Поглед во светот
◼ За 2006 година се вели дека „најверојатно ќе се смета за шестата најтопла година“. Сите десет најтопли години беа во последниве 12 години (СВЕТСКА МЕТЕОРОЛОШКА ОРГАНИЗАЦИЈА).
◼ Со цел да го спречи ширењето на беснило, Управата за јавна безбедност на Пекинг донесе закон според кој секое семејство може да има „само едно куче“. Во 2004 год., во Кина, од беснило умреа околу 2.660 луѓе (XINHUA ONLINE, КИНА).
◼ „Секој втор гостин во хотелите е во опасност да фати вирус на настинка“ ако допре некоја квака, ламба, некој телефон или далечински управувач во хотелската соба (MACLEAN’S, КАНАДА).
Пребројување на инсектите во Амазон
Досега, ентомолозите — зоолози што ги изучуваат инсектите — имаат идентификувано околу 60.000 видови инсекти во амазонските прашуми. Според весникот Folha Online, се проценува дека има уште 180.000 видови што допрва мора да бидат идентификувани. Моментално, околу 20 ентомолози работат во тоа подрачје. Според некои понови статистички податоци, овие специјалисти успеваат да идентификуваат и да опишат во просек по 2,7 вида годишно. Со вакво темпо, ќе биде потребно околу 90 генерации ентомолози да работат по 35 години, или вкупно околу 3.300 години, за да успеат да ги идентификуваат сите видови!
Недостиг од енергија
Во списанието Our Planet, кое го издава Програмата за заштита на животната средина при ОН, се вели: „Според проценките, 1,6 милијарди луѓе — околу една четвртина од светското население — нема струја, а на 2,4 милијарди луѓе основни извори на енергија за готвење и греење им се јагленот, лепешките или дрвата. Чадот од овие традиционални горива убива околу два и пол милиони жени и деца годишно“.
Повредени чувства на Интернет
Веб-страниците им овозможуваат на луѓето да комуницираат со голем број непознати на Интернет. Тие што стапуваат во такви контакти мислат дека на тој начин се попопуларни. Во весникот Folha Online се вели дека овие веб-странци се „рај за лажливци“, за расисти, за луѓе што сакаат да се мешаат во сѐ и за луѓе со предрасуди. Некои корисници лажно се претставуваат. Други ги исмејуваат оние што имаат поголема тежина, што се ниски, што имаат виткана коса итн., и така им нанесуваат емоционална болка. Според бразилскиот психолог Ивелизе Фортим, до ова доаѓа затоа што „на жртвите им е поважно она што се случува на [Интернет] отколку она што им се случува во секојдневието“.
Древен астрономски мерач
Во 1901 год., нуркачите по сунѓери успеале да извадат еден ’рѓосан предмет од еден древен римски брод кој потонал покрај брегот на грчкиот остров Антикитера. Сега е утврдено дека се работи за необично сложен астрономски мерач од вториот век пр.н.е. Во поново време, научниците вршеле испитувања на „Механизмот од Антикитера“ користејќи компјутерска томографија со висока резолуција. Испитувањата откриле дека оваа направа се состои од најмалку 30 бронзени запчаници, кои првобитно биле сместени во дрвена кутија. Со оваа направа можело точно да се следи положбата на Сонцето и на Месечината и да се предвиди нивното затемнување. Според списанието Nature, овој апарат „во технички поглед е посложен од која и да било направа што била измислена во следните 1.000 години“.
[Извор на слика на страница 21]
AP Photo/Thanassis Stavrakis