Пчеларки разнобојни небесни акробати
Од дописникот на Разбудете се! во Шпанија
ЗАМИСЛЕТЕ си едно семејство птици на чии перја ја има речиси секоја боја од виножитото. Додека летаат, можат да ги надлетаат дури и некои од најбрзите инсекти. А некои од нив спаѓаат меѓу малкуте видови птици кои образуваат семејни групи во кои роднините си помагаат едни на други во подигањето на младите. Ова се само три од многуте фасцинантни карактеристики на пчеларките.
Меѓутоа, она што веднаш им го привлекува погледот на набљудувачите на птици е нивната разнобојност. Многу птици што се хранат со инсекти имаат неодредена боја и не паѓаат в очи. Но пчеларките имаат ненадминлив спектар на бои и изведуваат акробатски вештини во воздухот што речиси не постои набљудувач на птици што би ги заборавил. Нивните перја може да бидат светло зелени, сини, црвени и жолти. Некои видови, како европската пчеларка, ги имаат сите овие бои, па дури и повеќе! А австралискиот вид сосем со право е наречен птица виножито.
Пчеларките живеат во многу делови на Австралија, Азија, Африка и јужна Европа. Бидејќи ретко можат да се видат затворени, во нивната убавина мора да се ужива во природа. „Многу е интересно да се набљудуваат овие бестрашни и енергични птици“, се вели во Wildwatch, публикација што е достапна на Интернет. „Бидејќи повеќето видови се доста опуштени во друштво на луѓето, постојат многу прилики за фотографирање.“
Извонредни летачки подвизи
Пчеларките се експерти за ловење инсекти во лет. А бидејќи повеќе ги сакаат големите крилести инсекти, како што се пчелите, осите и стршлените, мораат да бидат и брзи и подвижни. Им помага и остриот вид. Европската пчеларка може да забележи пчела или оса на оддалеченост од 100 метри.a
За да го уловат пленот, некои пчеларки користат техника на пикирање, спуштајќи се одозгора на инсектот. Или уште почесто, ќе слетаат на некоја издадена гранка и нагло се пуштаат по некој инсект што минува. Други видови користат уште потешки техники. Прво, летаат ниско зад и под инсектот надвор од неговиот видокруг — честопати речиси допирајќи ја земјата. Потоа, малку се издигнуваат, ја креваат главата и го фаќаат инсектот со својот долг клун.
Некои африкански пчеларки, во потрагата по храна, ја користат помошта од другите. Може да летаат покрај некои големи животни, други птици, па дури и возила кои им помагаат така што ги зашеметуваат инсектите што ги ловат. Бестрашната црвенограда пчеларка дури може и да си најде превоз на грбот на некој ној, некоја коза или зебра. Овие домаќини, не само што се удобно одморалиште за пчеларката, туку и ги зашеметуваат скакулците со коишто таа се храни. Исто така, и шумските пожари привлекуваат големи јата црвеногради пчеларки, кои лакомо ги голтаат скакулците што се трудат да избегаат од огнот.b
Сончање, чистење и миење
За брзо летање потребно е перјата да бидат во најдобра состојба, а пчеларката има цела низа техники за да ги отстрани паразитите и да си ги одржува перјата чисти. Ова не е мала работа. Една просечна пчеларка 10 проценти од денот ги посветува на оваа „постапка за да ѝ биде поудобно“.
Сончањето може да ја згрее птицата наутро, а честопати е проследено со чистење. Изгледа дека топлината од сонцето ги прави паразитите поактивни и полесно се отстрануваат. Некои видови пчеларки сакаат да се сончаат во група при што неколку од нив застануваат во иста положба. Со грбот свртен кон сонцето и со раширени крилја, изгледаат како група туристи што се релаксираат на плажа.
Миењето не го прават толку често и обично за да се измијат се нурнуваат во водата додека летаат. Во сушните подрачја пчеларките мораат да се задоволат со тоа да се прпелаат во правот. После тоа, птиците секогаш минуваат време во чешање и чистење на перјата. Оваа секојдневна рутина е главниот начин на кој се ослободуваат од паразитите, кои се постојан проблем за сите живи суштества што живеат во дупки во земјата, како што се пчеларките.
Дружење
Повеќето пчеларки се многу друштвени по природа. Неколку видови се размножуваат во големи групи, а во некои од нив може да има и до 25.000 птици. Обично живеат на големи песокливи речни брегови, каде што птиците лесно можат да си ги копаат дупките. Местата за гнездење во кои има големи групи им даваат поголема заштита од грабливците, а тоа што тесно соработуваат им помага брзо да најдат место со доволно храна. Дури и кога бараат храна, дружељубивите пчеларки остануваат заедно и одржуваат контакт со своите продорни крици.
Кај некои видови, како на пример белоградата пчеларка, поширокото семејство соработува при подигањето на пилињата.c Обично помагаат веќе возрасните потомци на родителите, а нивната соработка овозможува успешно да се подигнат двапати повеќе пилиња. „Овие помошници помагаат во сите должности околу размножувањето: помагаат да се ископа гнездото, да се лежат јајцата и, што е најважно, да се хранат младите“, објаснува книгата Kingfishers, Bee-Eaters and Rollers (Водомари, пчеларки и златни врани).
Семејните групи на пчеларките многу сакаат да стојат заедно. Секоја птица застанува толку близу до другата што изгледаат како да сакаат да се наместат за сликање. Понекогаш, неколку птици ќе се стиснат една до друга на иста гранка. Овој обичај несомнено им помага да ја одржуваат телесната топлина во текот на ладните ноќи.
Убави птици со една слабост
Неодамна, пчеларките почнаа да се специјализираат за јадење скакулци, особено во западна Африка, каде што штетните скакулци преселници ги има во изобилство. Црвеноградата пчеларка дури ги има приспособено парењето и селењето за да може да ужива во оваа изобилна храна. Таа сега ги следи скакулците преселници додека се ројат долж реката Нигер.
Сепак, како што кажува и нивното име, на пчеларките слабост им се пчелите — тие им се омилен деликатес. Нормално, тие не им се баш омилени птици на одгледувачите на пчели. Ако ја гледаме позитивната страна, тие се хранат и со оси и стршлени кои, пак, ги ловат пчелите, а во есен, се хранат со стари пчели кои е можно да ја заразат целата кошница со некоја болест.
„Денес набљудувачите на птици им се восхитуваат на пчеларките поради нивните разнолики и убави перја“, се вели во Handbook of the Birds of the World. Некои живеалишта на пчеларки се значајна туристичка постојка за туристите што одат на сафари во Африка.
Ако живеете во место каде што има пчеларки, зошто не одвоите малку време за да уживате во несекојдневната глетка што ја даваат овие разнобојни небесни акробати?
[Фусноти]
a Кога ловат инсекти со осило, како што се пчелите или осите, пчеларките внимаваат да не го проголтаат инсектот пред да го отстранат отровот. Обично слетуваат на некоја гранка и внимателно го тријат стомакот на инсектот од неа за да го извадат отровот. Дури на момент си ги затвораат и очите за да не им прсне отров во нив.
b Поради ова, локалното име за црвеноградата пчеларка во западна Африка значи „роднина на огнот“.
c Во Кенија, една група составена од 400 белогради пчеларки имала 60 семејства. Истражувачите ја опишуваат нивната социјална структура како можеби една од најсложените што се изучувани досега кај кој и да било вид птици.
[Слика на страница 15]
Мала пчеларка (источна Африка)
[Слика на страница 15]
Птица виножито (Австралија)
[Слика на страница 15]
Сомалиска пчеларка (Кенија)
[Слика на страница 15]
Белограда пчеларка (Африка)
[Слика на страница 16]
Европски пчеларки (Шпанија)
Додворување при кое мажјакот ѝ нуди долгоножец на женката
[Слика на страница 16]
Пчеларки (Израел)
[Слика на страница 16]
Црвеногради пчеларки (Боцвана)
[Слика на страница 17]
Црвеногради пчеларки (Боцвана)
[Извор на слика]
©kevinschafer.com
[Слика на страница 17]
Црвеногради пчеларки (Сингапур)