Поглед во светот
◼ Се проценува дека во текот на 2000 година, во светот имало 8,3 милиони нови случаи на туберкулоза, а скоро два милиона жртви (на ТБЦ) умреле — речиси сите во неразвиените земји (MEDICAL JOURNAL OF AUSTRALIA).
◼ „Моментално десет милиони млади луѓе живеат со ХИВ, а преку половина од 4,9 милиони што секоја година се заразуваат низ целиот свет се на возраст од 15 до 24 години“ (UNITED NATIONS POPULATION FUND).
◼ Со сателит беа следени патувањата при кои албатросите ја обиколуваат Земјата. Најбрзиот ја обиколил за само 46 дена (СПИСАНИЕТО SCIENCE, U.S.A).
◼ „Секој час од секој ден, светот троши преку 100 милиони долари на војници, оружје и муниција“ (VITAL SIGN 2005, WORLDWATCH INSTITUTE).
Свештениците сѐ почесто мета на насилство?
Во 2005 година, во лондонскиот весник Daily Telegraph беше објавено: „Една од најопасните професии во [Британија] е да се биде свештеник“. Една анкета, што британската влада ја спроведе во 2001 година, покажа дека речиси три четвртини од свештениците интервјуирани во анкетата биле малтретирани или физички нападнати во претходните две години. Од 1996 година наваму биле убиени најмалку седуммина свештеници. Во една приградска населба, Мерсисајд, „секој ден има, во просек, по еден физички напад, грабеж, или подметнат пожар во еден од 1.400-те верски објекти“.
Неверојатна биолошка разноликост
И покрај тоа што дождовните шуми се уништуваат, „во внатрешноста на островот Борнео има неверојатно голема биолошка разноликост“, известува The New York Times. Според Светската фондација за заштита на природата, помеѓу 1994 и 2004 година, на овој остров, кој е поделен меѓу Брунеи, Индонезија и Малезија, биолозите откриле 361 нов вид растенија и животни. Меѓу откриените видови се 260 инсекти, 50 растенија, 30 риби, 7 жаби, 6 гуштери, 5 ракови, 2 змии и една крастава жаба. Меѓутоа, за дождовните шуми во внатрешноста опасност може да претставува сѐ поголемото ископачување на шумите, предизвикано од побарувачката на цврсто тропско дрво, гума и палмино масло.
Суеверието расте
„Дури и во оваа ера на технологија и наука, суеверието не ја изгубило својата способност на убедување“, известуваат од Институтот за истражување на јавното мислење во Аленсбах (Германија). Едно долгогодишно истражување покажа дека „неразумното верување во добри или лоши предзнаци и понатаму постои кај населението и, всушност, е попопуларно денес отколку пред 25 години“. Во 1970-тите, 22 проценти од луѓето сметале дека ако видат ѕвезда што паѓа, тоа ќе влијае врз нивниот живот. Сега, 40 проценти размислуваат така. Денес само една третина ги отфрлаат сите облици на суеверие. Едно друго истражување спроведено меѓу 1.000 студенти во Германија покажа дека една третина од нив веруваат во амајлии што ги чуваат во автомобилите или ги носат како приврзок за клучеви.
Глечерите на Антарктикот се топат
„Во последните 50 години, 87 проценти од 244-те глечери на антарктичкиот полуостров се стопија“, и тоа побрзо отколку што предвидуваа стручњаците, се известува во весникот Clarin од Буенос Аирес. Со првата детална анализа на глечерите во таа област се покажа и дека во последните 50 години, температурата на воздухот се покачи за 2,5 Целзиусови степени. Сѐ поголемото повлекување на глечерите главно е предизвикано од климатските промени, вели Дејвид Вон од British Antarctic Survey. „Дали луѓето се одговорни?“, прашува тој. „Не можеме да кажеме со сигурност, но сега сме чекор поблизу до одговорот на ова важно прашање“.