Необичен часовник во Прага
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РЕПУБЛИКА ЧЕШКА
Уличните продавачи се натпреваруваат за вниманието на туристите кои минуваат. Мешавина од смеа, разговор на различни јазици и гласна музика го исполнува плоштадот. Но, чекајте малку! Зошто мноштвото стивнува? Уште малку ќе отчука полн час и сите очи се вперени во две сини прозорчиња на кулата на градското собрание. Одеднаш, прозорците се отвораат и се појавуваат фигури кои ги претставуваат Христовите апостоли. На чело на поворката е Петар, кој држи голем клуч во раката. Додека 12-те фигури, две по две, по својот редослед се појавуваат на прозорците, оставаат впечаток како да го разгледуваат мноштвото долу.
СВЕДОЦИ сме на еден спектакл на астрономскиот часовник на Старото градско собрание во Прага (Чешка). На секој час, од осум наутро до осум навечер, овој чудесен механизам оживува. Освен механичката парада на апостолите, на надворешната страна на часовникот има и други подвижни фигури. Тие ги претставуваат оние работи од кои најмногу се плашеле луѓето во Прага. На едната страна стои Скржавецот, кој го мери своето ќесе во раката и ја претставува алчноста. Близу до него е Суетата — човек кој пред огледало си се восхитува себеси. И Скржавецот и Суетата климаат со главата во знак на самоодобрување. На другата страна на часовникот стои скелетот — Смртта — кој со едната ковчеста рака ѕвони на ѕвоно, а со другата рака превртува песочен часовник. Одвреме навреме, скелетот ја отвора и ја затвора забестата вилица и клима со главата кон Турчинот — кој ја претставува инвазијата — застанат веднаш до него. Турчинот ја затресува главата и одбива да појде со него.
Постои една приказна дека некое врапче слетало во устата на скелетот токму тогаш кога тој ја затворал устата за последен пат од таа претстава. Несреќното врапче седело затворено цел час сѐ додека скелетот повторно не ја отворил устата! Ако луѓето во денешнава компјутеризирана ера се фасцинирани од ова механичко чудо, можете ли да си замислите колкав впечаток оставило врз оние кои живееле пред стотици години?
Разгледување на часовникот одблизу
Нормално, туристите првенствено се сосредоточуваат на подвижните ликови, кои биле додавани низ вековите откако бил поставен часовникот. Но, најстариот и најгенијален елемент на часовникот е астрономскиот бројченик. Што може да ни каже тој? Прво, времето. На црниот надворешен круг се одбележани златни готски бројки во склад со стариот чешки систем, според кој денот се дели на 24 часа почнувајќи од зајдисонце. Овој круг се врти на тој начин што 24-тиот час секогаш се совпаѓа со залезот, без оглед на годишното време. Римските бројки кои се наоѓат веднаш под надворешниот круг го делат денот на два периода од 12 часа, при што пладнето е на врвот а полноќта е на дното. Прстите на една златна рака покажуваат кое време е од денот.
Движењето на еден голем златен диск што се наоѓа на астрономскиот бројченик го покажува патот на сонцето, додека една мала топка ги покажува Месечевите мени. Привидната ротација на ѕвезденото небо околу Земјата е прикажана со еден помал ексцентричен круг на кој се одбележани знаците на соѕвездијата. На средината на предната страна е прицврстена Земјата, вклучувајќи ги нејзините меридијани, напоредници и полови, а во центарот е Прага. На предната страна има и три круга со кои се претставени Екваторот и Северниот и Јужниот повратник. Така, бројченикот ги покажува релативните положби на Земјата, Месечината, Сонцето и ѕвездите во текот на годината. Под астрономскиот бројченик се наоѓа календарскиот диск, на кој се насликани пејзажи кои го прикажуваат секој месец во годината. Календарскиот диск го покажува датумот на тој начин што секогаш на полноќ се поместува напред за еден степен од вкупно 365-те степени, со исклучок на една ноќ кога годината е престапна.
Еден поглед во механизмот на овој часовник открива зачудувачка низа големи и мали тркалца. За овој комплициран изум се грижи еден механичар, кој темелно го проверува секоја седмица.
Историјата на астрономскиот часовник
Има многу легенди кои се поврзани со астрономскиот часовник во Прага. Според една од нив, часовникот го конструирал извесен Мајстор Хануш. Неговото ремек-дело било толку извонредно што градските власти се плашеле дека тој ќе направи такви часовници и на други места и со тоа ќе ја украде славата на Прага. За да го спречат во тоа, најмиле некој човек за да го нападне и ослепи Мајстор Хануш. Оваа легенда на крајот вели дека Хануш, умирајќи, дошол до тркалата на часовникот и го уништил.
За среќа, ова е само една преувеличена приказна. Сепак, Хануш бил вистинска личност, часовничар во Прага од 1475 до 1497. Многу години експертите верувале дека тој го направил астрономскиот часовник. Меѓутоа, неодамнешните истражувања покажуваат дека уште во 1410 година часовникот го конструирал Микулаш од Кадањ. Хануш го реконструирал во 1490. Од 16 век наваму, механизмот за мерење на времето бил поправан и реконструиран неколку пати. Меѓутоа, по реконструкцијата во 1865, повеќето од неговите составни делови останале исти.
На крајот на II светска војна, нацистичките сили го запалиле Старото градско собрание додека се повлекувале од Прага. Астрономскиот часовник бил многу оштетен. После војната биле разгледани два главни предлога за поправка на часовникот — да се врати на својот првобитен изглед или да му се стават нови бројченици и фигури кои ќе имаат сосема поинаква симболика. Во Прага, атеистичкото размислување било во својот подем и комунистичките власти не биле наклонети кон фигурите на апостолите. Меѓутоа, пред да се промени дизајнот, тројца мајсторски часовничари покажале дека часовникот може да се поправи и затоа му бил вратен изгледот што го имал пред војната. Така, денес сѐ уште гледаме скржавец, скелет, Турчин и апостоли наместо, да речеме, дрводелец, ѕидар, кројач и перачка.
На крајот кукурига петел
Дванаесетте апостоли парадираат во свечената поворка на астрономскиот часовник, но некои детали не се сосема библиски. Јуда Искариотски и Јаков, синот на Алфеј, се заменети со Павле и Варнава, кои во Библијата не се вброени меѓу 12-те апостоли (Дела 1:12—26). Околу главата на секој апостол има ореол — пагански симбол кој не го користеле првите христијани.
Откако ќе се појави фигурата на последниот апостол, почнува да кукурига позлатениот петел кој спие над прозорците. Одѕвонува часот, прозорците се затвораат и толпата почнува да се разотидува. Сакате ли повторно да го видите сето ова? Па, ќе мора да почекаме уште еден час. Во меѓувреме, можеме да ја проучиме предната страна на овој часовник кој речиси 600 години ги привлекува посетителите да дојдат пред Старото градско собрание во Прага.
[Графикон/слика на страница 25]
(Види во публикацијата)
АСТРОНОМСКИОТ БРОЈЧЕНИК
Моментално време 12.57
Залез на Сонцето 17.21
[Графикон/слика на страница 26]
(Види во публикацијата)
КАЛЕНДАРСКИОТ ДИСК
Смртта и Турчинот
[Слика на страница 26]
Датум кој го покажува 1 јануари
[Слика на страница 24]
Суетата и Скржавецот