Младите прашуваат...
Зошто морам да читам?
„Немам трпение да читам. Повеќе сакам да гледам телевизија“ (Маргарита, 13, Русија).
„Ако морам да избирам меѓу книга и кошарка, би избрал кошарка“ (Оскар, 19, Соединетите Држави).
АКО ја прочита оваа статија до тука, веројатно сфаќаш дека читањето е многу важна вештина. Сепак, можеби читањето книга, па дури и некоја статија од списание, ти личи на земање сируп: Знаеш дека ќе ти користи, но повеќе би сакал да не мораш да го пиеш.
Разбудете се! интервјуираше млади од 11 земји за да види што имаат да кажат во врска со тоа зошто читањето за нив е тешко, но и зошто е корисно. Еве некои од нивните изјави:
Зошто ти е толку тешко да читаш?
„Некако ретко наоѓам време за читање“ (Семсихан, 19, Германија).
„Тешко ми е да читам. Мислам дека сум малку мрзлив“ (Езекиел, 19, Филипини).
„Не сакам да ме тераат да читам нешто досадно“ (Кристијан, 15, Англија).
„Ако книгата е мала, може и да ја прочитам, ама ако е некоја дебела книга, ме фаќа страв“ (Ерико, 18, Јапонија).
„Сѐ може да ми го одвлече вниманието, не можам да се концентрирам“ (Франсиско, 13, Јужноафриканска Република).
Младите христијани се поттикнати да ја читаат Библијата (Псалм 1:1-3). Тешко ли ти е да ја читаш? Зошто?
„Библијата е многу голема книга! Мислам дека нема да ја дочитам додека сум жива!“ (Ана, 13, Русија).
„Некои делови од Библијата се тешки и не се баш интересни“ (Језраел, 11, Индија).
„Тешко ми е да ја читам Библијата редовно, зашто воопшто не сум организирана“ (Елса, 19, Англија).
„Обврските и учењето ми одземаат толку многу време, што е вистински предизвик да најдам време за Библијата“ (Сурисадаи, 14, Мексико).
„Тешко ми е да ја читам Библијата зашто некако не можам да го намалам времето што го трошам на хоби“ (Шо, 14, Јапонија).
Очигледно, читањето може да биде вистински предизвик. Но, дали вреди да се вложи напор? Како ти користи читањето тебе?
„Со читањето ми се зголеми знаењето, а тоа ми дава поголема самодоверба кога разговарам со луѓето“ (Мониша, 14, Индија).
„Читањето ме опушта и ми ги оттргнува мислите од проблемите“ (Алисон, 17, Австралија).
„Кога читам, одам на места на кои инаку никогаш не би можел да отидам“ (Дуан, 19, Јужноафриканска Република).
„Кога читам, самиот се уверувам во работите и не морам да се потпирам на она што го велат другите“ (Абиу, 16, Мексико).
Што ти помогнало да го засакаш читањето?
„Уште од мала, родителите ме поттикнуваа да читам наглас“(Танија, 18, Индија).
„Мајка ми и татко ми ме учеа да ја користам фантазијата додека читам, да си ги замислувам настаните“ (Даниел, 18, Англија).
„Татко ми ми предложи прво да ги читам библиските книги што ми се поинтересни како, на пример, Псалмите и Пословици. Сега уживам кога ја читам Библијата, воопшто не ми е тешко“ (Чарин, 16, Јужноафриканска Република).
„Кога имав четири години, родителите веќе ми имаа обезбедено биро и полица со сите книги што ги ставале настрана за мене уште откако сум се родила“ (Ари, 14, Јапонија).
Зошто сметаш дека е важно да се чита Библијата?
„Луѓето веруваат во многу работи што се кажуваат за Библијата а не се вистинити. Многу е подобро сам да си провериш што е точно“ (Дела 17:11) (Метју, 15, Соединетите Држави).
„Кога ја читаш Библијата треба многу да размислуваш. Но, тоа што ја читам ми помогна да зборувам со самодоверба и јасно кога разговарам со другите за моите верувања“ (1. Тимотеј 4:13) (Џејн, 19, Англија).
„Кога ја читам Библијата, чувствувам како Јехова да ми зборува директно мене. Понекогаш тоа има силно влијание врз моите чувства“ (Евреите 4:12) (Овид, 15, Индија).
„Учам да го сакам читањето на Библијата зашто таа ми кажува што мисли Јехова за мене и ми дава добри совети“ (Исаија 48:17, 18)(Викторија, 14, Русија).
Кога наоѓаш време да ја читаш Библијата и библиската литература?
„Си имам распоред. Секое утро, веднаш штом ќе се разбудам, читам по едно поглавје од Библијата“ (Лаис, 17, Бразил).
„Ја читам Библијата и другите христијански публикации во воз додека патувам на училиште. Тоа го правам последниве четири години“ (Таичи, 19, Јапонија).
„Читам по малку од Библијата секоја вечер пред да си легнам“ (Марија, 15, Русија).
„Секој ден читам по четири страници или од ‚Стражарска кула‘ или од ‚Разбудете се!‘ Така успевам да го исчитам целото списание пред да дојде следниот број“ (Ерико, 18, Јапонија).
„Ја читам Библијата секое утро пред да одам на училиште“ (Џејмс, 17, Англија).
Како што се гледа од коментарите погоре, со читањето можеш да си ги зголемиш самодовербата и знаењето. А читањето на Библијата и на библиската литература — во која спаѓа и ова списание — ќе ти помогне да му се ‚приближиш на Бог‘ (Јаков 4:8). Затоа, дури и ако ти е тешко да читаш, не предавај се!
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Зошто е важно да ја читаш Божјата реч?
◼ Како можеш да ‚си откупиш време‘ за да ја читаш Библијата и библиската литература? (Ефешаните 5:15, 16).
[Рамка на страница 16]
ПОВРЗУВАЈ ГИ РАБОТИТЕ
Поврзувај го она што го читаш со она што веќе го знаеш за себе и за околината. Поставувај си прашања:
◼ Поврзи го текстот со тоа што веќе го имаш читано. Дали ситуациите или проблемите за кои читаш во моментот се слични на ситуациите или проблемите за кои си читал во други книги, списанија или приказни? Дали ликовите имаат слични особини со некои други луѓе за кои си читал?
◼ Поврзи го текстот со себе. Како се поврзани овие информации со моите околности, културата во која живеам, моите проблеми? Можам ли да го користам овој материјал за да ги решавам проблемите или за да си го подобрам животот?
◼ Поврзи го текстот со околината. Што учам од овој материјал за природата, за животната средина, за различните култури или за проблемите во општеството? Што ми кажуваат овие информации за Творецот?