Како да се справиш со проблемите во сообраќајот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
ИМАШ закажано на лекар, и затоа тргнуваш од дома доволно рано за да стигнеш на време. Но, не си помислил дека би можел да наидеш на застој во сообраќајот. Минутите си одминуваат додека твојата кола ползи по патот, а ти стануваш сѐ понервозен. Конечно стигнуваш кај лекарот, но доцниш половина час.
Причината за една од најголемите маки на градските жители е сообраќајот, особено густиот сообраќај што ги блокира улиците и го труе воздухот. За жал, изгледа нема показатели дека на оваа секојдневна мака со која се соочуваат милионите жители на градовите во скоро време ќе ѝ дојде крајот.
Институтот за транспорт во Тексас ја даде следнава изјава во врска со Соединетите Држави: „Сообраќајот станува сѐ погуст во градски подрачја со најразлична големина“. Во овој извештај стоеше и дека властите едноставно не можат да изнајдат соодветни решенија за да се справат со сѐ поголемите потреби на лицата што секојдневно патуваат во градовите. Ситуацијата е слична насекаде во светот. Неодамна, неколку илјади возачи во Кина заглавиле во еден застој на патот во должина од 100 километри, а на полицијата ѝ биле потребни неколку дена за да го расчистат. Во градот Мексико се потребни повеќе од четири часа за да се поминат 20 километри низ центарот на градот. Обичен пешак ќе го помине истото растојание за пократко време.
Не е тешко да се види зошто градските улици се блокираат од густ сообраќај. Градовите растат без престан, и сега речиси половина од светското население живее во нив. Со растот на градовите расте и бројот на возилата. Во врска со ова, еден новинар го рекол следново: „Премногу луѓе поседуваат премногу коли, а сакаат да ги возат на истиот тесен простор“.
Зошто проблемите во сообраќајот тешко се решаваат
Бидејќи луѓето се чувствуваат зависни од своите автомобили, градовите мора да се справуваат со сѐ поголем број на возила. На пример, Лос Анџелес, кој има четири милиони жители, сега има повеќе коли отколку луѓе! Иако во други места состојбата можеби сѐ уште не е дојдена до тој степен, мал е бројот на градовите што успеваат да излезат на крај со сѐ поголемиот прилив на возила. „Градовите не биле планирани за автомобили“, вели Карлос Гузман, претседател на Урбаната комисија во Мадрид. Најтешка е состојбата во старите градови кои имаат тесни улици. Но, дури и во современите метрополи, сообраќајот на широките патишта често се блокира, особено во утринскиот и попладневниот шпиц. „Сега, во поголемите градови, сообраќајот е густ во поголемиот дел од денот, и ситуацијата по улиците и на патиштата сѐ повеќе се влошува“, вели д-р Жан-Пол Родриг во својот извештај со наслов „Транспортните проблеми во градовите“.
Бидејќи колите се продаваат многу побрзо отколку што владите можат да изградат патишта, наглото зголемување на бројот на возилата може да ги блокира и најдобрите патни системи. Во книгата Заглавени во сообраќај — справување со застој во шпицот (Stuck in Traffic—Coping With Peak-Hour Traffic Congestion) се објаснува: „На долги патеки, градењето нови патишта или проширувањето на веќе постоечките ни најмалку не го намалува сообраќајниот метеж во шпицот“.
До метеж води и недостигот на соодветни паркиралишта. Во секое време, голем број коли кружат по улиците само за да најдат место за паркирање. Се проценува дека, како резултат на загадувањето на воздухот кое е последица на сообраќајот — главно во градовите — годишно умираат околу 400.000 лица. Според еден извештај, загаденоста на воздухот во Милано (Италија) е толку голема што човек кој цел ден дишел воздух на една од улиците во овој град, исто како да испушил 15 цигари.
Цената на густиот сообраќај може да се мери и со изгубените часови и со стресот кој го трпат возачите. Иако е тешко емоционалниот данок да се мери со бројки, според едно истражување во САД било пресметано дека економските трошоци од густиот сообраќај во 75-те најголеми градови во таа земја изнесуваат околу 70 милијарди долари годишно. Што може да се стори за да се ублажи ваквата ситуација?
Некои решенија што го олеснуваат товарот
Во некои градови веќе се преземени драстични мерки. Во Сингапур, кој е еден од градовите во кој има најголема концентрација на возила во светот, е донесен закон со кој се ограничува бројот на автомобили што едно лице може да ги купи. Во градовите што имаат историско значење, како што се многу градови во Италија, забрането е движењето со коли низ центарот во текот на поголемиот дел од денот.
Други градови дале предлог да се воведе „данок за сообраќај“, при што возачите мораат да платат за да влезат во центарот на градот. Во Лондон, со овој план било намалено доцнењето во сообраќајот за 30 отсто, а и други градови се спремни да ги преземат истите мерки. Во градови како што е Мексико, со кола може да се влезе во центарот само во одредени денови, во зависност од регистарскиот број на возилото.
Градските власти исто така вложиле големи суми да ги осовременат јавните сообраќајни мрежи, да ги поправат патиштата и да изградат кружни токови. Тие користат компјутеризирани системи за да ги контролираат семафорите и да ја предупредат полицијата брзо да се справи со застој кој е предизвикан од сообраќајна незгода. Протокот на сообраќајот го олеснуваат и посебни ленти на патот по кои се движат само автобуси, како и ленти каде што возилата можат да се движат и во двете насоки во зависност од конкретните потреби. Но, успехот сѐ уште во голема мера зависи од соработката на граѓаните.
Што можеш да сториш ти лично?
Исус Христос рекол ‚да постапуваме со луѓето онака како што сакаме тие да постапуваат со нас‘ (Матеј 7:12, Радосна вест). Овој мудар совет може да помогне да се олеснат некои од најтешките проблеми во сообраќајот. Од друга страна, ако секој си прави како што нему му одговара, тогаш и најдобрите планови нема да успеат. Еве неколку предлози што ќе ти помогнат подобро да се справиш со густиот сообраќај во твојот град.
Ако не треба да одиш многу далеку, најдобро е да пешачиш или да возиш велосипед. Во многу случаи, и првото и второто ќе биде побрз, полесен и поздрав избор. За подолги релации, пак, јавниот превоз може да биде идеално решение. Многу градови се обидуваат да го подобрат превозот со автобус, метро и железница за да ги поттикнат луѓето да не ги користат своите возила. Ако патуваме со јавен превоз, може и да заштедиме. Иако можеби ќе треба да возиш дел од патот, би можел да користиш јавен превоз кога одиш во центарот на градот.
Ако мораш да возиш, размисли за тоа да се возите повеќе души во една кола. Ова е еден од најефикасните начини да се намали сообраќајот во шпицот. Во Соединетите Држави, 88 отсто од сите што мораат да користат превоз од дома до работа ги возат своите автомобили, а околу две третини од нив патуваат сами во колата. Според книгата Заглавени во сообраќај, „степенот на доцнење и застој во шпицот може многу да се намали“ доколку повеќе луѓе почнат да патуваат заедно на работа. Освен тоа, во многу места се предвидени „брзи ленти“ по кои смеат да се движат возила со две или повеќе лица. Возилата во кои има само едно лице не смеат да ги користат тие ленти.
Ако донекаде можеш да избираш кога ќе патуваш, обиди се да не го правиш тоа во шпицот. Ова ќе ти олесни и тебе и на другите возачи. А ако паркираш како што треба, твоето возило нема да го спречи слободниот проток на сообраќајот. Се разбира, дури и со најдобар план, немаш гаранција дека нема да заглавиш во сообраќајот. Во такви ситуации, ако имаш исправен став, нема толку многу да се нервираш. (Види ја придружната рамка.)
Јасно, ако живееш во голем град, ќе мора да се помириш со проблемите во сообраќајот. Сепак, ако лично преземеш одговорни мерки и ако си учтив и стрплив со другите возачи, можеш да научиш да излезеш на крај со овие проблеми.
[Рамка/слика на страница 23]
Да се остане смирен во градскиот метеж
Хајми, таксист од Мадрид (Шпанија), морал да живее со сообраќајни проблеми над 30 години. Еве што му помага да остане смирен во стресни ситуации:
◼ Секогаш имам нешто за читање. Тогаш, ако возилата не мрдаат од место, многу не се нервирам.
◼ Кога морам да возам многу бавно, слушам вести на радио или касета на која се чита Библијата. Така размислувам за други работи, а не само за сообраќајот.
◼ За мене е правило никогаш да не ја користам сирената, бидејќи тоа само ги вознемирува другите и не постигнува ништо. Кога сум учтив со другите возачи, не се вознемирувам, а и нив не ги ставам под стрес.
◼ Се обидувам да бидам смирен кога ќе наидам на агресивни возачи, и се тргам колку што можам подалеку од нив. Стрпливоста е незаменлива особина.
◼ Иако се обидувам да најдам и друг пат, им кажувам на патниците дека поради густиот сообраќај можеби нема да стигнат на време. Возењето низ градот и точноста не одат баш едно со друго.