под стрес, срцето почнува побрзо да Ви чука, а крвниот притисок нагло Ви се покачува. Ви се покачува и нивото на шеќер во крвта. Почнуваат да се лачат хормони. Истиот стручњак продолжува: „Ако стресот трае подолго, сите органи од телото што реагираат на стрес (мозокот, срцето, белите дробови, крвните садови и мускулите) стануваат или хиперактивни или хипоактивни. Со текот на времето, тоа може да доведе до физички или психички нарушувања“. Списокот на болести за коишто стресот многу придонесува е алармантно долг: срцевите заболувања, мозочниот удар, падот на имунитетот, ракот, мускулоскелетните заболувања и дијабетесот, се само некои од нив.
Посебно загрижува тоа што мнозина — а особено младите — се обидуваат да го совладаат стресот на погрешен начин. Д-р Бети Јангс со жалење вели: „Жално е да се види дека, сакајќи да се ослободат од болката, тинејџерите излезот го бараат во алкохолот и дрогата, бегањето од часови, деликвенцијата, промискуитетот, агресијата и насилството и бегањето од дома — работи што им донесуваат многу пострашни проблеми од оние од кои се обидуваат да избегаат“.
Стресот е дел од современото живеење; не можеме потполно да го избегнеме. Но, како што покажува следната статија, можеме да направиме многу за да го држиме под контрола!
[Истакната мисла на страница 6]
„Понекогаш ќе се насобере толкав притисок што мислам дека ќе експлодирам“
[Слика на страница 5]
Самохраните родители често живеат под голем притисок
[Слика на страница 6]
Младите можат да бидат ставени под голем притосок на училиште