Види го и чуј го „кралот на часовниците“
ВО 1834 год., откако Вестминстерската палата била уништена во пожар, британските политичари распишале конкурс за избор на идејно решение за новата зграда на Парламентот. Кој проект ќе победи на конкурсот? Била избрана палата во готски стил со огромна четиристрана саат-кула која ја проектирал сер Чарлс Бери. Кралската управа на имотот ја одобрила изградбата на „Кралот на часовниците“ — часовник каков што светот дотогаш не видел.
Овој часовник е една од најзначајните знаменитости на Лондон, а неговите карактеристични отчукувања се препознатливи низ целиот свет. Наречен е Биг Бен, иако овој назив првобитно се однесувал само на неговото главно ѕвоно. Прочуен е насекаде и претставува вистинско инженерско чудо.
Тешка задача
Изградбата на оваа саат-кула висока 96 метри започнала во 1843 година. Три години подоцна, почнала потрагата по мајстор кој ќе може да направи прецизен часовник што не би отстапувал повеќе од една секунда на час. Задачата била многу тешка. Поставен на висока кула, часовникот би бил препуштен на милост и немилост на ветрот, снегот и мразот, а неговите сказалки би требало да продолжат со „работа“, и покрај редовните „посети“ на гулабите. Таквите надворешни влијанија би се одразиле на нишањето на клатното, од кое зависи точноста на часовникот. Додека стручњаците за хорологија барале начин да ги решат проблемите, еден од нив, Едмунд Бекет Денисон, предложил прифатливо решение, а еден од најдобрите часовничари добил задача да го изработи часовникот.
По две години часовникот бил готов, но останал да лежи во работилницата уште пет години додека не била готова кулата. Во меѓувреме, Денисон пронашол начин да го заштити клатното од надворешните влијанија, со што бил решен проблемот со прецизноста.
Раѓањето на Биг Бен
Откако бил довршен механизмот, требало да се направат и ѕвоната. Главното ѕвоно било изработено во една леарница во североисточниот дел на Англија. Било многу поголемо отколку што се очекувало и тежело повеќе од 16 тони! Ѕвоното било толку тешко што ја оштетило палубата на бродот што требало да го однесе до Лондон. По некое време, бродот успешно го пренел својот товар. Последниот дел од патот, ѕвоното го минало во посебна кочија што ја влечеле 16 бели коњи. Потоа било закачено на една рамка пред Парламентот за да биде испробано.
Бидејќи било вообичаено големите ѕвона да имаат имиња, ова огромно ѕвоно е наречено Биг Бен (Големиот Бен). Никој не може со сигурност да каже зошто. Некои велат дека името го добило според сер Бенџамин Хол, крупен човек кој работел за Парламентот. Други тврдат дека ѕвоното му го должи својот назив на Бенџамин Кант, кој во тоа време бил познат боксер во тешка категорија. Сеедно кое е потеклото на неговото име, денес Биг Бен се вика целата саат-кула, а не само главното ѕвоно.
Настрадал двапати
Бидејќи се чинело дека првиот чекан е премногу лесен за Биг Бен, бил заменет со огромен чекан од 660 килограми. Меѓутоа, по неколку месеци испробување, ѕвоното напукнало и не можело да се поправи. Биг Бен бил симнат од рамката, металот бил стопен и повторно излеан во ѕвоно тешко 13,7 тони. Народот повторно излегол на улиците за да види како кочијата го носи новото ѕвоно кон Британскиот парламент.
Набрзо била довршена и кулата. Неколку групи работници се мачеле да го качат ѕвоното и да го закачат во кулата. Најпосле, огромното ѕвоно стоело покрај четирите помали ѕвона кои требало да се огласуваат на секои 15 минути. Бил монтиран и огромниот механизам на часовникот. Конечно, „Кралот на часовниците“ бил спремен да стапи на должност — или барем така изгледало.
Во јули 1859 год., Биг Бен почнал да се огласува секој час. Но успехот траел кратко. На почетокот од октомври, огромното ѕвоно повторно напукнало! Никако не доаѓало предвид ѕвоното да биде симнато од кулата. Наместо тоа, биле ангажирани работници кои го свртиле ѕвоното за 45 степени за да не удира чеканот во пукнатината. Потоа, за да не дојде до уште една хаварија, бил монтиран полесен чекан. За три години, Биг Бен се вратил на својата должност! Ѕвоното сѐ уште ја има својата пукнатина, што му дава карактеристичен тон на ѕвонењето.
Важни настани
Во 1924 год., Британското радиодифузно здружение (Би-Би-Си) постави микрофон на саат-кулата и почна редовно да ги емитува отчукувањата на Биг Бен како државен сигнал за точно време. Осум години подоцна, програмата можеа да ја следат сите жители на територијата на Британскиот Комонвелт, и денес мелодичните тонови на Биг Бен одѕвонуваат низ целиот свет преку светската мрежа на Би-Би-Си.
Часовникот и ѕвоната го преживеаја бомбардирањето за време на Втората светска војна, но, во 1976 год., поради дотраеност на металот во механизмот за одѕвонување, во кулата настана хаварија. Меѓутоа, големото ѕвоно не беше оштетено и, за само неколку седмици, повторно почна да се огласува секој час. Поминаа девет месеци пред часовникот повторно да се доведе во потполн ред.
Долго време, Биг Бен беше најголемиот часовник во светот, и сѐ уште останува најточниот јавен механички часовник. Изработени се многу копии, и големи и мали, од кои се огласува сличен звук. Не е ни чудо што овој часовник стана симбол на Англија и на нејзиниот главен град. Со право може да се каже дека Биг Бен е „Кралот на часовниците“!
[Рамка/слика на страница 18]
КАКО СЕ РЕГУЛИРА
Трипати седмично, еден мајстор мора да се искачи по кружната скала со 300 скалила за рачно да го навие кабелот на кој виси тешкиот тег што го придвижува целиот механизам. Друга должност на овој мајстор е да провери колку е точен часовникот. Клатното долго 4 метри се ниша на секои две секунди. На горниот дел од клатното, на нешто што личи на поличка, се ставаат стари монети. Ако часовникот доцни, мајсторот додава една паричка, а ако оди напред, ја вади.
[Слика]
Парички со кои се регулира прецизноста на часовникот
[Извор на слика]
Навивање на часовникот: AP Photo/Lefteris Pitarakis; парички: сликите, чии авторски права ги држи Парламентот, се користени со негова дозвола
[Слика на страница 19]
Ѕвоното тешко 13,7 тони (Биг Бен) се огласува секој час
[Извор на слика]
Popperfoto/Getty Images