Останав без работа!
„Кога ја изгубив работата, како некој да ме полеа со ладна вода. Самопочитта ми падна на најниско ниво“ (Тони, Германија).
„Се чувствував како некој да ми стави камен од 100 кила на глава. Бидејќи сум самохрана мајка, се секирав што ќе им дадам да јадат на моите две деца и како ќе си ги плаќам сметките“ (Мери, Индија).
„Многу се разочарав кога останав без работа и бев загрижен дали ќе можам да најдам друга работа“ (Хаиме, Мексико).
НИЗ целиот свет, милиони луѓе се во иста тешка состојба како Тони, Мери и Хаиме. Според некои проценки, пред почетокот на овој век, околу 10 проценти од работоспособното население во Европа и Централна Азија — околу 23 милиони луѓе — биле невработени. Во некои помалку развиени земји, повеќе од една четвртина од работоспособното население е без работа. Во изданието на The New York Times од јули 2003, беше известено дека во Соединетите Држави, „во последните 28 месеци, речиси вкупно 2,6 милиони работници останале без работа“.
Во многу земји барањето работа наидува на сериозни препреки. На пример, секоја година голем бран од дипломирани средношколци и студенти се впуштаат во трката по работа. Освен тоа, универзитетската диплома или стручната спрема не е гаранција дека човек ќе најде работа за којашто се школувал. Затоа, сега не е ништо чудно луѓето да сменат и по неколку работни места. Некои дури мораат сосем да ја сменат кариерата.
Ако останете без работа, што би можеле да направите за да имате поголеми шанси да најдете нова работа? А кога ќе најдете, што можете да направите за да ја задржите?