ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g05 8/6 стр. 14-17
  • Шест континенти на едно место

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Шест континенти на едно место
  • Разбудете се! 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Животни од шест континенти
  • Одржување на природниот резерват
  • Содржина
    Разбудете се! 2005
  • Животни
    Разбудете се! 2015
  • Зоолошките градини денес
    Разбудете се! 2012
  • Свирепост кон животните — дали е погрешна?
    Разбудете се! 1999
Повеќе
Разбудете се! 2005
g05 8/6 стр. 14-17

Шест континенти на едно место

Од дописникот на Разбудете се! во Украина

ДАЛИ сакате да ги набљудувате животните додека се во својата природна средина? Ако да, тогаш сигурно би уживале да можете да видите на едно место животни од Австралија, Азија, Африка, Европа, и Јужна и Северна Америка. Дали е можно да доживеете вакво нешто? Да, ако го посетите Природниот резерват Асканија Нова кој се наоѓа во јужна Украина. На тамошните рамнини слободно се движат крда диви животни кои потекнуваат од сите шест континенти и живеат заедно во мир.

Историјата на овој резерват започнува уште во далечната 1883 година. Таа година, еден германски доселеник по име Фридрих Фалц-Фајн избрал еден дел од недопрената степа и основал природен резерват. Тој веќе поседувал приватна зоолошка градина со над 50 видови птици и цицачи. Во 1887 година, на овој резерват му била додадена и една ботаничка градина. Денес во Природниот резерват Асканија Нова има ботаничка градина, преку 11.000 хектари недопрена степа и зоолошка градина.

Додека се приближуваме кон резерватот, најпрво ја здогледуваме ботаничката градина. Во неа има најразлични видови дрвја што низ годините научниците ги носеле од сите страни на светот. Тие дрвја растат низ целиот парк, кој зафаќа површина од околу 200 хектари. Бидејќи резерватот се наоѓа во сушно подрачје, биле ископани артески бунари и канали за наводнување за да можат дрвјата и грмушките секогаш да имаат доволно влага. Уникатниот изглед на паркот и неговиот систем за наводнување биле наградени со златен медал на Светскиот саем што се одржал во 1889 година во Париз.

Животни од шест континенти

Ја оставаме ладовината на ботаничката градина и тргнуваме кон сончевата степа. Таму, на ограден простор од 2.500 хектари, живеат крда диви животни. Ги има околу 50 видови. Да видиме најпрво некои животни од Африка.

Големиот африкански бивол е едно од најпознатите и најопасните диви животни. Изгледа многу импресивно, не само поради својата големина — до плеќи е висок околу 1,7 метри — туку и поради своите рогови долги скоро еден метар. Бидејќи биволите се непредвидливи и знаат да нападнат ако им се најдете во близина, подобро е да не им приоѓате преблизу.

Едно друго животно исто така ни го привлекува вниманието — антилопата орикс од југоисточниот дел на Африка. Бидејќи во резерватот е забранет лов, овие антилопи мирно живеат на ова подрачје уште откако биле донесени за првпат во 1892 година. Тие немаат страв од посетителите и пасат во нивна непосредна близина. Некои од нив биле дури припитомени и можат да се молзат исто како што се молзат крави. Нивното хранливо млеко, кое содржи висок процент масти, се користи за медицински цели како, на пример, за лекување на чир во желудникот.

Ему е голема птица-тркач која потекнува од Австралија. Всушност, од неа е поголем само нојот. Некои емуа достигнуваат висина од 1,8 метри и тежат до 60 килограми. Иако овие птици се одвоени од другите животни со ограда од жица, сепак имаат доволно простор за слободно да си трчаат наоколу.

Во врска со емуто е особено интересно тоа што малечките кои сѐ уште не се изведени реагираат кога ќе го слушнат гласот на возрасниот мажјак. На пример, некои велат дека кога на птичките што наскоро треба да се изведат ќе им се пушти снимка на која се слуша гласот на мажјакот, толку се размрдуваат што јајцето се ниша ваму-таму. Но, тие исти птички не реагираат кога ќе го слушнат гласот на женката. Зошто?

Иако женката ги несе јајцата, мажјакот лежи на нив отприлика 50 дена сѐ додека не се изведат. По тоа, мажјакот продолжува да се грижи за нив. Значи, уште пред да се изведат, птичките веќе знаат кој води грижа за нив. Освен тоа, јајцата на емуто не се баш обични — тие се темнозелени и многу големи, секое тежи околу 700 грама.

Во овој резерват живеат и крда диви коњи од видот Пржевалски. Тие биле донесени од монголските прерии во 1899 година. Се смета дека поради лов и уништување на нивните пасишта, во 1960-тите овие коњи биле истребени во дивината.

Денес во зоолошките градини и во резерватите живеат околу 1.100 коњи од овој вид, меѓу кои спаѓаат и стотината што живеат во Резерватот Асканија Нова. Стручњаците настојуваат да ги вратат овие коњи во нивните природни живеалишта. Од таа причина во 1992 и 1993 година, 21 коњ биле вратени во Монголија.

Најбројниот животински вид во овој резерват е еленот сика, кој обично живее во Кина и во Јапонија. Ова мило суштество има на грбот пеги што личат на ситни цветови. Има нежна градба и прекрасни рогови што гордо ги носи на своето мало главче.

Гајалите, огромни полупитоми индиски говеда, исто така можат да се видат како мирно пасат по степите. Во Индија, овие животни талкаат низ шумите преку ден, а навечер се враќаат во селото. Иако во Асканија Нова нема ниту шума ниту села, се чини дека овие говеда се привикнале на овдешнава степа и на крдата други животни што пасат покрај нив.

Американскиот бизон, односно бафало, е импресивен поради својата сила и големина. Пред околу 150 години, милиони вакви огромни диви говеда талкале по прериите на Северна Америка, но со текот на времето со лов биле скоро потполно истребени. Крдото на американски бизони што живее во овој резерват е единствено од таков вид во Европа. Во овдешните степи овие бизони се чувствуваат како дома во текот на целата година.

Претставник на Јужна Америка е птицата нанду, огромна птица-тркач, слична на австралиското ему. Таа може да порасне во височина од 1,5 метар и да тежи до 50 килограми. Како и кај емуто, и кај оваа птица врз јајцата лежи мажјакот. Значајна разлика меѓу овие две птици е што емуто се пари само со една женка, а мажјаците на нандуто се парат со повеќе женки. Така, три до пет женки можат да снесат јајца во исто гнездо.

Елените и срните биле донесени од европските земји. Тие се издржливи животни што се хранат со степска трева и добро можат да поднесат и ладно и жешко време. Одреден број од овие елени и срни се испраќаат во други резервати и ловишта во разни делови на Европа за да се зголеми тамошната популација на тие животни. Во 1960 година, од Северна Европа во Асканија Нова биле донесени и Шетландските пони коњи. Оттогаш нивниот број во резерватот значајно се зголемил.

Овој резерват е дом и на зебри, на пругасти гнуа (големи африкански антилопи), азиски диви магариња, сајги (евроазиски антилопи), како и на многубројни видови птици. Некои животни остануваат на отворено во степите во текот на целата година, додека другите се водат на фарми, каде што зиме живеат во затворен простор.

Одржување на природниот резерват

Денес, стручњаци од Украинскиот завод за научни истражувања доаѓаат во Асканија Нова за да вршат разни истражувања. Тие вложуваат многу труд за да ги зачуваат овдешните степи и да им помогнат на животните да се приспособат за живот во својата нова околина. Научниците исто така настојуваат да го обогатат постоечкиот свет на егзотични и ретки животни.

Природни резервати постојат во разни делови на светот. Ги има во прериите и пампасите на Северна и Јужна Америка, во африканските савани, по австралиските тревни рамници и азиските и европските степи. Секој си има свои обележја и голема разноликост од растителен и животински свет. Резерватот Асканија Нова покажува дека животни од разни делови на светот можат да се приспособат на нова околина и да живеат заедно во мир.

Многу луѓе желно го очекуваат Божјето Царство кое е проречено во Библијата и кое ќе овозможи на Земјата да завладее мир, не само меѓу луѓето туку и меѓу многуте видови животни (Исаија 11:6-9; Осија 2:18; Дела 10:34, 35).

[Карта на страница 14]

(Види во публикацијата)

Природен резерват Асканија Нова

[Слика на страница 15]

Антилопа орикс

[Слика на страница 15]

Африкански бивол

[Слика на страница 15]

Ему

[Слика на страница 16]

Елен сика

[Слика на страница 16]

Коњ Пржевалски

[Слика на страница 16]

Американски бизон

[Слика на страници 16 и 17]

Резерватот е дом и на многу видови птици

[Слика на страница 17]

Нанду

[Слика на страница 17]

Срна

[Слика на страница 17]

Елен

[Слика на страница 17]

Ботаничка градина

[Извори на слики на страница 15]

Орикс и ему: Природен резерват „Асканија Нова“, Украина; Земјина топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

[Извори на слики на страница 16]

Елен: Природен резерват „Асканија Нова“, Украина; прикази на Земјината топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

[Извори на слики на страница 17]

Птици: Природен резерват „Асканија Нова“, Украина; цвеќиња и парк: Olha Dvorna/ Природен резерват „Асканија Нова“, Украина; прикази на Земјината топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели