Нашите чудесни црвени крвни клетки
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНА АФРИКА
Највообичаената клетка во нашиот крвоток ѝ ја дава на крвта нејзината црвена боја и затоа е наречена црвена крвна клетка (еритроцит). Само една капка од нашата крв содржи стотици милиони вакви клетки. Гледани под микроскоп, тие личат на крофни кои во средината имаат вдлабнатина наместо дупка. Секоја клетка содржи стотици милиони молекули на хемоглобин, а секој од нив има прекрасна топчеста форма и се состои од околу 10.000 атоми на водород, јаглерод, азот, кислород и сулфур, како и четири потешки атоми на железо, кои ѝ ја даваат на крвта способноста да го пренесува кислородот. Хемоглобинот го олеснува транспортот на јаглерод диоксидот од ткивата во белите дробови, од каде што се издишува.
Друг битен дел на црвените крвни клетки е нивната обвивка, наречена мембрана. Оваа чудесна обвивка им овозможува на клетките да се растегнат и да станат толку тенки што можат да поминат и низ најтесните крвни садови и така да го нахранат секое делче од организмот.
Црвените крвни клетки се создаваат во коскената срцевина. Откако некоја нова клетка ќе влезе во крвотокот, може да кружи низ срцето и низ целото тело повеќе од 100.000 пати. За разлика од другите клетки, црвените крвни клетки немаат јадро. Затоа можат да пренесуваат повеќе кислород и затоа се полесни, па на срцето му е полесно да ги пумпа билионите црвени крвни клетки низ целото тело. Меѓутоа, бидејќи немаат јадро, не можат да ги обновуваат своите внатрешни делови. Затоа, по отприлика 120 дена, црвените крвни клетки почнуваат да слабеат и да ја губат својата еластичност. Големите бели крвни клетки наречени фагоцити ги јадат овие истрошени клетки, но ги ослободуваат атомите железо. Овие малубројни атоми железо се врзуваат за транспортните молекули што ги носат во коскената срцевина, каде што се користат за да се создадат нови црвени клетки. Секоја секунда коскената срцевина ослободува во крвотокот два до три милиона нови црвени крвни клетки!
Ако билионите црвени крвни клетки одеднаш престанат да функционираат, ќе умреме за неколку минути. Треба да му бидеме многу благодарни на Јехова Бог за овој прекрасен аспект од неговото творештво, кој ни овозможува да живееме и да уживаме во животот! Несомнено ќе се согласите со псалмистот, кој рекол: „Господи, ме согледуваш целиот и ме познаваш. Ти благодарам што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139:1, 14).
[Графикон на страница 24]
(Види во публикацијата)
Црвена крвна клетка
мембрана
хемоглобин (зголемен)
кислород