Врвни средновековни астрономи
ОТСЕКОГАШ луѓето се восхитувале на Сонцето, Месечината и ѕвездите. Со проучување на положбата и движењето на тие небесни тела, човекот можел да ги брои деновите, месеците и годините.
Арапите биле еден од многуте народи што го проучувале ноќното небо. Науката на Блискиот Исток го доживеала својот процут во деветтиот век, а арапските астрономи од тој период биле сметани за мајстори на полето на астрономијата. Нивните достигнувања одиграле клучна улога во развојот на оваа интересна наука. Да видиме како.
Пионери во астрономијата
Во седмиот и осмиот век, од Арабија исламот почнал да се шири кон запад и преку Северна Африка стигнал до Шпанија, и кон исток сѐ до Авганистан. Појдовна точка на изучувачите од ова огромно подрачје им биле методите на персиските и грчките научници, кои биле под големо влијание на научните сознанија од Вавилон и Египет.
Потоа, во деветтиот век, голем број значајни научни текстови биле преведени на арапски, меѓу кои и делата на грчкиот астроном Птолемеј.a Абасидите, чија династија се простирала од Авганистан до Атлантскиот Океан, успеале да набават санскритски текстови од Индија во кои била содржана ризница на информации за математиката, астрономијата и други науки.
Во исламот многу се ценела астрономијата. Зошто? Една причина е тоа што била тесно поврзана со религијата. Муслиманите веруваат дека, кога се молат, треба да се свртени со лицето кон Мека, а астрономите можеле од секое место точно да одредат во кој правец е Мека. Во 13 век, некои џамии дури ангажирале професионален астроном, или мувакит, кој им помагал на верниците да се молат на исправниот начин, како што велеле тие. Со помош на податоците што ги имале, астрономите можеле да одредат и на кои датуми се паѓале верските празници и кога се правеле обичаите поврзани со нив, како што се рамазанските пости. Освен тоа, можеле да им помогнат на аџиите што оделе во Мека да одредат колку време ќе им треба да стигнат до таму и по кој пат би било најдобро да тргнат.
Под државна капа
Во почетокот на деветтиот век, во Багдад астрономијата била неизоставен дел од образованието на секој учен човек. Калифот ал-Мамун отворил опсерваторија во Багдад, а потоа и во близина на Дамаск. Географите и математичарите што работеле за него ги анализирале, ги споредувале и ги ускладувале податоците што ги имале од персиските, индиските и грчките астрономски сознанија. Опсерватории биле изградени и во голем број други градови на Блискиот Исток.b
Изучувачите што работеле во тие центри дошле до неверојатни сознанија за тоа време. На пример, уште во 1031 год., Абу Рејхан ал-Бируни го изнел мислењето дека планетите не се движат по кружни, туку по елиптични орбити.
Мерките на Земјата
Со ширењето на исламот се зголемил и интересот за картографија и навигација. Картографите се труделе да дадат многу точни мерки и обично биле успешни во тоа. Со цел да направи прецизна карта на светот и да ги одреди степените на географската ширина, калифот ал-Мамун испратил два тима од геодети во Сириската Пустина. Опремени со астролаби, мерни летви и јажиња, двата тима почнале да одат во спротивни правци сѐ додека не забележале дека Северницата е повисоко за еден степен. Пресметале дека растојанието што го поминале е еден степен географска ширина, или 360-ти дел од обемот на Земјата. Нивните пресметки покажале дека обемот на Земјата по меридијанот е 37.369 километри — што е доста близу до точната бројка од 40.008 километри!
Опсерваториите на Блискиот Исток биле опремени со најразлични софистицирани инструменти — астролаби, квадранти, секстанти, сончеви часовници и други инструменти што се користеле за да се изучуваат и да се следат небесните тела. Некои од тие направи биле огромни. Конструкторите сметале дека колку поголем е инструментот толку попрецизен ќе биде.
Со што нѐ задолжиле средновековните астрономи
Достигнувањата на овие средновековни врвни астрономи биле импресивни. Тие направиле каталози на соѕвездијата и шематски ги прикажале, им дале имиња на ѕвездите, направиле поточни календари и продолжиле да прават подобрувања на табелите во кои го бележеле движењето на небесните тела. Во кое и да било време од денот или ноќта можеле да ја одредат положбата на Сонцето, Месечината и на петте видливи планети — што било од непроценлива помош во навигацијата. Исто така, следејќи ја положбата на небесните тела, можеле точно да го мерат времето и да изработуваат точни календари.
Со своите теории за движењето на планетите арапските астрономи за малку ќе успееле да ги разрешат недоследностите во Птолемеевиот систем на вселената. Нивниот пропуст бил во тоа што не сфатиле дека планетите кружат околу Сонцето, а не околу Земјата. Сепак, нивните шематски прикази за движењето на ѕвездите се неверојатно точни, а нивните откритија биле од непроценлива вредност за следните поколенија астрономи во целиот свет.
[Фусноти]
a Грците веќе имале утврдено дека Земјата има сферична форма. Според нивната логика, како инаку еден патник што патувал кон југ би ја гледал ѕвездата Северница сѐ пониско на небото?
b Честопати такви опсерватории биле отворани затоа што владетелот се интересирал за астрологија.
[Рамка/слики на страница 19]
ДРЕВЕН „ЏЕБЕН КОМПЈУТЕР“
Астролабот, претходник на секстантот, е наречен „најважниот астрономски инструмент пред телескопот“. Средновековните научници од Блискиот Исток го користеле овој инструмент за да ги решат проблемите поврзани со времето и положбата на небесните тела.
Астролабот се состоел од убав приказ на небото исцртан на сјајна метална плочка. Степените, или понекогаш часовите во денот, биле испишани на надворешниот раб на основата врз која била поставена плочката. Се гледало преку една подвижна стрелка (алхидада) за да се одреди висината на конкретна ѕвезда при што инструментот се држел со испружена рака. Потоа, резултатите се читале од градираната скала, слично како кај логаритмарот (шиберот).
Со повеќенаменскиот астролаб можеле да се препознаат ѕвездите, можело за кој и да било ден да се предвиди кога ќе изгрее и кога ќе зајде сонцето, да се одреди во кој правец е Мека, да се премерува земјиштето, да се пресмета висината на предметите и да служи како навигационо помагало. Во тоа време, астролабот на некој начин бил „џебен компјутер“.
[Слики]
Астролаб од 13 век
Астролаб квадрант од 14 век
[Извори на слики]
Астролаб: Erich Lessing/Art Resource, NY; астролаб квадрант: © New York Public Library/Photo Researchers, Inc.
[Слика на страница 16]
Цртеж од 16 век на кој се прикажани отомански астрономи што ги користат методите арапските научници
[Слика на страница 17]
Астрономите воделе белешки за движењето на планетите во голем број алманаси составувани во сите исламски земји
[Слика на страница 18]
Небесен глобус, 1285 год.
[Слика на страница 18]
Страници од арапски ракопис за соѕвездија, напишан од астрономот Абд ал-Рахман ал-Суфи, околу 965 год.
[Извор на слика на страница 17]
Страници 16 и 17: Art Resource, NY
[Извори на слики на страница 18]
Ракопис: Со дозвола на Британската библиотека; глобус: © The Bridgeman Art Library