ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 1/07 стр. 4-9
  • Дали науката ќе нѐ излекува?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали науката ќе нѐ излекува?
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Навидум непремостливи пречки
  • Борбата против болеста и смртта — дали ја добиваме?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Подобро здравје — нов правец?
    Разбудете се! 2001
  • Алтернативни терапии — зошто многумина ги користат
    Разбудете се! 2001
  • Трансфузија на крв — колку е безбедна?
    Како може крвта да ти го спаси животот?
Разбудете се! 2007
g 1/07 стр. 4-9

Дали науката ќе нѐ излекува?

ДАЛИ современата наука ќе нѐ излекува? Дали библиските пророштва од книгата Исаија и од Откровението укажуваат дека ќе дојде време кога човекот ќе им стави крај на сите болести? Со оглед на големиот напредок што е постигнат во медицината, некои сметаат дека ова и не е толку неверојатно.

Владите и добротворните организации, како и богати поединци, сега соработуваат со Обединетите нации во една беспримерна кампања против болестите. Се вложуваат здружени напори да се вакцинираат децата во земјите во развој. Според УНИЦЕФ, доколку тие земји успеат да ги остварат своите цели, „до 2015 година, повеќе од 70 милиони деца кои живеат во најсиромашните земји во светот, секоја година ќе добиваат животоспасувачки вакцини против болести како што се туберкулозата, дифтеријата, тетанусот, магарешката кашлица, сипаниците, рубеолата, жолтата треска, хемофиличниот грип од типот Б, хепатитот Б, детската парализа, против Ротавирусот [вирус од фамилијата Reoviridae, кој предизвикува дијареја особено кај доенчињата и малите деца], како и имунизација против пнеумококите [бактерии што предизвикуваат воспаление на белите дробови], менингококите [кои предизвикуваат менингит] и против јапонскиот енцефалитис [воспаление на мозокот кое го предизвикува вирус од родот Flavivirus]“. Освен тоа, се преземаат мерки да се обезбедат основните предуслови за добро здравје, како што се соодветен пристап до чиста вода, подобра исхрана и едукација во врска со одржувањето на личната хигиена.

Но, научниците се надеваат дека ќе можат да понудат многу повеќе отколку основните работи во врска со здравствената нега. Современата технологија придонесува за вистинска револуција во медицината. Се вели дека на секои 8 години научниците ги удвојуваат своите сознанија на ова поле. Следат само неколку примери на некои од последните технолошки достигнувања и цели во борбата против болестите.

◼ Радиографија (електромагнетно снимање) Повеќе од 30 години, лекарите и болниците користат една техника позната под името КТ-скенирање. Акронимот КТ е скратеница за компјутеризирана томографија. Со КТ-скенерите се прават тродимензионални електромагнетни снимки на внатрешноста на човечкото тело. Овие снимки помагаат при дијагностицирањето на болестите и при испитувањето на внатрешните нарушувања.

Иако има извесни несогласувања во врска со опасностите што се поврзани со изложеноста на зрачење (при снимањето), медицинските експерти гледаат со оптимизам на идните користи од ваквата сѐ понапредна технологија. Мајкл Венир, професор по радиологија на медицинскиот факултет во склоп на болницата Чикаго, вели: „Само од напредокот што е постигнат во последниве неколку години ќе ви се сврти во глава“.

КТ-скенерите сега се побрзи, попрецизни и не се толку скапи како порано. Една важна предност на најновите методи за скенирање е брзината со која можат да се направат снимки. Ова е особено важно кога се снима срцето. Бидејќи тоа постојано чука, многу од снимките што се добиваа беа матни, па затоа беше тешко да се даде точна проценка на состојбата. Во списанието New Scientist се вели дека новите скенери „ротираат околу телото за една третина од секундата, што е побрзо од едно отчукување на срцето“, и на тој начин добиените снимки се многу појасни.

Со помош на најновите скенери, лекарите не само што можат да ги видат анатомските поединости на внатрешните органи, туку можат да ги испитуваат и биохемиските процеси што се одвиваат во одредени ткива или органи. Со ваквата примена би можел да се открие рак уште во почетните стадиуми.

◼ Хируршки зафати со помош на роботи Современите прецизни роботи веќе не се научна фантастика — барем не на полето на медицината. Веќе илјадници операции се извршени со помош на роботи. Во некои случаи, хирурзите користат далечински управувач, со кој можат да управуваат со неколку роботски раце. Овие раце се опремени со скалпели, ножици, камери, електрокаутери и други хируршки инструменти. Технологијата им овозможува на хирурзите да вршат многу тешки операции со неверојатна прецизност. Списанието Newsweek известува: „Хирурзите што работат на ваков начин увиделе дека пациентите губат помалку крв и чувствуваат помала болка, а постои и помал ризик од компликации. Освен тоа, пациентите престојуваат пократко во болница и закрепнуваат побрзо отколку при класична операција“.

◼ Наномедицина Наномедицината ја применува нанотехнологијата на полето на медицината. Нанотехнологија е наука која се занимава со конструирање и управување со микроскопски направи. Единица мерка во оваа технологија е нанометарот, а тој е еден милијардити дел од метарот.a

За да добиеме некаква претстава за каква микроскопска мерка станува збор, ќе кажеме дека, за споредба, дебелината на страницата што сега ја читаш изнесува отприлика 100.000 нанометри, а влакното човечка коса е дебело околу 80.000 нанометри. Пречникот на една црвена крвна клетка изнесува 2.500 нанометри. Една бактерија е долга отприлика 1.000 нанометри, а вирусот е долг околу 100 нанометри. Пречникот на твојата ДНК изнесува 2,5 нанометри.

Застапниците на оваа технологија се уверени дека, во блиска иднина, научниците ќе можат да конструираат многу ситни направи чија цел ќе биде да извршат медицински зафати внатре во човечкото тело. Овие мали роботи, кои честопати се нарекувани наномашини, ќе бидат опремени со микроскопски компјутери програмирани со многу конкретни упатства. Најчудно е тоа што овие прилично сложени машини ќе бидат изработени од делови помали од 100 нанометри. Ова значи дека деловите ќе бидат 25 пати помали од пречникот на црвената крвна клетка!

Со оглед на тоа што ќе бидат толку мали, научниците се надеваат дека, еден ден, овие наномашини ќе можат да поминат и низ ситните капилари за да достават кислород до анемичните ткива, да ги отстранат зачепувањата на крвните садови и наслагите од нервните клетки на мозокот, па дури и да ги фатат и да ги уништат вирусите, бактериите и другите предизвикувачи на инфекции. Наномашините би можеле да се користат и за да го однесат лекот директно до одредени клетки.

Научниците предвидуваат дека со помош на наномедицината ракот ќе може да се открие многу рано. Д-р Семјуел Виклајн, професор по медицина, физика и биомедицински инженеринг, изјави: „Благодарение на оваа технологија, има големи шанси сосема мал рак да се открие многу порано отколку во минатото и да се третира со јаки лекарства само на местото каде што е туморот, при што би се намалиле сите можни несакани нус-појави“.

Иако сето ова можеби некому ќе му звучи како научна фантастика, во умовите на некои научници наномедицината е многу реална. Водечките истражувачи на ова поле се надеваат дека во следната деценија нанотехнологијата ќе се користи за поправање и преправање на молекуларната структура на живите клетки. Еден од поборниците на оваа технологија вели: „Наномедицината ќе ги отстрани практично сите болести што биле вообичаени за 20-тиот век, ќе ги отстрани сета болка и страдања што ги предизвикувале тие, и ќе му помогне на човекот уште повеќе да ги искористи своите способности“. Уште денес некои научници известуваат дека имале прилично голем успех во примената на наномедицината врз лабораториските животни.

◼ Геномика Науката што се занимава со изучување на структурата на гените се нарекува геномика. Секоја клетка на човечкото тело се состои од многу делови кои се неопходни за живот. Еден од овие составни делови е генот. Секој од нас има околу 35.000 гени кои ја одредуваат бојата на косата и нејзиниот квалитет, бојата на кожата и на очите, висината и други карактеристики на нашиот надворешен личен изглед. Нашите гени играат важна улога и во одредувањето на состојбата на нашите внатрешни органи.

Какво и да било оштетување на гените може да се одрази врз здравјето. Всушност, некои истражувачи сметаат дека сите болести се резултат на нарушената функција на гените. Некои дефектни гени се наследуваат од родителите. Други се оштетуваат доколку сме изложени на штетни влијанија од околината.

Научниците се надеваат дека наскоро ќе бидат во можност да откријат конкретно кои гени нѐ прават склони на болести. Ова ќе им помогне на лекарите да разберат, на пример, зошто некои лица се посклони кон рак од другите, или зошто некој вид рак е поагресивен кај некои луѓе. Геномиката може да открие и зошто некој лек им помага на едни, а не им помага на други пациенти.

Ваквите детални информации за гените може да придонесат за раѓање на она што се нарекува индивидуална медицина, односно медицина приспособена на конкретните потреби на секој пациент. Како може да ти користи оваа медицина? Идејата за една ваква индивидуална медицина укажува на тоа дека здравствената нега ќе може да се скрои по твоја мерка, односно да одговара на твојот уникатен генетски профил. На пример, ако од проучувањето на твоите гени се увиди дека имаш предиспозиции да добиеш некоја болест, лекарите ќе можат да ја откријат долго пред да се појават какви и да било симптоми. Застапниците на оваа идеја тврдат дека, во случаи кога болеста сѐ уште не се појавила, исправното лекување, исхрана и промени во однесувањето можат дури и целосно да ја спречат.

Твоите гени можат да им помогнат на лекарите да увидат дека кај тебе има шанси да дојде до нус-појави при користењето на даден лек. Така ќе можат да ти го припишат исправниот лек и да го дозираат според твоите посебни потреби. Во весникот The Boston Globe се известува: „До 2020 година, влијанието [на индивидуалната медицина] ќе биде далеку поголемо отколку што воопшто можеме да си замислиме денес. Ќе можат да се изработуваат индивидуални лекови за шеќерна болест, срцеви заболувања, Алцхајмерова болест, шизофренија, како и за многу други болести што општеството денес скапо ги плаќа“.

Видовите на технологија што ги спомнавме досега се само еден пример за тоа што ветува науката за иднината. Медицинските сознанија продолжуваат да растат со невидена брзина. Но, научниците не очекуваат наскоро во потполност да бидат отстранети сите болести. Постојат многу пречки што сѐ уште изгледаат непремостливи.

Навидум непремостливи пречки

Човечкото однесување може да го забави искоренувањето на болестите. На пример, научниците сметаат дека штетата што им ја нанел човекот на некои еко-системи придонела за развој на нови, опасни болести. Во интервјуто за списанието Newsweek, Мери Перл, претседател на Wildlife Trust, објасни: „Од средината на 1970-тите се појавија повеќе од 30 нови болести, меѓу кои се и СИДА-та, еболата, Лајмовата болест и САРС-от. Се смета дека повеќето од нив преминале на луѓето од животинскиот свет“.

Освен тоа, луѓето јадат сѐ помалку свежо овошје и зеленчук, а сѐ повеќе шеќер, сол и заситени масти. Сето ова, како и намалената физичка активност и други нездрави навики, придонесува за сѐ поголем број срцеви заболувања. Во пораст е и пушењето, кое предизвикува тешки здравствени проблеми и смрт на милиони луѓе низ целиот свет. Освен тоа, секоја година, околу 20 милиони лица се здобиваат со тешки повреди или гинат во сообраќајни несреќи. Војните и други облици на насилство убиваат или осакатуваат неброени други лица. Милиони имаат слабо здравје како последица од претерано консумирање алкохол или од злоупотреба на дрога.

Факт е дека, без оглед на причините, а и покрај целокупниот напредок во медицинската технологија, некои болести и понатаму продолжуваат да беснеат. Според Светската здравствена организација (СЗО), ‚во кое и да било време, повеќе од 150 милиони луѓе страдаат од депресија, околу 25 милиони имаат шизофренија, а 38 милиони имаат епилепсија‘. Секоја година милиони лица се заразуваат со ХИВ/СИДА, добиваат дијареја, маларија, сипаници, пневмонија и туберкулоза, а безброј деца и млади умираат од овие болести.

Има и други навидум непремостливи пречки поради кои болестите не можат да се искоренат. Две големи пречки се сиромаштијата и неспособните влади. Во еден неодамнешен извештај, СЗО извести дека милиони што умираат од заразни болести можеле да останат живи ако владите малку повеќе се заангажирале и ако имало доволно средства на располагање.

Дали научните сознанија и огромниот напредок на медицинската технологија ќе помогнат да се премостат овие пречки? Дали наскоро ќе живееме во свет без болести? Всушност, од сето она што го наведовме погоре не можеме да добиеме јасен одговор на овие прашања. Но, Библијата го има одговорот. Во следната статија ќе разгледаме што вели таа за иднината во која повеќе нема да има болести.

[Фуснота]

a Претставката „нано“, која доаѓа од грчкиот збор за „џуџе“, значи „еден милијардити дел“ од нешто.

[Рамка/слики на страница 7]

Радиографија (електромагнетно снимање)

Појасните, попрецизни снимки на човечкото тело можат да помогнат да се открие некоја болест уште во почетните стадиуми

[Извори на слики]

© Philips

Siemens AG

Хируршки зафати со помош на роботи

Роботите што се опремени со хируршки инструменти им помагаат на лекарите да извршат многу тешки операции со неверојатна прецизност

[Извор на слика]

© 2006 Intuitive Surgical, Inc.

Наномедицина

Микроскопските машини направени од човек би можеле да им помогнат на лекарите да ја лекуваат болеста на клеточно ниво. На сликава може да се види уметничка претстава на наномашина која врши слична функција како една крвна клетка

[Извори на слики]

Уметник: Vik Olliver (vik@diamondage.co.nz)/ Конструктор: Robert Freitas

Геномика

Со проучување на структурата на гените на секој поединец, научниците се надеваат дека ќе можат да ја откријат и да ја лекуваат болеста уште пред пациентот да почувствува каков и да е симптом

[Извор на слика]

Хромозоми: © Phanie/ Photo Researchers, Inc.

[Рамка на страници 8 и 9]

Шест непобедени непријатели

Медицинските сознанија и технологија и понатаму напредуваат со невидено темпо. И покрај тоа, заразните болести и понатаму беснеат низ светот. Смртоносните болести што се наведени подолу сѐ уште не се победени.

ХИВ/СИДА

Околу 60 милиони лица се заразени со ХИВ, а околу 20 милиони умреа од СИДА. Во 2005 година беа инфицирани уште пет милиони лица, а повеќе од три милиони умреа од болести поврзани со СИДА-та. Меѓу жртвите имаше над 500.000 деца. Поголемиот дел од носителите на вирусот ХИВ не можат да добијат соодветно лекување.

Дијареја

Секоја година се регистрираат околу четири милијарди случаи на дијареја. Затоа се вели дека таа е една од главните причини за смрт меѓу сиромашното население. Дијарејата е последица од различни заразни болести што се шират преку загадена вода или храна или, пак, поради несоодветна лична хигиена. Од овие инфекции годишно умираат повеќе од два милиона луѓе.

Маларија

Секоја година, околу 300 милиони лица заболуваат од маларија. Годишно од неа умираат околу еден милион луѓе, а голем дел од нив се деца. Во Африка, на секои 30 секунди од маларија умира по едно дете. Според Светската здравствена организација (СЗО), „науката сѐ уште не го открила волшебниот куршум против маларијата, а мнозина се сомневаат дека такво едноставно решение воопшто постои“.

Сипаници

Во 2003 година, од сипаници умреа повеќе од 500.000 лица. Сипаниците, кои се главна причина за смртност кај децата, се многу заразна болест. Секоја година околу 30 милиони лица се заразуваат од сипаници. Иронично е тоа што во последниве 40 години постои делотворна и евтина вакцина против оваа болест.

Пневмонија

СЗО тврди дека повеќе деца умираат од пневмонија отколку од која и да било друга заразна болест. Секоја година, од оваа болест умираат околу два милиона деца помали од пет години. Најголема е смртноста во Африка и во југоисточна Азија. Во многу земји во светот, болните не можат да го добијат животоспасувачкото лекување затоа што немаат речиси никаков пристап до здравствени установи.

Туберкулоза

Во 2003 година, од туберкулоза (ТБЦ) умреа над 1.700.000 лица. Медицинските лица се многу загрижени затоа што се појавуваат бактерии кои се отпорни на лекови против ТБЦ. Некои видови бактерии станале отпорни на сите најважни лекови што се користат против оваа болест. Ваквите бактерии ги има кај пациенти што се лекуваат без добар надзор на лекар или, пак, не ја земаат терапијата до крај.

[Рамка/слика на страница 9]

Алтернативните облици на лекување во подем

Постојат најразлични методи на лекување кои не се општо прифатени од лекарите што се занимаваат со конвенционална медицина. Овие начини на лекување се познати како народна или алтернативна медицина. Во земјите во развој, поголемиот дел од населението се лекува со традиционална медицина. Во сиромашните места мнозина не можат да си дозволат лекување со конвенционални методи, а други, пак, едноставно повеќе сакаат да се лекуваат со традиционални методи.

Алтернативните облици на лекување сѐ повеќе се користат и во богатите земји. Меѓу најпознатите видови на алтернативно лекување се акупунктурата, хиропрактиката, хомеопатијата, натуропатијата и лекувањето со билки. Некои од овие видови лекување биле научно испитани и се покажало дека во извесни случаи можат да помогнат. Но, делотворноста на некои методи не е целосно потврдена. Зголемената популарност на алтернативната медицина покрена прашања во врска со тоа колку се безбедни ваквите методи. Во многу земји овој вид лекување не е регулиран со закон. Ова претставува добра почва за појава на сѐ повеќе случаи на лекување „на своја рака“, на фалсификат-лекови и на надрилекари. Понекогаш, со најдобри намери, пријателите и роднините кои немаат соодветна стручна обука самите се ставаат во улога на медицински советници. Сето ова довело до нус-појави и до други опасности за здравјето.

Во неколку земји каде што алтернативната медицина е регулирана со закон, некои алтернативни методи се прифатени од конвенционалната медицина и лекарите честопати им ги припишуваат на своите пациенти. Но, и покрај тоа, нема цврста причина да веруваме дека и со овие методи ќе се излекуваат сите болести во светот.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели