Конструирани да живееме вечно
ЧОВЕЧКОТО тело е прекрасно конструирано. Неговиот развој и растење едноставно се чудо. Еден древен писател извикал: „Чудесно сум создаден на начин кој влева стравопочитување“ (Псалм 139:14, НС). Потполно свесни за чудата на човековото тело, некои современи научници увидуваат дека стареењето и смртта претставуваат загатка. Дали и ти мислиш така?
„Толку често се соочуваме со стареењето“, напишал биологот на Харвардскиот универзитет, Стивен Остад, „што јас сум изненаден зошто повеќето луѓе не сфаќаат дека тоа е главна биолошка мистерија.“ Фактот што сите старееме, забележал Остад, „го прави [стареењето] помалку загадочно“. Сепак, кога вистински ќе размислиш за тоа, имаат ли стареењето и смртта некаква смисла?
Минатата година, во својата книга Како и зошто старееме, д-р Леонард Хејфлик ги признал чудата на човековиот живот и на растењето, и напишал: „Откако ги извршила чудата кои нѐ водат од зачнувањето до раѓањето, а потоа до сексуалното созревање и до зрелоста, природата избрала да не смислува нешто што би изгледало како поелементарен механизам кој едноставно засекогаш ќе ги одржува тие чуда. Овој увид со децении ги зачудувал биогеронтолозите [оние кои ги проучуваат биолошките аспекти на стареењето]“.
Дали и тебе те зачудуваат староста и смртта? За каква цел служат? Хејфлик забележал: „Изгледа дека скоро сите биолошки настани од зачнувањето до зрелоста имаат цел, но староста нема. Не е јасно зошто стареењето мора да се случува. Иако сме научиле многу за биологијата на стареењето . . ., неизбежниот исход на бесмислено стареење проследено со смрт сѐ уште е тука“.
Зарем е можно да не сме биле конструирани да остариме и да умреме, туку да живееме засекогаш на Земјата?
Желба за живот
Сигурно си свесен дека скоро никој не сака да остари и да умре. Всушност, многу луѓе се плашат од тој изглед. Во својата книга How We Die (Како умираме), лекарот Шервин Б. Нјуланд, напишал: „Се чини дека никој од нас не е психички способен да се соочи со помислата за сопствената состојба на смрт, со идејата на трајна состојба на несвесност во која нема ниту празнина ниту вакуум — во која едноставно нема ништо“. Дали познаваш некој кој сака да остари, да се разболи и да умре?
Сепак, кога староста и смртта би биле природни и дел од некој мајсторски план, зарем не би ги прифатиле? Но, ние не ги прифаќаме со радост. Зошто не? Одговорот лежи во начинот на кој сме создадени. Библијата вели: „[Бог] дури вечност ставил во [нашите] умови“ (Проповедник 3:11, Byington). Поради таа желба за бескрајна иднина, луѓето долго време барале таканаречен извор на младоста. Тие сакаат да останат вечно млади. Тоа го покренува прашањето: Дали имаме потенцијал за подолг живот?
Конструирано самото да се обновува
Пишувајќи за списанието Natural History (Природна историја), биологот Остад го изложил вообичаеното гледиште: „Склони сме да мислиме за себеси и за другите живи суштества на ист начин како што мислиме за машините: дотрајувањето едноставно е неизбежно“. Но тоа не е вистина. „Биолошките организми во основа се поинакви од машините“, рекол Остад. „Тие сами се обновуваат: раните заздравуваат, коските зараснуваат и болестите поминуваат.“
На тој начин, се наметнува прашањето кое подбудува интерес: Зошто старееме? Како што прашал Остад: „Тогаш, зошто [биолошките организми] треба да бидат подложни на истиот вид дотрајување како и машините?“ Поради тоа што телесните ткива можат сами да се обновуваат, зарем не би можеле да продолжат да го прават тоа вечно?
Во списанието Discover, биологот-еволуционист Џеред Дајмонд дискутирал за прекрасната способност на физичките организми самите да се обновуваат. Тој напишал: „Највидливиот пример за контролирање на оштетувањата во нашите тела е заздравувањето на раните преку кое се обновува оштетената кожа. Многу животни можат да постигнат многу поимпозантни резултати отколку ние: гуштерите можат да ги обноват пресечените опашки, морските ѕвезди и раковите — своите екстремитети, морските краставици — своите црева“.
Во врска со заменувањето на забите, Дајмонд навел: „На луѓето им никнуваат двапати, на слоновите шестпати, а на ајкулите неограничено во текот на нивниот животен век“. Тој потоа објаснил: „Редовното заменување исто така се одвива и на микроскопско ниво. Ги заменуваме клетките кои ја сочинуваат внатрешната обвивка на нашите црева на секои неколку денови, оние кои го обложуваат уринарниот меур еднаш на секои два месеци и нашите црвени крвни клетки еднаш на секои четири месеци.
На молекуларно ниво, нашите протеински молекули се подложни на постојана размена со стапка која е карактеристична за секој поединечен протеин; на тој начин избегнуваме акумулирање на оштетени молекули. Затоа, ако го споредиш денес изгледот на твојот сакан или сакана со оној од пред еден месец, тој или таа можеби изгледа исто, но многу од индивидуалните молекули кои го сочинуваат тоа сакано тело се променети.“
Повеќето клетки на телото периодично се заменуваат со новооформени. Но некои клетки, како што се неуроните на мозокот, можеби никогаш нема да бидат заменети. Меѓутоа, Хејфлик објаснил: „Ако секој дел од клетката е заменет, тогаш таа повеќе не е истата клетка. Неуроните со кои си се родил можеби денес изгледаат како да се истите клетки, но всушност многу од молекулите кои ги сочинувале кога си се родил . . . можеби се замениле со нови молекули. Значи, неделивите клетки можеби сепак не се истите клетки со кои си се родил!“ Тоа е затоа што компонентите на клетките се заменети. Според тоа, теоретски кажано, замената на телесните материи би можела да нѐ одржува во живот засекогаш!
Сети се дека д-р Хејфлик зборуваше за „чудата кои нѐ водат од зачнувањето до раѓањето“. Кои се некои од нив? Додека накратко ги испитуваме, разгледај ја можноста на примената на она што тој го нарекол „поелементарен механизам кој едноставно засекогаш ќе ги одржува тие чуда“.
Клетката
Еден возрасен човек се состои од околу 100 билиони клетки, од која секоја поединечно е несфатливо сложена. За да ја илустрира сложеноста, списанието Newsweek ја споредило клетката со еден утврден град. „Електричните централи ја создаваат енергијата на клетката“, навело списанието. „Фабриките создаваат протеини — витални единици на хемиската размена. Комплексни транспортни системи ги пренесуваат посебните хемикалии од едно место до друго, внатре во клетката и надвор од неа. Стражарите кај барикадите го контролираат извозниот и увозниот пазар и го надгледуваат надворешниот свет за знаци на опасност. Дисциплинирани биолошки војски стојат подготвени за да се борат со напаѓачите. Една централизирана генетска влада одржува ред.“
Размисли за тоа како ти — 100 билиони клетки — си дошол на свет. Си започнал како единечна клетка која се оформила кога спермата од твојот татко се соединила со јајце клетката од твојата мајка. При тоа соединување биле нацртани планови во ДНК (кратенка за дезоксирибонуклеинска киселина) на таа новооформена клетка за на крајот да се произведе она што си ти — еден потполно нов и единствен човек. Се вели дека, „кога би се испишале“ упатствата од ДНК, „би се исполниле илјада книги од по 600 страници“.
Со текот на времето, таа првобитна клетка почнала да се дели, правејќи две клетки, потоа четири, осум и така натаму. Конечно, по околу 270 денови — во кои илјади милиони клетки од многу различни видови се развиле во твојата мајка за да се оформи бебе — си се родил ТИ. Тоа е исто како првата клетка да имала една огромна соба полна со книги со подробни упатства за тоа како да бидеш направен ти. Но, исто толку прекрасен е и фактот што овие сложени упатства биле пренесувани до секоја наредна клетка. Да, зачудувачки е тоа што секоја клетка во твоето тело ги има истите информации што ги содржела првобитната оплодена јајце клетка!
Размисли и за следново: Поради тоа што секоја клетка ги има информациите да создаде секаков вид клетки, кога дошло времето, да речеме, да се создадат клетките на срцето, како биле потиснати упатствата за создавање на останатите клетки? Привидно, во улога на градежен претприемач со цел орман нацрти за создавање бебе, една клетка од својот орман со нацрти избрала нацрт за правење на срцевите клетки. Друга клетка избрала поинаков нацрт со упатства за создавање на нервни клетки, трета, пак, зела нацрт за создавање на клетки на црниот дроб и така натаму. Секако, оваа сѐ уште необјаснета способност на клетката да ги избира потребните упатства за создавање на еден посебен вид клетка, а истовремено да ги потиснува сите други упатства, е уште едно од многуте „чуда што нѐ водат од зачнувањето до раѓањето“.
Сепак, во тоа е вклучено многу. На пример, срцевите клетки треба да бидат стимулирани за да можат ритмички да се собираат. За таа цел, во срцето бил изграден еден сложен систем за создавање на електрични импулси, кои предизвикуваат срцето да чука со исправен ритам за да го одржува телото во активноста во која е вклучено. Навистина, чудо на конструкцијата! Не изненадува тоа што во врска со срцето лекарите рекле: „Тоа е поефикасно од која и да било машина што човекот досега ја измислил“.
Мозокот
Она што уште повеќе зачудува е развојот на мозокот — најмистериозниот дел од чудото на човекот. Три седмици по зачнувањето, почнуваат да се формираат мозочните клетки. Со текот на времето, околу 100 милијарди нервни клетки, наречени неурони — исто толку колку што има ѕвезди во Млечниот Пат — се сместуваат во човечкиот мозок.
„Секој од нив добива податоци од околу 10.000 други неурони во мозокот“, известило списанието Time, „и испраќа пораки до уште илјади.“ Забележувајќи ги веројатните можни комбинации, неуронаучникот Џералд Еделман рекол: „Едно делче од мозокот колку врвот на едно кибритче содржи околу милијарди врски, кои можат да се спојат на начини што можат да се опишат само како хиперастрономски — на бројот десет да му се додадат уште милиони нули“.
Каков потенцијален капацитет му дава тоа на мозокот? Астрономот Карл Саган рекол дека човечкиот мозок може да содржи информации кои „би можеле да исполнат околу дваесет милиони томови, толку колку што има во најголемите библиотеки во светот“. Авторот Џорџ Леонард отишол уште подалеку, објаснувајќи: „Всушност, можеби сега можеме да предложиме една неверојатна хипотеза: Крајниот креативен капацитет на мозокот може да биде практично бесконечен“.
Според тоа, не треба да нѐ изненадат следниве изјави: „Мозокот“, рекол молекуларниот биолог Џејмс Вотсон, еден од пронаоѓачите на физичката структура на ДНК, „е најсложеното нешто што досега сме го откриле во нашиот универзум.“ Неурологот Ричард Рестак, кој го презира споредувањето на мозокот со компјутер, рекол: „Единственоста на мозокот произлегува од фактот што никаде во познатиот универзум нема ништо што оддалеку би личело на него“.
Неуронаучниците велат дека во текот на нашиот сегашен животен век, според едно пресметување, користиме само еден мал дел од нашата потенцијална моќ на мозокот, само околу 1/10.000, или 1/100 од 1 процент. Размисли за тоа. Зарем е разумно да ни биде даден мозок со такви зачудувачки можности ако никогаш не требало во потполност да се користи? Зарем не е разумно дека луѓето, со капацитетот бескрајно да учат, биле всушност конструирани да живеат вечно?
Ако е точно тоа, зошто тогаш старееме? Што тргнало наопаку? Зошто после околу 70 или 80 години умираме наспроти фактот што нашите тела очигледно биле конструирани да траат вечно?
[Графикон на страница 7]
(Види во публикацијата)
Клетката — чудо на конструкција
Клеточна мембрана
Обвивката која контролира што влегува и што излегува од клетката
Јадро
Обвиткано со двојна мембрана; тоа е контролен центар кој управува со активностите на клетката
Рибозоми
Структури во кои аминокиселините се собрани во протеини
Хромозоми
Тие ја содржат клеточната ДНК, нејзиниот генетски главен план
Јадренце
Местото каде што се собрани рибозомите
Ендоплазматичен ретикулум
Канали од мембрани кои ги складираат или пренесуваат протеините што ги создаваат рибозомите кои се сврзани за нив (некои рибозоми слободно пловат во клетката)
Митохондрии
Центри за производство на АТП, молекули кои ја снабдуваат клетката со енергија
Голџиев систем
Група сплеснати торбички со мембрани кои ги пакуваат и разнесуваат протеините што ги создава клетката
Центриоли
Тие лежат во близината на јадрото и важни се за делба на клетката