Поглед во светот
◼ Минатата година беше „најтоплата година која е забележана во северната хемисфера“ и „втора по топлина во светот“. „Осум од 10 најтопли години [за кои постои пишан запис] се случија во последнава деценија“ (BBC NEWS, БРИТАНИЈА).
◼ Сезоната на урагани во Атлантикот во 2005 година беше „најактивната“ и „веројатно... најразорната“ што се памети. Кај седум од 14-те урагани што беа забележани, беше измерена брзина на ветрот над 177 километри на час (ДРЖАВНА УПРАВА ЗА ОКЕАНСКИ И АТМОСФЕРСКИ ИСТРАЖУВАЊА НА САД).
◼ „Во 1850 година, имаше преку 150 глечери во Глечерскиот национален парк во Монтана [САД]. Сега има 27“ (THE WALL STREET JOURNAL, САД).
◼ „Отворено кажано, што се однесува до политиката на разни влади во врска со глобалното затоплување, ниедна земја нема да сака да ја жртвува својата економија за да смени нешто“ (ТОНИ БЛЕР, ПРЕМИЕР НА БРИТАНИЈА).
Католиците одат „од куќа до куќа“?
Според Клаудио Умес, надбискуп на Сао Пауло, бројот на католиците во Бразил во последните 14 години опадна од 83 на 67 проценти. Надбискупот ја фрла вината на тоа што црквата „од разни причини, не е способна темелно да им го проповеда евангелието на своите крстени членови“. Умес вели: „Мораме да допреме до верните лица така што ќе им проповедаме од куќа до куќа, во училиштата, институциите, а не само во парохиите“. Во електронскиот весник Folha Online се вели дека тоа ќе мораат да го прават лаиците кои се обучени за мисионери. Недостигот од свештеници е еден од најголемите проблеми со кои се соочува Католичката црква во Бразил и, општо, во Латинска Америка.
Законско признание во Германија
Со една одлука објавена на 10 февруари 2006 година, Сојузниот административен суд во Лајпциг (Германија) пресуди дека Сојузната Република Берлин мора да ја признае верската заедница на Јеховините сведоци во Германија како јавно здружение. Со тоа заврши 15-годишната правна битка, во текот на кои случајот го разгледаа неколку различни германски судови, меѓу кои и Сојузниот уставен суд. Како јавно здружение, верската заедница на Јеховините сведоци во Германија има право на ослободување од данок и други привилегии што ги имаат другите поголеми религии во земјата.
Младите Кинези зависни од Интернет игри
„Зависноста од Интернет игри е многу раширена меѓу младите во Кина“, се вели во хонконшкиот весник South China Morning Post. Овој феномен се забележува и кај младите од другите делови на Ориентот, како што се Јапонија, Република Кореја и Хонгконг. Во весникот понатаму се вели: „Сѐ поголемата желба на младите да се вклучат на Интернет и да се исклучат од сѐ друго е повратна реакција на гушењето што децата го чувствуваат од општеството поради големите очекувања на родителите и поради суровата конкуренција при уписот на факултет“. Според проценките, на околу шест милиони деца во Кина им треба помош за да се откажат од оваа зависност.