ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 11/12 стр. 26-27
  • Врвни средновековни инженери

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Врвни средновековни инженери
  • Разбудете се! 2012
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Генијалните Бану Муса
  • Ал-Џазари — „татко на роботиката“
  • Како арапскиот станал јазикот на учените
    Разбудете се! 2012
  • Врвни средновековни лекари
    Разбудете се! 2012
  • Кога времето течеше побавно
    Разбудете се! 2011
  • Сурлата на слонот
    Разбудете се! 2012
Повеќе
Разбудете се! 2012
g 11/12 стр. 26-27

Врвни средновековни инженери

ИНДУСТРИЈАТА веќе потполно се потпира на автоматизираните машини — особено за рутински и повторливи задачи. Но, кога автоматските, програмирани направи за првпат се појавиле на сцената? Дали пред само два-три века, кога Европа ја доживеа индустриската револуција? Може ќе се изненадиш кога ќе чуеш дека автоматските машини биле измислени многу порано.

Во раните години на т.н. златна ера на исламската наука, од 8 до 13 век и натаму, научниците од Блискиот Исток ги превеле на арапски научните и филозофските текстови во кои биле сочувани делата на познати грчки мислители како Аристотел, Архимед, Ктесибиј, Филон од Византија и Херон од Александрија.a Опремена со овие и други дела, Исламската Империја — која се протегала од Шпанија, преку Северна Африка и Блискиот Исток до Авганистан — поседувала знаења кои им овозможиле на учените луѓе да изработат автоматски машини.

Доналд Хил, кој ја изучува историјата на технологијата, вели дека тие машини можеле „непрекинато да работат долги периоди — со часови, денови, па дури и подолго — без помош од човек“. Зошто? Инженерите измислиле ефикасни контролни механизми што го овозможувале тоа. Машините користеле вода од резервоари поставени на повисоко место која претставувала постојан доток на енергија. Биле опремени со вентили кои автоматски се отворале и затворале или кои го менувале текот на водата. Имале и повратна спрега, а и „рана верзија на сигурносни системи“ како што ги нарекува Хил. Да разгледаме неколку примери.

Генијалните Бану Муса

Тројцата Бану Муса — што на арапски значи „синови на Муса“ — живееле во Багдад, во деветтиот век. Тие ги примениле сознанијата од нивните хеленистички претходници Филон и Херон, како и од индиските, кинеските и персиските инженери и успеале да конструираат над 100 изуми. Според Ахсан Масуд кој пишува на научни теми, меѓу овие изуми се фонтана која на одредени интервали ја менува шемата по која ја распрскува водата, часовник со разни визуелни додатоци и садови што автоматски послужуваат пијалаци и што самите се полнат мудро комбинирајќи пловки, вентили и сифони. Според Џим Ал-Калили, кој се занимава со историја на науката, синовите на Муса направиле и едноставни роботи во природна големина — „девојка што служи чај“, која навистина служела чај и флејтист, што е „веројатно најстариот пример за машина што може да се програмира“.

Тие автоматски системи имале многу сличности со денешните современи машини. Меѓутоа, „тие користеле главно вода под притисок, а не електроника. Но многу од принципите на кои работат се исти“, вели Ахсан Масуд.

Ал-Џазари — „татко на роботиката“

Во 1206 год., Ибн ал-Разаз ал-Џазари го довршил своето дело, чиј наслов понекогаш се преведува како Збирка по теориска и практична механика. Делото е наречено „прирачник за систематско конструирање машини“. Некои од изумите на ал-Џазари ги надминувале оние на Бану Муса, а неговите описи и дијаграми се толку детални што денешните инженери можат лесно да ги склопат неговите направи.

Во книгата на ал-Џазари се прикажани направи за црпење вода, водни часовници, часовници што функционираат на свеќи, водни прскалки, музички автомати и пумпа која кружното движење на воденичното тркало го пренасочува кон клип што се движи напред-назад и ја испумпува водата со голема сила. Историчарите тврдат дека ал-Џазари конструирал хидраулични пумпи три века пред истите основни принципи да се применат во западниот свет.

Ал-Џазари направил и необични, а сепак функционални часовници. Часовникот прикажан на сликата е реконструиран во еден трговски центар во Дубаи. Во телото на слонот има резервоар со вода во кој е поставен сад со дупче. Садот се полни со вода за 30 минути по што потонува, повлекувајќи низа движења при кои се користат јажиња и топчиња кои се ослободуваат од „дворецот“ што се наоѓа на грбот на слонот. Кога ќе заврши овој циклус од половина час, садот повторно автоматски се крева на површината и процесот почнува одново. Поради овој изум и другите автоматски машини што ги направил, ал-Џазари со право го добил името „татко на роботиката“.

Приказната за генијалноста на човекот е навистина неверојатна! Но, таа приказна е повеќе отколку само интересна историја. Ни помага да бидеме и пообјективни. Во ова време кога мнозина се удираат в гради со достигнувањата на современата технологија, овие сознанија ни помагаат да не заборавиме колку многу им должиме на надарените и плодни умови пред нас.

a Во врска со преведувачката дејност на арапските изучувачи можеш да прочиташ во статијата „Како арапскиот станал јазикот на учените“ во Разбудете се! од февруари 2012.

Пумпа: © Gianni Dagli Orti/The Art Archive at Art Resource, NY; часовник: © The Metropolitan Museum of Art/Art Resource, NY

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели