‚Сакам да му служам на Бог пред да умрам‘
РАСКАЖАЛА МАМИ ФРИ
ВО 1990 година, во Либерија избувна граѓанска војна. Додека борбите се засилуваа, Мами, едно 12-годишно девојче од етничката група Кран, и целото нејзино семејство, се нашле фатени во стапица во нивниот дом во Монровија, главниот град. „Чувме експлозија во соседството“, вели Мами. „Еден проектил ја погоди куќата на соседите и таа се запали. Пламењата се префрлија и на нашата куќа па и таа почна да гори“. Иако се пукало од сите страни, Мами, мајка ѝ и вујко ѝ морале да бегаат.
„Одеднаш нешто ме погоди“, се сеќава Мами.
„Тогаш мајка ми праша: ‚Што ти е?‘
‚Нешто ме погоди! Мислам дека е куршум‘“, одговорив јас.
Мами паднала наземи во големи болки и се молела: „Боже, те молам, слушни ме. Мислам дека ќе умрам, но сакам да ти служам пред да умрам“. Потоа ја изгубила свеста.
Мислејќи дека Мами е мртва, соседите сакале да ја погребат на блиската плажа. Но, мајка ѝ упорно настојувала да ја однесат во локалната болница. За жал, болницата не била добро опремена за да им излезе во пресрет на големиот број ранети мажи, жени и деца. Вујко ѝ на Мами, кој исто така бил ранет, умрел истата ноќ, но Мами преживеала, само што останала парализирана од половината надолу.
И понатаму имала внатрешно крвавење и чувствувала огромни болки. По четири месеци, лекарите конечно направиле рендгенска снимка за да го пронајат куршумот. Се наоѓал некаде меѓу срцето и белите дробови. Операцијата била многу ризична, па мајка ѝ ја однела Мами кај еден билкар. „Ме расече со жилет“, раскажува Мами, „а потоа ја стави устата на раната и се обиде да го ишмука куршумот. ‚Еве го‘, рече, вадејќи еден куршум од устата. Му плативме и си заминавме.“
Но, тој човек ги излажал. Следната рендгенска снимка покажала дека куршумот сѐ уште бил внатре. Затоа Мами и мајка ѝ се вратиле кај билкарот, но тој ги уверувал дека треба да поминат уште девет месеци за рендгенските снимки да покажат дека куршумот е изваден. Тие се вратиле дома и стрпливо чекале. Во меѓувреме, Мами пиела секакви лекарства за да ја издржи болката. По девет месеци повторно била направена снимка. Куршумот сѐ уште бил таму. Билкарот побегнал од тоа место.
Дотогаш, куршумот бил во телото на Мами цели 18 месеци. Потоа, еден роднина ја одвел кај некоја бајачка. Наместо да им помогне, таа им рекла дека на тој и тој датум ќе умре или Мами или мајка ѝ. Мами имала 13 години. „Не можев да престанам да плачам“, вели Мами. „Меѓутоа, кога дојде тој ден, никој не умре.“
Тогаш, чичко ѝ ја однел Мами кај еден црковен водач што тврдел дека во визија видел дека парализата на Мами е предизвикана од урок, а не од куршум. Ветил дека за една недела Мами повторно ќе може да оди ако ги следи ритуалите што ќе ги препише тој. Мами објаснува: „Многу пати одев на ритуално капење во океанската вода, постев и се тркалав по земја секоја ноќ на полноќ, и тоа со часови. Но, сѐ беше залудно. Мојата состојба не се промени“.
Во меѓувреме почнале да работат и други медицински установи, и на Мами конечно ѝ го извадиле куршумот. Повеќе од две години трпела неподносливи болки. Таа вели: „По операцијата болката речиси исчезна, и можев да дишам многу полесно. Иако сѐ уште бев делумно парализирана, можев да стојам со помош на потпирка.“
Мами ги сретнува Јеховините сведоци
Неколку недели по операцијата, мајка ѝ на Мами сретнала двајца Јеховини сведоци. Бидејќи знаела дека ќерка ѝ многу сака да ја чита Библијата, ги поканила Сведоците да влезат. Мами веднаш се согласила да ја проучува Библијата. Но, по неколку месеци, повторно морала да оди во болница и изгубила секаков контакт со Сведоците.
Сепак, Мами и понатаму копнеела да учи за Библијата. Затоа, кога водачот на една црква се понудил да ѝ помогне во тоа, ја прифатила понудата. За време на неделната богослужба, некој од присутните го прашал учителот: „Дали Исус е еднаков со Бог?“
„Да“, рекол учителот. „Тие се еднакви. Но, Исус не е сосема еднаков со Бог.“
‚Не е сосема еднаков?‘, си помислила Мами. ‚Ова не ми звучи логично. Нешто не е како што треба.‘ Незадоволна од тоа што не ѝ била кажана библиската вистина, Мами престанала да оди во таа црква.
Во 1996 година, во Монровија повторно избувнале насилства. Мами изгубила уште двајца членови од семејството, и нејзиниот дом по вторпат бил запален. По неколку месеци, двајца Сведоци ја сретнале Мами додека проповедале од куќа до куќа. Мами повторно почнала да ја проучува Библијата. Кога првпат отишла на состанок, се изненадила кога видела дека сите — вклучувајќи ги и старешините во собранието — помагале во чистењето на Салата на Царството. Подоцна истата година, била восхитена кога присуствувала на еден од обласните конгреси со мото „Гласници на божествен мир“. Тоа бил првиот голем собир на Јеховините сведоци на кој присуствувала.
„Навистина бев импресионирана“, вели Мами. „Сведоците искрено се сакаат иако припаѓаат на различни племиња. И сѐ беше добро организирано.“
Ѝ се исполнува желбата да му служи на Бог
Во 1998 година, повторно имало борби па Мами и мајка ѝ морале да пребегаат во соседната држава, Брегот на Слоновата Коска, каде што се населиле во Мировниот градски камп за бегалци заедно со уште 6.000 други Либеријци. Мами продолжила да ја проучува Библијата со Сведоците и брзо напредувала. Наскоро сакала да им зборува и на другите за својата вера. За да може да учествува во службата на проповедање, нејзините духовни браќа и сестри ѝ помагале да се движи во нејзината инвалидска количка. На овој начин Мами успеала да им даде убаво сведоштво на уште многу други бегалци.
Иако поради физичките ограничувања ѝ било тешко да оди до Салата на Царството, која била оддалечена шест километри од местото каде што живеела, Мами присуствувала на сите состаноци. На 14 мај 2000 година, патувала повеќе од 190 километри за да присуствува на еден Посебен собир, и таму се крстила во вода (Матеј 28:19, 20). Пред многу насолзени очи, Мами ја однеле на раце до еден поток, каде што се крстила. Лицето ѝ зрачело од радост кога излегла од водата.
Сега Мами живее во еден камп за бегалци во Гана и има цел да стане општ пионер, односно полновремен проповедник. И мајка ѝ почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и сега им зборува на другите за она што го учи. Двете со радост го очекуваат времето што е ветено во Божјата реч, кога „хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува“ (Исаија 35:5-7).
[Слика на страница 22]
Куршумот што бил изваден од телото на Мами
[Слика на страница 23]
Мами ја носат до потокот за да се крсти
[Слика на страница 23]
Ја проучува Библијата со мајка ѝ, Ема