Зошто старееме и умираме?
„СО ИСКЛУЧОК на откритието дека старосните промени се случуваат во внатрешноста на секоја поединечна клетка“, д-р Леонард Хејфлик признава дека „денес не знаеме многу повеќе за фундаменталната причина за стареењето отколку што знаевме пред еден век.“ Всушност, тој вели: „Не знаеме ниедна добра причина зошто стареењето неодложно настапува“.
Лабораториските експерименти кои биле изведени пред околу 30 години откриле дека, кога нормални човечки клетки земени од фетус, биле одгледувани во најдобри вештачки услови, смртта настапила после приближно 50 делења. Од друга страна, клетките што биле земени од многу стар човек се делеле само два до десет пати пред да умрат. Затоа, книгата The Incredible Machine (Неверојатната машина), издадена од National Geographic Society (Друштвото на национална географија), забележала: „Експерименталните докази ја поддржуваат идејата дека смртта е програмирана во секого од нас уште при раѓањето“.
Меѓутоа, дали престанувањето на клеточната делба е неизбежно? Не, не е. „Всушност“, според мислењето на двајца стручњаци по стареење, професорите Роберт М. Саполски и Калеб Е. Финч, „се чини дека нестареењето било првобитната состојба на живите суштества на Земјата.“ Иронично со оглед на тоа што некои абнормални човечки клетки денес не стареат.
Книгата The Body Machine (Машината на телото), издадена од д-р Кристијан Барнард, кој го извршил првото пресадување на срце од човек на човек, објаснува: „Откритието на ‚бесмртни клетки‘ им создаде голема главоболка на биолозите заинтересирани за нестареење, сѐ додека не стана јасно дека таквите клетки се абнормални“. Да, некои видови канцерогени клетки можат да се одржат во постојана вештачка средина преку наизглед бескрајно делење! The World Book Encyclopedia навела: „Кога научниците би можеле да утврдат како преживуваат таквите абнормални клетки, тогаш би можеле да стекнат увид во процесот на стареењето на клетките“.Според тоа, некои канцерогени клетки денес во лабораториски услови, очигледно можат бесконечно да се размножуваат додека нормалните клеточни култури стареат и умираат.
Неправилен механизам
Дали човечкото стареење и смртта се резултат на „губење на способноста за размножување во [нормалната] клеточна популација“, како што кажува The Body Machine? Ако е така, вели книгата, тогаш „важно е да се лоцира и да се разбере механизмот што ја контролира таа ограничена повторлива способност, со цел да се управува со неа во обидот да се зголеми животниот век на човекот“.
Како што можеби се сеќавате од претходната статија, д-р Хејфлик зборуваше за „чудата кои нѐ водат од зачнувањето до раѓањето, а потоа до сексуално созревање и до периодот на зрелост“. Тој потоа се осврна на еден „поелементарен механизам кој едноставно засекогаш ќе ги одржува тие чуда“.
И покрај годините здружени напори, научниците не успеале да откријат механизам кој може засекогаш да го одржува животот. „Причините за стареење остануваат мистерија“, признава книгата The Incredible Machine.
Меѓутоа, причината за стареење и смрт всушност не е никаква тајна. Одговорот е достапен.
Кој е одговорот?
Оној кој го има одговорот е токму оној кој е одговорен за „чудата кои нѐ водат од зачнувањето до раѓањето“, нашиот семудар Творец, Јехова Бог. „Во Тебе е изворот на животот“, вели Библијата за него. „Знајте дека е Господ, дека е Он Бог наш, дека Он нѐ создаде нас, а не ние самите“ (Псалм 35:9; 99:3).
Размисли за тоа колку прекрасно Јехова Бог го програмирал твојот развој во утробата, пишувајќи, така да се рече, книга со упатства за да станеш ти уникатен поединец! „Ти си ја создал мојата внатрешност и ме прифати од мајчината ми утроба“, напишал еден библиски псалмист. „Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што си ја создал тајно [кога бев направен во тајност, НС] . . . Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене“ (Псалм 138:13, 15, 16). Очигледно, нашиот прекрасно конструиран човечки организам не е производ на некоја чиста случајност!
Сепак, ако Јехова Бог нѐ создал совршени за да можеме да живееме вечно, тогаш зошто старееме и умираме? Одговорот се наоѓа во забраната која му била поставена на првиот човек, Адам, кого Бог го сместил во еден прекрасен дом на Земјата. Бог му заповедал: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17).
Што се случило? Наместо да го послуша својот небесен Татко, Адам постапил непослушно, придружувајќи ѝ се на својата сопруга, Ева, да јаде од дрвото. Тие себично посегнале по едно лажно ветување од еден ангелски бунтовник (1. Мојсеева 3:1-6; Откровение 12:9). Значи, како што ги предупредил Бог, тие умреле. Иако Адам и Ева биле конструирани со потенцијал да живеат вечно, сепак тоа зависело од нивната послушност спрема Бог. Со тоа што биле непослушни, тие згрешиле. Потоа, како грешници, на сите свои потомци им ја пренеле смртоносната грешка во нивните тела. „По таков начин и смртта премина на сите луѓе“ (Римјаните 5:12; Јов 14:4).
Меѓутоа, тоа не значи дека нема надеж за да се победи стареењето и смртта. Не би требало да ни биде тешко да веруваме дека нашиот семудар Творец може да излечи секаква генетска неправилност и да нѐ снабди со енергија за нашиот живот да продолжи во вечност. Но како ќе го стори тоа? И што мораме да направиме за да ги уживаме неговите ветувања за вечен живот?