Поглед во светот
◼ Струјата што ја користат електричните апарати кои се оставени на стенд-бај опфаќа отприлика 5 отсто од сметката за струја на едно просечно канадско семејство (NATIONAL POST, КАНАДА).
◼ Според резултатите од една анкета, Русите сметаат дека некои од најважните проблеми со кои треба да се зафати владата се борбата „против корупцијата“ и „да се спречи растот на цените“ (ПРАВДА, РУСИЈА).
◼ Според едно истражување, околу 26,4 отсто од петто и шестоодделенците во Тајван „помислувале на самоубиство“ (THE CHINA POST, ТАЈВАН).
◼ „Иако во изминатиов век технологијата помогна просечната работна седмица во САД да се намали за 38%, вработените повеќе немаат слободно време поради тоа што мораат подолго да патуваат до и од работа, поради тоа што има сѐ повеќе образовни програми за возрасни и поради повеќето задолженија што ги имаат дома“ (FORBES, САД).
◼ Во периодот помеѓу 2003 и 2004 год., во развиените земји испуштањето гасови кои создаваат ефект на стаклена градина се зголеми за 1,6 отсто и достигна „највисоко ниво во последниве десетина години“ (РОЈТЕРС, ОСЛО [НОРВЕШКА]).
Криза за вода во Кина
Во Кина има големо „загадување на водата и недостиг од чиста вода за пиење“. Во повеќето градови има постројки за прочистување на отпадните води, но многу од нив немаат средства за да ги пуштат во работа. „Повеќето реки, езера и канали во земјата се загадени од отпадните води што ги исфрлаат фабриките и домовите, како и од истечните води кои доаѓаат од полињата и кои се полни со пестициди“, се известува во весникот The Wall Street Journal. Освен тоа, „околу 300 милиони луѓе немаат чиста вода за пиење“. Во весникот се вели дека состојбата е „многу лоша“, но и дека сѐ повеќе се влошува.
„Кои сте вие? Јеховини сведоци?“
Минатата година, на плажите на италијанскиот остров Елба, на туристите им приоѓаа млади католици кои се оѕвале на еден повик што го упатил бискупот од бискупијата Маса Маритима-Пјомбино. Тој им рекол дека ако сакаат да бидат и да останат христијани, мораат јавно да зборуваат за својата вера. Ова ги изненадило туристите. Според весникот Il Tempo, реакцијата на повеќето од нив била: „Кои сте вие? Јеховини сведоци?“
Музика поврзана со секс
Според едно истражување за кое известуваше Associated Press, поверојатно е дека тинејџерите кои слушаат музика со „вулгарни стихови во кои се зборува за секс, ќе почнат со полови односи порано отколку оние што сакаат поинакви песни“. Во извештајот се вели: „Има поголеми шанси дека песните во кои мажите се прикажани како ‚секс-машини‘, а жените како сексуални објекти и во кои отворено се зборува за секс ќе ги поттикнат младите рано да почнат со полови односи отколку песните во кои поиндиректно се зборува за секс и во кои се зборува за потрајни врски“. Понатаму се вели дека „родителите, просветните работници и самите тинејџери мораат повнимателно да размислат за пораките што се пренесуваат преку песните“.
Потрошувачи расипници
Според Австралискиот институт кој се занимава со истражувања, во 2004 год., Австралијците фрлиле неизедена храна во вредност од 3,1 милијарди евра. Оваа сума е над 13 пати поголема од сумата што во 2003 год. Австралијците ја донирале како хуманитарна помош за странски земји. Општо земено, вкупната сума пари што Австралијците ги трошат на стоки и услуги што никогаш или многу ретко ги користат е над 6,2 милијарди евра годишно — повеќе од она што во таа земја се троши за универзитети и патишта.