Каде оди водата?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
ПАНИКА! Тоа беше мојата прва реакција. Распенетата сива течност што излегуваше од одводот на подот на моето купатило се закануваше да го претвори станот во смрдливо мочуриште. Итно викнав водоинсталатер за да ми помогне. Чекајќи во очај, додека устата ми се сушеше од нервоза а водата полека ми ги накиснуваше чорапите, се прашував: ‚Од каде дојде сета оваа вода?‘
Додека водоинсталатерот стрпливо се трудеше да ја одзатне одводната цевка, ми објасни: „Просечниот граѓанин користи 200 до 400 литри вода дневно. За секој маж, жена и дете, низ одводниот систем поминуваат околу 100.000 литри годишно“. Прашав: „Зарем е можно да користам толку многу вода? Сигурно не ја пијам!“ „Не“, одговори тој, „но секој ден се туширате или се капете, пуштате вода во тоалетот, и можеби користите машина за перење алишта или за миење садови. На овој и на други начини, современиот начин на живот нѐ тера да користиме двапати повеќе вода отколку што користеле нашите баби и дедовци“. Тогаш на ум ми дојде прашањето: ‚Каде оди сета таа вода?‘
Открив дека водата што ја фрламе секој ден се обработува на најразлични начини, во зависност од земјата, па дури и од градот во кој живееме. Денес во некои земји ова е прашање на живот и смрт. (Видете ја рамката на 15. страница.) Дојдете со мене во обиколка на постројката за обработка на отпадни води што се наоѓа во моето место, и откријте сами каде оди водата и зошто се исплати внимателно да размислите пред да пуштите нешто во канализацијата или во тоалетот, без оглед на тоа каде живеете.
Во објектите за обработка
Знам, ќе помислите дека постројката за обработка на отпадни води не звучи баш како некое атрактивно место за посета. Се согласувам. Сепак, повеќето од нас зависат од некоја таква постројка за да не дојде до тоа градот да се удави во сопствениот отпад — и сите имаме удел во помагањето овие постројки да функционираат исправно. Нашето одредиште е главната постројка за обработка на отпадните води сместена во Малабар, јужно од прочуеното сиднејско пристаниште. На кој начин водата од моето купатило доаѓа до оваа постројка?
Кога ќе пуштам вода во тоалетот, кога се празни водата од мијалникот или кога се туширам, водата тече кон постројката за обработка на отпадни води. Откако поминува 50 километри, оваа вода станува дел од 480-те милиони литри што секојдневно дотекуваат во постројката.
Рос, службеник за контакти со јавноста, ми објасни зошто оваа постројка не е непријатна за окото и носот: „Поголемиот дел од постројката е закопан под земја. Тоа овозможува да се заробат гасовите и да се спроведат до филтрите за воздух (редица од џиновски оџаци во облик на котли), кои ги неутрализираат лошите миризби. Прочистениот воздух потоа се испушта во атмосферата. Иако околу постројката има илјадници куќи, секоја година добивам само десетина повици во кои луѓето се жалат на проблеми со миризбата“. Се разбира, следната локација кон која нѐ поведува Рос е изворот на овие „проблеми со миризбата“.
Што е отпадна вода?
Додека се спуштаме сѐ подлабоко во постројката, нашиот водич ни кажува: „Во составот на отпадната вода влегуваат 99,9 проценти вода плус отпадни материи од луѓето, хемикалии и најразлични други состојки. Отпадната вода што доаѓа од куќите и од индустриските објекти на површина од 55.000 хектари, минува низ цевки чија вкупна должина изнесува 20.000 километри и влегува во постројката на два метра под морското ниво. Овде минува низ низа од решетки низ кои се просејуваат партали, камчиња, хартија и пластични предмети. Потоа, во коморите за чакал, органската материја останува да лебди во водата во вид на меури од воздух, а потешкиот чакал се таложи на дното. Целиот овој неоргански отпад се собира и се праќа во подземна депонија. Преостанатата отпадна вода се испумпува на височина од 15 метри до цистерните за седиментација“.
Овие цистерни зафаќаат површина со димензии отприлика колку фудбалско игралиште и токму овде сфаќате колку би се жалеле соседите кога системот за прочистување на воздухот не би бил толку ефикасен. Додека водата полека минува низ цистерните, нафтата и маснотиите испливуваат на површината и се отстрануваат. Ситните тврди материи, наречени талог, се спуштаат на дното, а големи механички лопати го ријат седиментот и го пренесуваат онаму каде што се испумпува за натамошна обработка.
Преработената отпадна вода истекува во морето низ еден подземен одводен тунел долг 3 километри. Таму водата се издига до океанското дно и се излева во морето, а сето тоа се случува на 60 до 80 метри под брановите. Силните крајбрежни струи ја разнесуваат отпадната вода, а природното својство на солената вода да врши дезинфекција го завршува процесот на обработка. Талогот што останал во постројката за обработка се испумпува во големи цистерни наречени анаеробни разложувачи, каде што микроорганизмите ја разложуваат органската материја на метан и на еден постабилен талог.
Од талог до почва
Со воздишка на олеснување, го следам Рос додека се враќаме горе, каде што има свеж воздух, и се качуваме на врвот на една од херметички затворените цистерни за талог. Тој продолжува: „Метанот што го создаваат микроорганизмите се користи за да се снабдат со енергија електричните генератори и обезбедува повеќе од 60 проценти од енергијата што е потребна за функционирање на постројката. Стабилизираниот талог се дезинфицира, му се додава вар што го претвора во корисен материјал богат со хранливи материи за растенијата, кои се наречени биосолиди. Само постројката во Малабар што служи за обработка на отпадни води произведува 40.000 тони биосолиди годишно. Пред десет години, непреработениот талог се палеше или се фрлаше во океанот; сега ова природно богатство наоѓа подобра примена“.
Рос ми подава една брошура во која се објаснува: „Откако се користат биосолиди, шумите на [Нов Јужен Велс] покажуваат зголемен раст за 20 до 35 проценти“. Исто така, во неа се наведува дека со одгледување ‚жито на почвите во кои има внесено биосолиди, родот се зголемил за 70 проценти‘. Забележувам дека ѓубривото од биосолиди сега е доволно безбедно за да го користам за ѓубрење на цвеќињата во мојата градина.
Подалеку од очи, подалеку од срце?
На крајот на обиколката, нашиот водич ме потсетува дека истурањето боја, пестициди, лекови или масло во одводот може да предизвика изумирање на микроорганизмите во постројката, а тоа би можело да го наруши процесот на рециклирање. Тој нагласува дека ‚маслата и мастите малку по малку ги зачепуваат артериите на водоводниот систем исто онака како што ги зачепуваат нашите артерии и дека фрлените мелни пелени, крпи и пластични предмети што се пуштаат низ тоалетот, не исчезнуваат. Наместо тоа, тие ги затнуваат цевките‘. Дознав дека отпадот може да се пушти во тоалетот и повеќе да не Ви биде пред очи, но кога водата ќе ги исполни одводните цевки, наскоро ќе се сетите на него. Затоа, следниот пат кога ќе се туширате, кога ќе пуштите вода во тоалетот или ќе ја испразните водата од мијалникот, помислете на тоа каде оди водата.
[Рамка/слика на страница 13]
Од отпадна вода до вода за пиење
Неколкуте милиони жители на Оринџ Каунти — подрачје во Калифорнија (САД) каде што нема многу дождови — користат едно современо решение за проблемот со отпадната вода. Наместо секој ден да се фрлаат директно во океанот милиони литри отпадна вода, поголемиот дел од неа се враќа во резервоарот за вода. Многу години ова се постигнува со една постројка за отпадна вода. По првата обработка, отпадната вода оди на втора и на трета обработка. Ова вклучува прочистување на водата така што таа станува чиста како и обичната вода за пиење. Потоа се меша со вода што се вади од длабок бунар и тече во подземен базен за вода. Таму повторно го полни базенот и не дозволува солената вода да протече внатре и да го уништи подземниот резервоар за вода. До 75 проценти од вкупните потреби за вода во таа област се задоволуваат од овој подземен резревоар за вода.
[Рамка на страница 15]
Пет начини за мудро користење на водата
◼ Заменете ги гумичките што пропуштаат — славина што капе може да потроши 7.000 литри вода годишно.
◼ Проверете дали тоалетот протекува — тој може да потроши 16.000 литри годишно.
◼ Инсталирајте прскалка на тушот што користи вода економично. Низ стандардната прскалка минуваат 18 литри вода во минута; низ економичната прскалка минуваат 9 литри вода во минута. Четиричлено семејство ќе заштеди 80.000 литри годишно.
◼ Ако имате казанче со две копчиња, кога е соодветно користете го копчето за делумно пуштање вода — така ќе заштедите повеќе од 36.000 литри годишно за едно четиричлено семејство.
◼ На славините инсталирајте направи што ја снабдуваат водата со воздух — тие се релативно ефтини и го намалуваат протокот на вода за половина без да се намали ефикасноста.
[Рамка на страница 15]
Светска криза со отпадната вода
„Повеќе од 1,2 милијарди луѓе сѐ уште немаат пристап до чиста вода за пиење, додека 2,9 милијарди немаат пристап до соодветни санитарни објекти, што доведува до годишна стапка на смртност од 5 милиони лица, главно деца, од болести поврзани со водата“ (Вториот светски форум за вода одржан во Хаг, во Холандија).
[Графикон/слики на страница 14]
(Види во публикацијата)
Постројката за обработка на отпадната вода во Малабар (Поедноставен изглед)
1. Отпадната вода влегува во постројката
2. Филтрирање
3. Комори за чакал
4. Кон подземната депонија
5. Цистерни за седиментација
6. Кон океанот
7. Анаеробни разложувачи
8. Електрични генератори
9. Цистерна за складирање на биосолиди
[Слики]
Цистерните за анаеробно разложување го претвораат талогот во корисно ѓубриво и метан
При согорувањето на метанот се добива електрична струја