Кои биле Масоретите?
ЈЕХОВА, ‚Богот на вистината‘, ја сочувал својата Реч, Библијата (Псалм 30:5). Но, со оглед на тоа што Сатана, непријателот на вистината, се обидувал да ја искриви и да ја уништи, прашањето е на кој начин Библијата дошла до нас токму во оној облик во кој била напишана? (Види Матеј 13:39.)
Еден дел од одговорот може да се најде во коментарот на професорот Роберт Гордис: „Постигнувањето на хебрејските писари, наречени масорети, односно ‚одржувачи на традицијата‘, не се цени доволно. Овие непознати писари ја препишувале Светата книга педантно и со грижа полна со љубов“. Иако повеќето од овие препишувачи ни се непознати нам денес, името на едно семејство Масорети е јасно забележано — Бен Ашер. Што знаеме за нив и за другите Масорети?
Семејството Бен Ашер
Оној дел од Библијата кој првобитно бил напишан на хебрејски јазик, а честопати е наречен Стар завет, бил точно препишан од страна на еврејските писари. Од шестиот до десеттиот век н.е., овие препишувачи биле нарекувани Масорети. Во што се состоела нивната работа?
Со векови, хебрејскиот јазик се пишувал само со согласки, а самогласките ги додавал читателот. Меѓутоа, до времето на Масоретите, исправниот изговор на хебрејскиот јазик се изгубил бидејќи многу Евреи повеќе не го зборувале течно тој јазик. Групи од Масорети во Вавилон и во Израел измислиле знаци кои ќе се ставаат покрај согласките за да го покажуваат акцентот и исправниот изговор на самогласките. Биле оформени најмалку три различни системи, но оној кој преовладеал бил системот на Масоретите од Тиберија, покрај Галилејското Море, каде што се наоѓал домот на семејството Бен Ашер.
Изворите наведуваат пет генерации Масорети од ова посебно семејство, почнувајќи со Ашер Постариот од осмиот век н.е. Другите биле Неемија Бен Ашер, Ашер Бен Неемија, Мојсеј Бен Ашер и, на крајот, Арон Бен Мојсеј Бен Ашер од десеттиот век н.е.a Овие мажи ги предводеле луѓето кои ги усовршувале пишаните симболи коишто на најдобар начин би го изразиле она за кое тие разбрале дека е исправен изговор на хебрејскиот библиски текст. За да ги оформат овие симболи, тие морале да ја утврдат основата на хебрејскиот граматички систем. Никогаш дотогаш не бил запишан утврден систем на правила за хебрејската граматика. Затоа може да се рече дека овие Масорети биле меѓу првите хебрејски граматичари.
Арон, последниот Масорет од традиционалното семејство Бен Ашер, бил првиот кој запишал и издал такви податоци. Тоа го сторил во делото со наслов „Sefer Dikdukei ha-Te‘amim“, првата книга со хебрејски граматички правила. Оваа книга станала основа за работата на другите хебрејски граматичари во текот на наредните векови. Но, таа била само спореден производ од една уште поважна работа на Масоретите. Која била таа?
Потреба од извонредна меморија
Главната грижа на Масоретите било точното пренесување на секој збор, па дури и на секоја буква од библискиот текст. Со цел да ја осигураат точноста, Масоретите ги користеле страничните маргини на секоја страница за да ги запишуваат податоците кои би укажале на секаква можна промена на текстот, што претходните препишувачи ја направиле било од невнимание било намерно. Во овие маргинални забелешки, Масоретите забележувале и некои невообичаени зборовни форми и комбинации, означувајќи колку често се појавуваат во склоп на една книга или во склоп на целите Хебрејски списи. Овие забелешки биле напишани со многу скратени шифри, бидејќи просторот бил ограничен. Како дополнителна помош за паралелно проверување, тие го означувале средниот збор и буква на некои книги. Оделе дури и дотаму што ја броеле секоја буква од Библијата за да осигураат точно препишување.
На маргините што се наоѓале на врвот и на дното од страницата, Масоретите запишувале поопширни коментари кои се однесувале на некои скратени забелешки од страничните маргини.b Тие биле од помош при паралелното проверување на нивната работа. Со оглед на тоа што тогаш стиховите не биле нумерирани и немало библиски конкорданци, на кој начин Масоретите се осврнувале на другите делови од Библијата за да го направат ова паралелно проверување? На маргините од врвот и од дното, тие навеле дел од некој паралелен стих за да ги потсети на кое друго место од Библијата може да се пронајде зборот или зборовите на кои се укажува. Поради ограничениот простор, тие честопати ќе напишеле само еден клучен збор за да ги потсети на секој паралелен стих. За да бидат корисни овие забелешки од маргините, препишувачите во суштина морале да ја знаат на памет целата хебрејска Библија.
Списоците кои биле предолги за да се напишат на маргините, ги пренесувале на друг дел од манускриптот. На пример, забелешката на Масоретите, што се наоѓа на страничната маргина на 1. Мојсеева 18:3, прикажува три хебрејски букви — קלד. Тоа е хебрејскиот еквивалент за бројот 134. Во друг дел од манускриптот се наоѓа список кој ги покажува 134-те места од кои предмасоретските препишувачи намерно го отстраниле името Јехова од хебрејскиот текст, заменувајќи го со зборот „Господ“.c Иако биле свесни за овие промени, Масоретите не си зеле слобода да го менуваат текстот што им бил предаден. Наместо тоа, на овие промени укажале во маргиналните забелешки. Но, зошто Масоретите воделе толку голема грижа да не го менуваат текстот, кога претходните препишувачи го сториле тоа? Дали нивниот облик на еврејско верување се разликувал од верувањето на нивните претходници?
Во што верувале тие?
За време на овој период на напредок на Масоретите, јудаизмот бил заплеткан во длабоко вкоренета идеолошка војна. Од првиот век н.е., рабинскиот јудаизам почнал да ја зголемува својата власт. Со пишувањето на Талмудот и со толкувањата на рабините, библискиот текст станал спореден, после рабинското толкување на усниот закон.d Затоа, внимателното зачувување на библискиот текст би можело да ја изгуби својата важност.
Во осмиот век, една група позната како Караити се побуниле против ваквата тенденција. За да ја нагласат важноста на личното проучување на Библијата, тие го отфрлиле авторитетот и толкувањата на рабините, како и на Талмудот. Само библискиот текст го прифатиле како свој авторитет. Ова ја зголемило потребата од внимателно пренесување на текстот, а со тоа масоретските учења добиле нов замав.
До кој степен рабинското или караитското верување влијаеле врз Масоретите? М. Х. Гошен-Готстин, стручњак за хебрејски библиски манускрипти, изјавува: „Масоретите биле убедени . . . дека ја одржуваат древната традиција и дека ако намерно ја прекинат, со тоа би го направиле најголемиот можен грев“.
На исправното препишување на библискиот текст Масоретите гледале како на света задача. Иако лично можеби биле силно мотивирани од други религиозни размислувања, изгледа дека работата на Масоретите била надвор од идеолошките теми. Прецизни маргинални забелешки давале малку простор за теолошки дебати. Самиот библиски текст им бил од животоважно значење — тие не би си поигрувале со него.
Корист од нивната работа
Иако природниот Израел повеќе не бил Божји избран народ, овие еврејски препишувачи потполно се оддале на грижливо зачувување на Божјата Реч (Матеј 21:42-44; 23:37, 38). Постигнувањето на семејството Бен Ашер и на другите Масорети, добро го искажал Роберт Гордис, кој напишал: „Тие понизни но непоколебливи работници . . . незабележливо ја извршиле својата херкулска задача, имено да го заштитат библискиот текст да не се изгуби или да не биде изменет“ (The Biblical Text in the Making). Како резултат на тоа, кога реформаторите од XVI век, како што биле Лутер и Тиндејл, ѝ се спротивставиле на црковната власт и започнале да ја преведуваат Библијата на народните јазици за да можат да ја читаат сите луѓе, тие имале добро сочуван хебрејски текст кој го користеле како основа за својата работа.
Работата на Масоретите е корисна и за нас денес. Нивните хебрејски текстови ја сочинуваат основата за Хебрејските списи на New World Translation of the Holy Scriptures. Овој превод и понатаму се преведува на многу јазици и тоа со истиот дух на оддаденост и грижа за точноста, каков што покажувале и древните Масорети. Добро правиме ако и ние покажуваме сличен дух додека ѝ посветуваме внимание на Речта на Јехова Бог (2. Петрово 1:19).
[Фусноти]
a Во хебрејскиот јазик, „бен“ значи „син“. Според тоа, Бен Ашер значи „синот на Ашер“.
b Масоретските забелешки на страничните маргини се наречени Мала Масора. Забелешките на маргините од врвот и од дното се наречени Голема Масора. Списоците што се наоѓаат на кое и да е друго место од манускриптот се наречени Завршна Масора.
c Види го додатокот 1Б од New World Translation of the Holy Scriptures With References (Нов Свет превод на Светото писмо со референции).
d За повеќе информации во врска со усниот закон и рабинскиот јудаизам, види на страници 8-11 од брошурата Ќе постои ли некогаш свет без војни?, издадена од Библиско и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
[Рамка/слика на страница 28]
Системот на хебрејскиот изговор
ПОТРАГАТА на Масоретите по најдобар начин за означување на знаците за самогласките и на ознаките за акцентот, траела со векови. Затоа, не е чудно што се гледа еден постојан развој со секоја генерација на семејството Бен Ашер. Денешните манускрипти ги прикажуваат стиловите и методите само на последните два Масорета од семејството Бен Ашер — Мојсеј и Арон.e Една компаративна студија на овие манускрипти покажува дека Арон разработил правила за некои споредни места за изговор, како и системи на знаци кои се разликувале од оние на татко му, Мојсеј.
Бен Нефтали бил современик на Арон Бен Ашер. Каирскиот кодекс на Мојсеј Бен Ашер содржи многу текстови кои му се припишуваат на Бен Нефтали. Од ова произлегува дека или Бен Нефтали лично студирал кај Мојсеј Бен Ашер или и двајцата зачувале една подревна општопозната традиција. Многу научници зборуваат за разликите меѓу системите на Бен Ашер и на Бен Нефтали, но М. Х. Гошен-Готстен пишува: „Не би било далеку од вистината да се зборува за два подсистема во семејството Бен Ашер, а разликата на текстовите да се нарече: Бен Ашер против Бен Ашер“. Затоа, би било неисправно да се зборува само за еден метод на Бен Ашер. Тоа што методите на Бен Ашер станале конечна утврдена форма, не е поради некаква вродена супериорност. Текстот на Арон Бен Ашер добил предност само поради тоа што талмудскиот научник од XII век, Мојсеј Мајмонид, му оддал признание.
[Artwork—Hebrew characters]
Дел од 2. Мојсеева 6:2, со и без местата каде што треба да стојат самогласки и дијакритички знаци
[Фуснота]
e Каирскиот кодекс (895 н.е.) кој ги содржи само претходните и подоцнежните пророци, претставува пример за Мојсеевите методи. Кодексот од Алепо (околу 930 н.е.) и Ленинградскиот кодекс (1008 н.е.) се сметаат како примери за методите на Арон Бен Ашер.
[Слика на страница 26]
Тиберија, центарот на активноста на Масоретите од осмиот до десеттиот век
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.