Како арапскиот станал јазикот на учените
СО ВЕКОВИ, арапскиот бил главниот јазик што го користеле учените. Во осмиот век од н.е., учените луѓе од разни блискоисточни градови што зборувале арапски јазик почнале да преведуваат и да коригираат научни и филозофски текстови што датирале уште од времето на Птолемеј и Аристотел. На тој начин ги зачувале и ги збогатиле делата на древните мислители.
Средиште на нови идеи
Во седмиот и осмиот век од н.е., на Блискиот Исток се издигнале две сили — прво умајадската, а потоа абасидската династија. Бидејќи нивните поданици во Арабија, Египет, Мала Азија, Палестина, Персија и Ирак биле и под грчко и под индиско влијание, новите владетели имале пристап до голема ризница на знаења. Абасидите изградиле нова престолнина, Багдад, која станала средиште на нови идеи. Таму Арапите се мешале со Бербери, Грци, Евреи, Ерменци, Индијци, Кинези, Копти, Персијци, Турци и Согдијци кои живееле од другата страна на реката Оксус, денес позната како Аму Дарја, во Централна Азија. Сите тие заедно изучувале разни науки и дебатирале за нив, правејќи спој од нивната култура и учења.
Абасидските владетели во Багдад ги поттикнувале надарените умови, без разлика од каде доаѓале, да придонесат за интелектуалниот развој на империјата. Биле направени плански обиди да се соберат и да се преведат на арапски десетици илјади книги на најразлични теми, меѓу кои и алхемија, аритметика, геометрија, медицина, музика, физика и филозофија.
Калифот ал-Мансур, кој владеел од 754 до 775 год. од н.е., пратил амбасадори на византискиот двор за да донесат математички текстови на грчки. Калифот ал-Мамун (813-833) продолжил во ист правец и му дал силен замав на преведувањето од грчки на арапски, тренд кој опстојал повеќе од два века. Па така, кон крајот на десеттиот век, на арапски биле преведени речиси сите грчки филозофски и научни трудови достапни тогаш. Но, арапските мислители не се концентрирале само на преведување — дале и свој придонес.
Делата на арапските мислители
Многу арапски преведувачи работеле точно и неверојатно брзо. Затоа, некои историчари сметаат дека преведувачите мора да биле добро запознати со тематиката што ја преведувале. Освен тоа, голем број научници ги користеле веќе преведените текстови како отскочна штица за своите трудови.
На пример, лекарот и преведувач Хунејн ибн Исхак (808-873), сириски христијанин, многу придонел за подобро да се разбере сетилото за вид. Неговите дела, во кои имало и точни анатомски дијаграми на окото, станале задолжителен учебник по офталмологија, како во арапскиот свет така и во Европа. Филозофот и лекар Ибн Сина, во западниот свет познат како Авицена (980-1037), напишал десетици книги на најразлични теми — од етика и логика до медицина и метафизика. Неговата збирка, Ал-Канин ал-Тиб, на Западот позната како Канон, се темелела на тогашните сознанија од полето на медицината, вклучувајќи ги и идеите на прочуените грчки мислители Гален и Аристотел. Канонот останал главен медицински учебник во наредните 400 години.
Арапските истражувачи го прифатиле експерименталниот метод во науката, кој е самата основа на научниот напредок. Користејќи го овој метод, тие повторно го пресметале обемот на Земјата и ги поправиле географските податоци во делото на Птолемеј. Историчарот Пол Лунде вели: „Тие се осмелиле да ги преиспитаат дури и делата на Аристотел“.
Напредокот во науката се одразил на многу полиња од секојдневието — на пример, при градењето вештачки езера, аквадукти и воденични тркала, а некои од нив стојат до ден-денес. Новите текстови во врска со земјоделието, ботаниката и агрономијата им помогнале на земјоделците да знаат кои култури најдобро успеваат на одредено поднебје, со што се зголемиле приносите.
Во 805 год. од н.е., калифот Харун ар-Рашид ја отворил првата болница во неговата огромна империја. За кратко време, болници се отвориле и во секој поголем град.
Нови центри на знаењето
Во голем број градови во арапскиот свет имало библиотеки и образовни центри. Во Багдад, калифот ал-Мамун го основал институтот за преведувачка и истражувачка дејност „Баит ал-Хикма“, што значи „Дом на мудроста“. На институтот биле вработени разни научници. Се вели дека во главната библиотека во Каиро имало над милион дела. Во исто време, во Кордоба, главниот град на делот од Шпанија со кој владеела умајадската династија, имало 70 библиотеки во кои се слевале научници и студенти од сите делови на арапскиот свет. Повеќе од два века, Кордоба била главно средиште на науката.
Во Персија, грчките математички методи биле споени со методите на математичарите од Индија, кои развиле систем во кој се користи нулата и во кој секоја цифра добива различна вредност во зависност од положбата и од тоа каде ќе се стави нулата. На пример, цифрата еден може да означува единица, десетка, стотка итн. Овој систем „не само што ги поедноставил пресметките туку го овозможил и развојот на алгебрата“, вели Пол Лунде. Арапските изучувачи придонеле за голем напредок и во геометријата, тригонометријата и навигацијата.
Златната ера на арапската наука и математика настапила кога останатиот дел од светот чмаел во интелектуален мрак. И во средновековна Европа, главно во манастирите, се правеле напори да се зачуваат делата на древните изучувачи. Но, во споредба со достигнувањата во арапскиот свет, нивните напори паѓале во сенка. Меѓутоа, во десеттиот век работите почнале да се менуваат кога преводите на арапските изучувачи дошле и до Западниот свет. Тоа водело до ренесанса на европската наука.
Да, ако ја погледнеме целата слика, гледаме дека ниедна нација или народ не може да си ги присвои заслугите за сегашната состојба во науката и сите нејзини гранки. Денешните напредни култури им должат многу на постарите култури кои го поттикнувале истражувањето, имале смелост да ги преиспитаат тврдењата што се сметале за утврдени факти и ги поддржувале отворените умови.
[Карта на страница 26]
(Види во публикацијата)
◼Умајадско влијание
◻Абасидско влијание
ШПАНИЈА
Кордоба
ВИЗАНТИЈА
Рим
Константинопол
Оксус
ПЕРСИЈА
Багдад
Ерусалим
Каиро
АРАБИЈА
[Слика на страница 27]
Дијаграм на око од Хунајн ибн Исхак
[Слика на страница 27]
Страница од „Канонот“ на Авицена
[Слика на страница 28]
Арапски изучувачи собрани заедно во библиотека во Басра, 1237 год.
[Извор на слика]
© Scala/White Images/Art Resource, NY
[Извори на слики на страница 27]
Дијаграм на око: © SSPL/Science Museum/Art Resource, NY; Канон: © The Art Gallery Collection/Alamy