Зошто толкава сиромаштија во овој богат свет?
„СИРОМАСИТЕ секогаш ќе ги имате покрај себе“, рекол Исус Христос во првиот век од н.е. (Матеј 26:11). Од времето на Исус па до денес, секогаш имало голем број сиромашни луѓе. Но, зошто има толку многу сиромаси кога светот е толку богат?
Некои мислат дека луѓето осиромашуваат поради своите лоши одлуки во животот. Во некои случаи можеби и навистина е така. Оние што избираат да ја задоволат својата страст за алкохол, дрога и коцкање лесно може да го изгубат она што го имаат. Но, не се сите сиромашни поради своите лоши одлуки.
Многу луѓе ја изгубиле работата поради промените во индустриското производство. Голем број работници ја потрошиле својата животна заштеда за да платат големи сметки за лекување. Но поголемиот број од стотиците милиони сиромашни луѓе во земјите во развој воопшто не се сиромашни по своја вина. Жртвите на сиромаштијата честопати немаат никаква контрола над она што ги довело до таа состојба. Тоа го покажува и следниов пример.
Поука од минатото
Во почетокот на 1930-те, светот се најде во вителот на тешка финансиска катастрофа која стана позната како Големата депресија. Во една земја, милиони луѓе останаа без работа, а стотици илјади семејства ги изгубија своите домови. Но, додека мнозина гладуваа, земјоделците фрлаа огромни количини млеко, а владините службеници ги принудија сточарите да убијат милиони домашни животни.
Зошто? Економскиот систем налагаше земјоделските производи и другата стока за широка потрошувачка да се продаваат за повисока цена од цената на производството. Млекото, месото и житариците беа многу важни во исхраната на сиромашните. Но, бидејќи сиромашните повеќе не можеа да ги купат овие прехранбени производи по толку висока цена, производите се сметаа за безвредни и затоа беа фрлени.
Поради недостигот на храна, во многу градови избија немири. Некои луѓе, кои не можеа да купат храна за да си го прехранат семејството, го набавуваа она што им требаше вперувајќи им пиштол в чело на продавачите. Други гладуваа. Сето ова се случуваше во Соединетите Држави. Во почетокот на Големата депресија, моќниот финансиски систем на САД ги изневери луѓето кои имаа најниски приходи. Наместо првенствено да се погрижи граѓаните да имаат храна, покрив над главата и работа, економскиот систем сметаше дека профитот е најважен од сѐ.
Условите денес
По Големата депресија, светската економија повторно застана на нозе, и се чини дека денес има побогати луѓе од кога и да е порано. Но, и покрај сето богатство во светот, сиромашните честопати имаат многу мали шанси да си го подобрат животот. Во весниците толку често се пишува за глад и сиромаштија во земјите во развој што многумина веќе не сакаат ни да ги читаат тие извештаи. Сепак, што гледаме во светот? На некои места гладуваат бегалци поради војна. Во други, резервите со храна скапуваат поради политички сплетки. А во трети, пазарните односи ги покачуваат цените на основните работи за живот до тој степен што сиромашните повеќе не можат да ги купат. Сето ова е последица на овој систем кој не е способен да се грижи за своите сиромашни жители. Светската економија не им обрнува внимание на милионите сиромашни луѓе.
Во суштина, ниеден економски систем што го создале луѓето не успеал да ги задоволи материјалните потреби на сите луѓе. Пред околу 30 века, еден човек, кој со голем интерес го набљудувал животот, дошол до следниов заклучок: „Пак почнав да ги набљудувам сите угнетувања што се прават под сонцето, и гледај, солзи на угнетуваните, а нема кој да ги утеши. Моќта е во рацете на нивните угнетувачи, а нема кој да ги утеши“ (Проповедник 4:1). Денес има толку многу материјални богатства, а сепак многу луѓе сѐ уште се угнетени поради неправдите во економскиот систем.
Милиони луѓе немаат речиси никакви шанси да излезат од бездната на сиромаштијата. Сепак, мнозина научиле успешно да се справуваат со економските проблеми. Исто така, тие се надеваат на подобар живот во иднина.
[Рамка на страница 5]
Борба за опстанок
Писателот и новинар Дејвид К. Шиплер, во својата книга Сиромашната работничка класа — невидлива во Америка (The Working Poor—Invisible in America), ни ја прикажува состојбата на некои луѓе во Соединетите Држави кои живеат на работ на економска бездна: „Трошниот стан може да ја влоши астмата кај детето. Тогаш мајката ќе мора да повика брза помош. Ќе се насоберат високи болнички трошоци кои не може да ги плати, и затоа повеќе нема да биде кредитоспособна. Тоа многу ќе ја зголеми каматата на кредитот што го зела за да купи автомобил. Поради тоа ќе мора да купи автомобил на старо кој не е безбеден. Со тој автомобил можеби ќе доцни на работа, и затоа ќе има помали шанси за унапредување и за поголема плата, што значи дека нема да може да излезе од трошниот стан“. Детето и мајката постојано ги демне опасност, иако живеат во најбогатата земја во светот.
[Рамка на страница 6]
Дали е доволно да се има добра волја?
Во ноември 1993 год., во зградата на едно министерство во Вашингтон (Д.К.), група службеници се обидувале да решат еден сериозен проблем. Тие имале на располагање милиони долари со кои сакале да им помогнат на бездомниците во Соединетите Држави. Додека дискутирале за тоа, на другата страна од улицата, на една автобуска постојка, се собрале полицајци, пожарникари и медицински лица. Дошло возило на брза помош за да го земе телото на една бездомничка. Таа умрела пред зградата на Министерството за урбанизам и станбени прашања на САД, чија должност е да им помага на бездомниците.
Еден новинар на весникот The New York Times подоцна интервјуирал една службеничка во тоа министерство. Во врска со тоа колку многу возила и лица од брза помош имало на местото каде што била најдена мртвата жена, службеничката изјавила: „Навистина е чудно да се види колкава помош добива некој откако ќе умре — а ни трошка од тоа не добива додека е жив“.
[Слика на страници 4 и 5]
Една мајка се сели со своите три деца за време на Големата депресија во 1930-те
[Извор на слика]
Dorothea Lange, FSA Collection, Library of Congress
[Слика на страници 6 и 7]
Во фабриките во кои се експлоатираат работниците, просечната месечна плата е 10 евра, а вработените може да бидат принудени да работат и по 70 часа седмично
[Извор на слика]
© Fernando Moleres/Panos Pictures