ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 3/09 стр. 24-26
  • Една голема научна загатка е разрешена

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Една голема научна загатка е разрешена
  • Разбудете се! 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Предмет завиен во мистерија
  • Подетални испитувања
  • Понови сознанија
  • Поглед во светот
    Разбудете се! 2007
  • Необичен часовник во Прага
    Разбудете се! 2000
  • Врвни средновековни астрономи
    Разбудете се! 2012
  • Зошто старееме и умираме?
    Разбудете се! 1996
Повеќе
Разбудете се! 2009
g 3/09 стр. 24-26

Една голема научна загатка е разрешена

НУРКАЧИТЕ, кои во 1901 год. истражувале еден потонат брод во близина на островот Антикитера, пронашле вистинско богатство. Се работело за древен римски трговски брод кој, меѓу другото, носел мермерни и бронзени статуи и сребрени монети од Пергам. Монетите им помогнале на истражувачите да проценат дека бродот, кој најверојатно бил упатен кон Рим, потонал некаде помеѓу 85 и 60 год. пр.н.е.

Уште откако се пронајдени, овие артефакти се чуваат во Народниот археолошки музеј во Атина. Меѓутоа, она што во 2005 год. им го привлече вниманието на истражувачите не беа ниту статуите ниту монетите, туку една бронзена направа првобитно сместена во дрвено сандаче со големина на кутија за чевли. Овој предмет, познат како „Механизмот од Антикитера“, потврди дека раните цивилизации биле научно многу понапредни отколку што се мислеше досега. За него се вели дека е „најсофистицираниот познат механизам од древниот свет“.

Но, за што точно станува збор? И зошто овој пронајдок е толку важен?

Предмет завиен во мистерија

Кога бил пронајден на морското дно по 2.000 години, артефактот бил целиот ’рѓосан, обвиткан со стврднат талог и личел на зеленикав камен. Бидејќи најголема возбуда предизвикале статуите, на овој мистериозен предмет не му било посветено многу внимание.

Во 1902 год., кога ја испитувал оваа направа, еден грчки археолог го расклопил механизмот на неколку делови. Се состоел од запченици со различна големина кои имале прецизно исечени триаголни запци. Направата изгледала како часовник, но ваквата идеја била отфрлена бидејќи се сметало дека часовниците биле измислени само 700 години пред тоа.

Една статија за Механизмот од Антикитера објаснува дека, „според повеќето историчари, [Грците кои живееле пред околу 2.000 години] немале прецизни запченици, посебно не исечени од метал и подредени во сложени групи со кои се пренесува движење од една оска на друга“. Некои мислеле дека оваа направа е еден вид астролаб — инструмент кој едно време се користел за одредување на географската ширина според положбата на небесните тела.

Сепак, многумина не се согласувале бидејќи сметале дека запчениците се премногу сложени за да бидат стари 2.000 години. Според нив, предметот не бил на бродот кога тој потонал. Еден научник претпоставува дека се работи за легендарната Архимедова сфера — направа која Цицерон во првиот век пр.н.е. ја опишал како еден вид планетариум, т.е. механизам кој можел да го прикаже движењето на Сонцето, Месечината и петте планети што може да се видат со голо око. Бидејќи немало јасни докази за тоа, повеќето научници останале на мислењето дека се работи за астролаб.

Подетални испитувања

Во 1958 год., механизмот го проучувал Дерек де Сола Прајс, кој докторирал и како физичар и како историчар. Тој сметал дека со помош на оваа направа може да се пресмета кога се случиле и кога ќе се случат одредени астрономски појави, како на пример следната полна месечина. Увидел дека на бројченикот се означени деновите, месеците и знаците на зодијакот. Претпоставувал дека механизмот некогаш имал стрелки кои укажувале на положбата на небесните тела во дадено време.

Прајс заклучил дека најголемиот запченик го прикажувал движењето на Сонцето и дека еден негов вртеж одговарал на една соларна година. Ако друг запченик поврзан со првиот го претставувал движењето на Месечината, тогаш од соодносот во бројот на запци на двата запченика би можеле да научиме како античките Грци мислеле дека се движи Месечината.

Во 1971 год., Прајс направил рендгенска снимка од овој механизам. Резултатите ги потврдиле неговите претпоставки, имено дека станува збор за сложен астрономски мерач. Прајс изработил шема на која е прикажано како најверојатно функционирал овој механизам и, во 1974 год., ги објавил резултатите од своето истражување. Тој напишал: „Ова е единствениот ваков инструмент што некогаш бил откриен... Сите наши досегашни сознанија за науката и технологијата во хеленистичката ера нѐ наведуваат на заклучокот дека не е можно да постоела таква направа“. Прајс не добил должно признание за својот труд во тоа време. Меѓутоа, други научници подоцна продолжиле со неговото истражување.

Понови сознанија

Во 2005 год., стручниот тим спомнат на почетокот го испита механизмот со помош на најсовремена тродимензионална рендген-технологија со висока резолуција. Ова овозможи да се дојде до уште понови сознанија за тоа како функционирал овој механизам. Откако корисникот ќе свртел една рачка, најмалку 30 меѓусебно поврзани запченици придвижувале три бројченици на предниот и на задниот дел од кутијата. Ова му овозможувало на корисникот да ги предвиди астрономските циклуси, меѓу кои и затемнувањето на Сонцето и на Месечината, во поврзаност со четиригодишниот циклус на Олимписките и другите игри на античките Грци, по кои тие го мереле времето.

Овие информации биле многу битни, и тоа од неколку причини. За древните народи, астрономијата била многу важна наука бидејќи нивните календари, кои им кажувале на земјоделците кога треба да започне сеидбата, се темелеле на движењето на Сонцето и Месечината. Морепловците се ориентирале според ѕвездите, а грчките општествени институции се потпирале на астрономските појави. Но, постои уште една причина зошто ваквите информации биле вредни.

„На древните Вавилонци им било многу важно да ги предвидат затемнувањата на Сонцето и на Месечината бидејќи ги сметале за лош предзнак“, пишува Мартин Ален, кој е вклучен во проектот за истражување на Механизмот од Антикитера. „Овој механизам бил политичко средство со чија помош владејачката класа доминирала над своите поданици. Некои дури мислат дека една причина зошто знаеме толку малку за овие механизми е тоа што тие биле воена и политичка тајна.“

Што и да се открие за овој механизам во меѓувреме, едно е сигурно — тој е доказ дека, кај античките Грци, астрономијата и математиката, кои се засноваат на долгата традиција на Вавилонците, биле многу понапредни отколку што се мислеше порано. Списанието Nature го даде следниов коментар во врска со тоа: „Древниот Механизам од Антикитера не само што ги разниша нашите претпоставки за пренесувањето на технолошките сознанија од генерација на генерација туку и ни даде нов увид во историјата“.

[Рамка на страница 26]

КОЈ ГО ИЗРАБОТИЛ?

Логично е да веруваме дека механизмот од Антикитера не бил единствен од ваков вид. „Не е направена ниту една грешка“, пишува Мартин Ален. „Секое делче од механизмот си има своја цел. Нема вишок дупки или метални делови по кои би заклучиле дека производителот поправал грешки додека го изработувал, што укажува на тоа дека имал произведено повеќе вакви направи.“ Но, кој бил изработувачот и што се случило со другите негови производи?

Најновите истражувања на механизмот открија дека на бројченикот за предвидување на затемнувањето на Сонцето и на Месечината се врежани коринтските имиња на месеците. Затоа, истражувачите сметаат дека оваа направа се изработувала и се користела само во одредени средини. Научното списание Nature вели: „Можни кандидати се коринтските колонии во северозападна Грција и во Сиракуза на Сицилија. Ако е точна втората претпоставка, тогаш механизмот потекнува уште од времето на Архимед“.

Зошто не се пронајдени и други вакви направи? „Бронзата е скапоцена легура која лесно се преработува“, пишува Мартин Ален. „Од таа причина, пронајдени се само мал број бронзени артефакти. Всушност, повеќето бронзени предмети со историско значење се пронајдени под вода, каде што се спасиле од оние што можеле да го преработат.“ Еден истражувач вели: „Го имаме само овој [примерок] бидејќи не им паднал во раце на преработувачите на стар метал“.

[Графикон/слики на страница 25]

(Види во публикацијата)

Реконструкција на Механизмот

1. Предниот бројченик имал ознаки за Месечевите мени, положбата на Сонцето и Месечината, како и за деновите и месеците според соларниот календар и движењето на Сонцето (и видливите планети) во однос на соѕвездијата од зодијакот

2. Задниот горен бројченик служел за да се види соодносот меѓу лунарните месеци, соларните години и времето за одржување на игрите на античките Грци

3. Задниот долен бројченик служел за предвидување на затемнувањата на Сонцето и на Месечината

[Слики]

Предна страна

Задна страна

[Извор на слика]

Двете фотографии: ©2008 Tony Freeth/Antikythera Mechanism Research Project (www.antikythera-mechanism.gr)

[Слика на страница 26]

Можен изглед на задната надворешна плоча

[Извор на слика]

©2008 Tony Freeth/Antikythera Mechanism Research Project (www.antikythera-mechanism.gr)

[Извор на слика на страница 24]

Сите фотографии: ©2005 National Archaeological Museum/Antikythera Mechanism Research Project (www.antikythera-mechanism.gr)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели