Во потрага по муфлон
Наоружани со мапи, фотоапарати, капи и јаки чизми, се качуваме во сутеренското возило и тргнуваме во раните часови на едно убаво пролетно утро. Се искачуваме на планината Пафос, високо во планинскиот венец Тродос на островот Кипар, каде се надеваме дека ќе видиме некој од ретките муфлони. За какво животно станува збор?
МУФЛОНОТ е еден вид дива овца, а неговите сродници можат да се најдат низ целиот Медитеран. Но, нам ни ја разгоре љубопитноста оној вид што се одомаќинил на Кипар. Се вели дека тој ја има убавината на елен и пргавоста на коза. Зоолозите го нарекуваат Ovis gmelini ophion, а Кипраните си го викаат агрино. Може да се најде само во далечните планински предели.
Скршнуваме од главниот пат и возиме прво по ритчестото подножје а потоа низ една убава долина. На падините на ритчињата се вгнездени селца, а долината е порабена со овоштарници. Но, наскоро патот станува нерамен, и на места возиме страшно близу до работ на стрмниот гребен. Најпосле стигнуваме до целта — шумското стојалиште. Веќе сме длабоко навлезени во шумите на Пафос, кои зафаќаат површина од 60.000 хектари земјиште со борови и кедри. Порачуваме кафе и си разговараме со Андреас, шумар во зелено одело, кој со голем жар ни зборува за муфлоните.
Како што ни кажува, муфлонот е најголемиот див цицач на Кипар. Во минатото имало многу муфлони на островот. Овие диви овци се прикажани на многу грчко-римски мозаици, а средновековните записи зборуваат дека благородниците уживале да ги ловат низ шумите на Пафос.
Водејќи нѐ до еден заграден простор, Андреас продолжува да ни зборува за муфлоните. На пример, дознаваме дека бројот на овие животни драстично се намалил откако била откриена ловечката пушка. Со цел да бидат заштитени, во 1938 година бил променет законот за лов на Кипар. Шумарите и полицијата заемно соработувале за да го спречат забранетиот лов. Една година потоа на ловџиите им било забрането да ловат во шумата. Овие промени, заедно со дополнителните мерки преземени по 1960 година, значително придонеле да порасне бројот на муфлоните.
Првата средба
Полека чекориме со Андреас до ограденото земјиште загледувајќи се напред низ грмушките и дрвјата. Додека се искачуваме неколку чекори по една стрмнинка, Андреас ни дава знак да бидеме тивки. Оттаму можеме да видиме како три женки и две младенчиња мирно си пасат на чистинката огреана од сонцето. Возрасните единки се високи околу 90 сантиметри и имаат светло кафеаво крзно што станува сѐ посветло кон стомакот.
Дивите растенија со кои се хранат ги има во изобилство во овој дел од годината, па возрасните се премногу зафатени со брстење за да ни обрнат внимание. Меѓутоа, малечките престанаа разиграно да потскокнуваат и направија неколку несигурни чекори кон нас. Колку сме почестени! Но, само чкрапнувањето на едниот од апаратите ги сепнува и, за миг, сите до една ги снемува во коријата.
Понесени од глетката, се договараме да се прошетаме низ шумата, со надеж дека ќе видиме уште некој муфлон. Андреас ни предлага да се обидеме повторно в зори, кога животните понекогаш доаѓаат до работ на шумата во потрага по храна. Бидејќи планот ни е да преноќиме во шатори во долината, можеби би било добро да пробараме низ планината над неа. Како што дознаваме, во потоплите месеци муфлоните доаѓаат на повисоките стрмнини, но в зима, кога врвовите се прекриени со снег, бараат храна пониско, понекогаш осмелувајќи се да излезат и на отворено.
Муфлоните се парат наесен. Зиме се движат во групи од десет-дваесет животни. Кога започнува јагнењето, во април или мај, стадата се двојат на помали групи, како онаа што ја видовме. Возрасните мажјаци обично бараат храна сами.
Овен во дивината!
Рано следното утро повторно се искачуваме по ридот, го паркираме возилото на чистинката и пешачиме низ шумата пред сонцето да се искачи премногу високо. Шумата е сѐ уште тивка, а дрвјата се обвиени во магла. Подзастануваме да ѝ се насладувавме на тишината, и наеднаш го здогледуваме — прекрасен, мускулест овен, кому речиси му е паднато сето дебело зимско крзно. Долниот дел од вратот му е покриен со темни влакна. Со гордо извиен врат нѐ погледнува низ црните трепки и го помирисува воздухот за да нѐ надуши. Секој од дебелите извиткани рогови мора да е долг најмалку 40 сантиметри! Овој овен е покрупен од женките што ги видовме вчера — сигурно тежи околу 35 килограми.
Стоиме без да мрднеме, едвај осмелувајќи се да дишиме. Но, изгледа дека ова претпазливо суштество нѐ надуши, зашто наеднаш ја затресе главата горе-долу, и побегна. Она што го видовме и научивме овие два дена навистина нѐ восхити. Уште повеќе се зголеми и нашето ценење за Творецот, кој рекол: „Зашто се Мои сите горски животни, илјади ѕверови по Моите ридишта“ (Псалм 50:10).
[Слики на страници 24 и 25]
Десно најгоре: Oxford Scientific/photolibrary/Niall Benvie; Европски муфлон: Oxford Scientific/photolibrary
[Извори на слики на страница 25]
Муфлон од Кипар (во заднина) и европски муфлон