Ја избрав најдобрата кариера
Раскажала Соња Акуња Кеведо
Банката каде што работев ми понуди унапредување. Новото работно место ќе значеше повисока положба и поголема плата. Но, само малку пред тоа добив и покана да служам како полновремен пионер во едно оддалечено собрание. Сега, 32 години подоцна, знам дека донесов исправна одлука.
МАЈКА МИ беше воспитана во римокатоличката вера, но не се согласуваше во целост со учењата на нејзината црква. На пример, се прашуваше зошто луѓето им се клањаат на кипови и на икони кога тие се само дело на човечки раце? Бидејќи сакаше да дознае која е вистината во врска со религијата, одеше од црква во црква барајќи одговори на своите прашања, но залудно.
Еден ден, додека седеше пред нашата куќа во Тустла (Мексико) и уживаше на благото ветре, ѝ пристапи еден Јеховин сведок. Воодушевена од одговорите што ѝ ги даде на темел на Библијата, таа го покани да дојде пак. Кога тој дојде, мајка ми го пречека заедно со еден адвентистички проповедник, со католички свештеник и со проповедник од Назаренската црква. На нејзиното прашање во врска со саботата, само Сведокот ѝ даде задоволувачки одговор од Библијата. Всушност, само тој носеше Библија! Во 1956 год., откако шест месеци ја проучуваше Библијата, таа се крсти како Јеховин сведок. Јас тогаш имав осум години.
Загриженоста на татко ми
Татко ми не се противеше што мајка ми ја проучуваше Библијата. Но, кога таа почна да нѐ поучува и нас, четирите деца — две машки и две женски — и кога почна да оди на христијанските состаноци, татко ми ѝ ја искина литературата. Бидејќи беше уверен дека сме заведени, се обиде да ни докаже со католичкиот превод на Библијата дека Сведоците со измама го вметнале Божјето име — Јехова — во својот превод на Библијата. Кога мајка ми му го покажа името на Бог во неговата Библија, тој многу се изненади, и неговиот став кон Сведоците почна да се менува (Псалм 83:18).
Во Мексико, 15-тиот роденден на една девојка е нешто посебно. Бидејќи славењето на родендени не е библиско, јас престанав да го славам мојот роденден.a Но, татко ми настојуваше да направи нешто посебно за мене. Откако добро размислив, му реков: „Сакам ти да бидеш мојот подарок и да дојдеш со мене на следниот конгрес на Јеховините сведоци“. Тој се согласи. Неговиот интерес за Библијата и понатаму растеше.
Една ноќ, по едно силно невреме, татко ми го фати струја од еден паднат електричен кабел и беше тешко повреден. Додека закрепнуваше во болницата, Сведоците од нашето место се грижеа за него по 24 часа на ден. Оваа христијанска љубов на дело му остави неизбришлив впечаток. Подоцна тој почна да учествува во христијанската служба и му го заветува својот живот на Јехова. За жал, на 30 септември 1975 год., еден месец пред да се крсти, тој почина. Со душа чекаме да го прегрнеме кога ќе воскресне! (Дела 24:15).
Добро влијание од семејството
Мојата постара сестра, Кармен, отсекогаш многу ја сакаше полновремената служба. Кратко откако се крсти во 1967 год., стана општ пионер и поминуваше околу 100 часови во службата секој месец. Подоцна се пресели во градот Толука, во централно Мексико. Јас се вработив во една банка и се крстив на 18 јули 1970 год.
Кармен беше многу среќна во полновремената служба и ме поттикнуваше да дојдам кај неа во Толука. Токму за тоа размислував додека слушав говор во кој стана збор за тоа како следбениците на Исус треба да ги користат своите скапоцени духовни дарови за да го слават Бог (Матеј 25:14-30). Се прашував: ‚Дали и јас ги користам најдобро што можам духовните дарови што ги имам?‘ Ваквите размислувања ја разгореа кај мене желбата да правам повеќе за Јехова.
Избор меѓу две цели
Во 1974 год., дадов молба да служам како пионер на друго подрачје. Кратко потоа, на работа ми се јави еден христијански старешина од Толука. „Те чекаме. Зошто те нема?“ — ме праша тој. На мое изненадување, сум била именувана да служам како специјален пионер во Толука, но моето писмо со доделбата очигледно се изгубило некаде во поштата! (Специјалните пионери се спремни да служат полновремено каде ѝ да ги испрати Јеховината организација.)
Веднаш ја известив банката дека ќе дадам отказ. „Чекај малку, Соња“, ми рече шефот, мавтајќи со еден лист хартија. „Само што добивме известување дека ти си една од седумте жени што се избрани да бидат помошни раководители. Во нашата фирма досега немало жена на такво место. Зар ќе одбиеш?“ Како што спомнав во почетокот, ова унапредување значеше повисока положба и поголема плата. Сепак, му се заблагодарив на шефот и му реков дека сум решена повеќе да му служам на Бог. „Тогаш, оди“, ми рече тој. „Но, не заборавај, доколку сакаш пак да работиш, вратите на нашата банка ти се секогаш отворени.“ По два дена, веќе бев во Толука.
Специјална служба во Мексико
Кога пристигнав во Толука, Кармен веќе служеше таму две години. Колку бевме среќни што повторно бевме заедно! Но, бевме партнери во оваа служба само кратко време. Три месеци подоцна, мајка ми доживеа сообраќајна несреќа и потоа имаше потреба од постојана домашна нега. Откако се советувавме со браќата од подружницата на Јеховините сведоци, јас и Кармен решивме таа да се врати дома за да ја негува мама. Кармен навистина се грижеше за неа цели 17 години. За тоа време, продолжи да служи како општ пионер, и ги канеше лицата со кои ја проучуваше Библијата кај нас дома, каде што можеше постојано да ѝ биде при рака на мама.
Во 1976 год., јас бев испратена да служам во Текамачалко — град на вистински спротивности, каде што сиромашните живееја во едниот, а богатите во другиот дел на градот. Започнав да ја проучувам Библијата со една постара жена која никогаш не се омажила, и живееше со својот богат брат. Кога му кажа дека сака да стане Сведок, тој ѝ се закани дека ќе ја исфрли од дома. Но, оваа понизна жена не се исплаши. Откако се крсти, брат ѝ навистина ја оствари заканата. Иако тогаш имаше 86 години, таа целосно се потпираше на Јехова. Собранието се грижеше за неа, и таа остана верна сѐ до својата смрт.
Прво на Гилеад, па во Боливија
Во Текамачалко поминав пет прекрасни години. Потоа добив покана за првиот клас во огранокот на мисионерската школа Гилеад, кој требаше да се одржи во Мексико. Како што укажува и самиот назив, ова е огранок на Школата што се одржува во Њујорк. И мајка ми и Кармен ме тераа да ја прифатам поканата, и така заминав во подружницата во Мексико да присуствувам на десетнеделниот курс, најважниот духовен настан во мојот живот. Нашиот клас дипломира на 1 февруари 1981 год., и јас бев испратена да служам во Ла Паз (Боливија), заедно со Енрикета Ајала (сега Фернандез).
Кога пристигнавме во Ла Паз, браќата што требаше да нѐ пречекаат сѐ уште не беа дојдени. „Зошто да губиме време?“ — си рековме, и почнавме да им сведочиме на луѓето на аеродромот. По три прекрасни часа, успеавме да се најдеме со браќата од подружницата. Откако се извинија што доцнат, ни кажаа дека улиците биле блокирани поради карневалот.
Сведочење над облаците
Ла Паз лежи на надморска височина од 3.625 метри, и затоа повеќето денови бевме над облаците. Тешко се дишеше поради реткиот воздух, и по само кратко време во службата се чувствувавме исцрпени. Иако ми требаше цела година да се навикнам на големата надморска височина, можам да кажам дека Јеховиниот благослов беше далеку поголем од физичките тешкотии. На пример, едно утро во 1984 год., се искачив по една карпеста падина до една куќа што се издигаше на самиот врв. Преморена, чукнав на вратата, и од куќата излезе една жена. Имавме многу убав разговор, и ѝ реков дека ќе дојдам пак за неколку дена.
„Не ми се верува“, одговори таа. Но, јас навистина отидов пак, и жената ме замоли да ја поучувам нејзината ќерка за Библијата. „Родителите треба да го прават тоа“, ѝ реков. „Сепак, ќе ти помогнам ако сакаш.“ Таа се согласи, па и самата прифати да ја проучува Библијата. Бидејќи беше неписмена, почнавме со брошурата Научи да читаш и пишуваш, која Јеховините сведоци ја имаат издадено за вакви лица.
Со текот на времето, бројот на децата во ова семејство порасна на осум. Кога доаѓав кај нив, некои од нив ќе се фатеа еден за друг како во синџир и ми помагаа да се искачам по угорнината. На крајот, целото семејство почна да му служи на Јехова — таткото, мајката и осумте деца. Три од девојките се пионери, а едниот син е собраниски старешина. Кога почина, во 2000 год., таткото беше слуга помошник во собранието. Колку ми е мило во душата кога ќе помислам на ова прекрасно семејство и на нивната верност! Му благодарам на Јехова што ми дозволи да им помогнам.
Повторно заедно со Кармен
Откако почина мама во 1997 год., Кармен повторно доби покана да служи како специјален пионер. Во 1998 год., беше пратена да служи во Кочабамба (Боливија), каде што служев и јас. Така, по цели 18 години, повторно бевме заедно, и Кармен доби статус на мисионер. Навистина уживавме во Кочабамба, каде што времето е толку пријатно што се вели дека ластовичките никогаш не заминуваат! Моментално служиме во Сукре (Боливија), преубав град со 220.000 жители, кој е сместен во една долина. Во овој град, кој порано бил наречен Мал Ватикан затоа што во него имало многу католички цркви, сега има пет собранија на Јеховините сведоци.
Сметано заедно, јас и Кармен сме во пионерска служба над 60 години, и за нас беше неспоредлива чест што им помогнавме на стотина лица да се крстат. Да, нема сомнение, најсреќни се оние што избираат да му служат на Јехова со сета душа! (Марко 12:30).
[Фуснота]
a Во Библијата, роденденот се спомнува само двапати. И во двата случаи станува збор за родендени на пагани, а прославите се спомнати во негативно светло (1. Мојсеева 40:20-22; Марко 6:21-28). Сепак, Божјата реч поттикнува во секое време да си даваме подароци од срце, а не затоа што тоа го наметнува околината или општеството (Изреки 11:25; Лука 6:38; Дела 20:35; 2. Коринќаните 9:7).
[Слика на страница 15]
Се искачував по една карпеста падина за да проучувам со ова семејство
[Слика на страница 15]
Во служба со мојата сестра, Кармен (десно)