Раскошот на Јеховиното творештво
„Господовите дрва се наситија со храна“
СИ СТОЕЛ ли некогаш в шума додека сончевите зраци се пробивале низ дрвјата што високо се издигнуваат над земјата? Можеше ли да го чуеш шумолењето на лисјата што трепереа од ветрецот? (Исаија 7:2).
Во некои области на земјата, во еден дел од годината, лисјата на различни дрвја едноставно пламнуваат во различни нијанси на црвена, портокалова, жолта и многу други бои. Изгледа како шумата да е во пламен! Колку добро одговара тоа на извикот: „Одекнувајте со радост, планини, и вие, гори со сите свои дрва!“ (Исаија 44:23).a
Речиси една третина од копното на планетата Земја е покриено со шума. На величествен начин, шумата и изобилниот живот во неа го слават својот Конструктор и Творец, Јехова Бог. „Фалете го Господа“, пеел инспирираниот псалмист, „плодоносни стебла и сите кедрови“ (Псалм 148:7—9).
„Дрвјата се од пресудна важност за опстанокот на човекот, како физички така и естетски“, наведува книгата The Trees Around Us (Дрвјата околу нас). Шумите ги заштитуваат, ги одржуваат и ги подобруваат резервите на свежа вода на луѓето. Дрвјата исто така го прочистуваат воздухот. Преку чудесниот процес на фотосинтеза клетките на лисјата ги претвораат јаглеродниот диоксид, водата, минералите и сончевата светлина во хранливи материи и кислород.
Шумата е ремек-дело на убавина и дизајн. Големите дрвја обично се најимпресивните членови на шумата. Меѓу нив растат безброј папрати, различни видови мов, лазачи, грмушки и билки. Овие растенија зависат од средината што ја создаваат дрвјата и растат во нивната сенка и ја апсорбираат влагата што ја дава шумата.
Во некои листопадни шуми, во подоцнежниот дел од годината, на само еден хектар шума може да паднат и до 10 милиони лисја. Што се случува со нив? Инсекти, габи, црви и други организми на крај ќе ја претворат сета оваа органска материја во хумус, многу важна состојка на плодната почва. Да, ништо не се троши залудно додека овие тивки работници ја подготвуваат почвата за повторно да роди.
Под мртвите лисја, почвата во шумата врие од живот. Според книгата The Forest (Шумата), „на површина од 30 сантиметри со длабочина од 2,5 сантиметри можат да се најдат и до 1.350 суштества, а во тоа не се вклучени милијардите микроскопски организми во секој грст земја“. Освен тоа, шумата врие од влекачи, птици, инсекти и цицачи. Кој треба да добие признание за сета оваа убавина и разноликост? Со право, нивниот Творец изјавува: „Зашто се Мои сите горски животни, илјади ѕверови по Моите ридишта“ (Псалм 50:10).
Некои животни се создадени со извонредна способност да презимуваат и да ја преживеат острината на ладната зима и долгите периоди на недостиг на храна. Меѓутоа, не презимуваат сите животни. Дури и сред зима, можат да се видат стада елени како потскокнуваат низ некое поле. Елените ниту презимуваат ниту собираат храна, туку бараат храна, грицкајќи ги нежните гранчиња и пупки, како што можеш да видиш на придружната слика од Германија.
Растителниот свет е прикажан во Библијата на значаен начин. Според една пресметка, Библијата спомнува речиси 130 различни растенија, вклучувајќи и околу 30 видови дрвја. Коментирајќи за значењето на овие осврти, ботаничарот Мајкл Зохари забележува: „Дури и во секојдневната непрофесионална световна литература не може да се најдат толку голем број осврнувања на растенија поврзани со различни аспекти од животот колку што има во Библијата“.
Дрвјата и шумите се прекрасен дар од еден Творец полн со љубов. Ако сме поминале некое време в шума, сигурно ќе се согласиме со зборовите на псалмистот: „Господовите дрва се наситија со храна, ливанските кедри, што Тој ги посади. Таму се гнездат птиците“ (Псалм 104:16, 17).
[Фуснота]
a Види Календар на Јеховините сведоци за 2004, јануари/февруари.
[Рамка/слики на страница 9]
Едно од најимпресивните овошни дрва на Блискиот исток е бадемовото дрво. Рано во годината — многу пред повеќето дрва — тоа се буди од својот сон. Древните Евреи го нарекле бадемовото дрво дрво на будење, укажувајќи на неговото рано цутење. Изгледа како дрвото да се буди со наметка од нежни розови или бели цветови (Проповедник 12:5).
Од околу 9.000 познати видови птици, околу 5.000 се песнопојни птици. Нивните песни ја разбиваат тишината на длабоката шума (Псалм 104:12). На пример, песнопојното врапче има весел репертоар. Жалопојните птици песнопојки, како оваа на сликата, се мали пејачи украсени со живописни комбинации на сива, жолта и маслинесто зелена боја (Псалм 148:1, 10).
[Слика на страница 9]
Шума во Нормандија (Франција)