Поглед во светот
Во Република Грузија, „во последниве десет години бројот на разводи речиси двојно се зголеми“. Повеќето од оние што се разведуваат се под 20 години (FINANCIAL, ГРУЗИЈА).
Во Ирска, 17 отсто од младите на возраст меѓу 11 и 16 години „кога биле на Интернет, му го дале своето име и презиме на лице што воопшто не го познаваат“. Десет отсто од нив ги дале и својата имејл адреса, бројот на мобилниот или фотографија“ (ИРСКО ОПШТЕСТВО ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА СУРОВОСТ КОН ДЕЦАТА).
Само околу 4 отсто од шумските пожари низ целиот свет не биле предизвикани од човечки фактор. Во сите други случаи, за тоа бил одговорен човек, сеедно дали намерно или ненамерно (PRESSEPORTAL, ГЕРМАНИЈА).
„Речиси секој десетти Американец [од 12 години нагоре] рекол дека редовно користел некаков вид дрога, меѓу другото марихуана, кокаин, хероин, халуциногени дроги, инхаланти или, пак, на своја рака земал лекови што се препишуваат на рецепт“ (USA TODAY, САД).
Самосовладувањето е клуч за стабилност
„Истражувачите велат дека доколку некој не може да се самосовладува во младоста, тоа може да биде показател за идни здравствени проблеми, финансиска нестабилност и криминално досие“, известува списанието Time. Преку 1.000 лица биле набљудувани во периодот од раѓањето до 32 години. Како возрасни, кај „оние што [како деца] биле поизбувливи, полесно се разочарувале и им било потешко да им одолеат на задоволствата или да чекаат да им дојде редот“ биле трипати поголеми шансите да имаат лошо здравје, ниски примања, да бидат самохрани родители или да извршат криминално дело. Но, „самосовладувањето се учи“, вели ова списание, а потоа додава: „Од поуките што ги добиваат на училиште и во семејството децата учат да се контролираат уште на рана возраст, а тоа помага да израснат во поздрави и постабилни личности“.
Начин да им го дотераат умот
Властите во Индија пробуваат нови методи да се справат со возачите што најчесто ги прекршуваат сообраќајните правила — на пример, за казна ги ставаат да работат како сообраќајци. Со тоа сакаат возачите да сфатат колку е тешко да се регулира хаосот што го создаваат такви како нив. Сега, наместо едноставно да ги сопрат и да им пишат казна, сообраќајците во Гургаон во северозападна Индија ги тераат возачите заедно со нив да го регулираат сообраќајот 30 минути или повеќе. Некои возачи признаваат дека ова им го дотерало умот. „Секој ден во Гургаон пишуваме илјада [казни] за сообраќајни прекршоци“, вели Барти Арора, локален заменик-полициски комесар. „Вака имаме уште 1.000 ‚сообраќајци‘ секој ден.“