Зоолошките градини денес
ПРЕД три илјади години, еден кинески цар направил парк и го нарекол Градина на знаењето. Во паркот имало многу животни, а зафаќал површина од 607 хектари. Во тоа време, таков парк сигурно бил вистинска реткост.
Но, денес зоолошките градини им се достапни на милиони луѓе низ целиот свет. „Бидејќи природните живеалишта на животните стануваат сѐ помали, а сѐ повеќе луѓе живеат во градовите, за мнозина зоолошките градини се единствените места каде што можат да бидат во контакт со природата“, се вели во книгата Зоолошките градини во 21 век (Zoos in the 21st Century).
Што нуди една зоолошка
Зоолошките им нудат на посетителите можност да видат некои од најубавите и најинтересните животни во средина што прилично наликува на нивното природно живеалиште. На пример, во реплика на тропска градина може да се видат прекрасни пеперутки во разигран лет или, пак, во заграден простор сличен на ледените пространства на Антарктикот може да се видат пингвини кои уживаат под туш од ледена вода.
Можеш да се шеташ низ минијатурна екваторска шума и да видиш некои од животните и птиците што живеат во неа. Има и затемнети простории во кои може да се набљудуваат животните кои се активни ноќе. Во некои зоолошки има дури и птици-грабливки во лет, а има и делфини кои прават разни акробации во водата. Кафезите во кои порано беа сместени опасните животни сега се заменети со отворен простор опкопан со ров кој ги штити посетителите од дивите ѕверови.
Две страни на иста приказна
Некои активисти за заштита на животните не се сложуваат видовите да бидат земени од нивната природна средина и ставени во неприродно опкружување. Според нив, зоолошките им го ограничуваат движењето на животните и им го нарушуваат инстинктивното однесување.
На ова, претставниците на зоолошките градини велат дека овие институции играат важна улога во зачувувањето на видовите и во едуцирањето на јавноста. „Наша цел е да ги поучиме луѓето да ги ценат животните“, објаснува Хајме Рул, од зоолошката градина Фаунија во Мадрид (Шпанија). „Сакаме кај нашите посетители да разбудиме желба да помогнат да се заштитат природните живеалишта на животните, без кои тие не би преживеале.“ Некои истражувања покажуваат дека добро организираните зоолошки градини ја подигаат свеста на јавноста дека мора да се стори нешто за да се заштитат загрозените видови.
Некои ретки видови — како што е големата панда — посебно ги имаат симпатиите на јавноста. „Сите посетители сакаат да ги видат нашите две панди“, вели Ноелија Бенито од Зоолошката градина и аквариум во Мадрид. „Ова познато животно стана симбол на нашата борба за спас на загрозените видови. Се надеваме дека нашите панди ќе имаат потомство, иако овие животни се многу пребирливи кога станува збор за партнер.“
За разлика од пандите, многу животни се парат во зоолошките, благодарение на подобрените услови и добрата ветеринарна нега. Успешните програми за размножување ги замолкнаа критичарите кои тврдат дека зоолошките градини не треба да се занимаваат со купување или продавање на загрозени видови. Освен што имаат цели групи животни кои може секој да ги види, многу зоолошки вложуваат напори и во размножување на загрозените видови со надеж еден ден повторно да ги вратат во природната средина.
Главна причина за изумирање на видовите во дивината е уништувањето на нивните живеалишта. Затоа, зоолошките градини активно се вклучија во финансирање на програми за заштита на животните во директна соработка со резерватите за зачувување на живиот свет во тропските земји.a
Да учиме од природата
Бидејќи повеќето деца сакаат животни, кога целото семејство оди во зоолошка за време на викенд или одмор, родителите имаат можност да ги поучат децата за Божјето творештво. Заедно можат да го набљудуваат природниот свет.
Човекот отсекогаш се интересирал за животните. Вреди да го негуваме овој интерес кај децата бидејќи природата ни помага да го запознаеме нашиот Творец. Посетата на некоја зоолошка градина може да ја зголеми почитта и да ја подигне свесноста за прекрасните суштества кои ја населуваат нашата загрозена планета.
a Се чини дека напорите да се спасат тигарот во Азија, лемурите на Мадагаскар и приматите во Африка се успешни.