Криза за вода — какви мерки се преземаат?
Кризата за вода е глобален проблем и претставува опасност по здравјето на милијарди жители низ целиот свет. Какви мерки се преземаат за заштита на водните резерви и за регулирање на потрошувачката на вода?
ЈУЖНОАФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА: „Сиромашните жители на Дурбан најпосле дојдоа до вода“. Така гласеше еден наслов во списанието Science. Во статијата стоеше дека сиромашните луѓе од тоа место со децении немаа соодветно водоснабдување поради расната дискриминација (апартхејд) од страна на претходните влади. Истата статија наведе дека, во 1994 год., „250.000 домаќинства во месноста Дурбан немаа ниту пристап до чиста вода ниту соодветни санитарни услови“.
Со цел да им помогне, во 1996 год. еден инженер започна програма преку која секое семејство требаше да добива по 200 литри вода дневно. Каков беше резултатот? „Од вкупно 3,5 милиони жители, колку што ги има во Дурбан, само 120.000 немаат пристап до чиста вода“, известува списанието Science. Најмногу што треба некој да стори за да дојде до вода сега е да премине кратко растојание, што е големо подобрување во однос на порано, кога мораше да се пропешачи повеќе од еден километар.
Списанието Science објаснува дека, за да се реши проблемот со санитарните услови, „старите полски клозети мораа да се заменат со тоалети во кои урината се двои од изметот, што овозможува тој побрзо да се исуши и да се распадне“. До почетокот на 2008 год., беа поставени околу 60.000 вакви тоалети и беше предвидено, во наредните две години, секое домаќинство да има соодветен тоалет.
Бразил: Стотици деца во градот Салвадор страдаа од цревни зарази кои предизвикуваат дијареја поради немање канализација и тоалети.a За да ја поправи ситуацијата, градската управа спроведе канализациони цевки со вкупна должина од 2.000 километри до повеќе од 300.000 домови. Со каков резултат? Случаите на заболени од дијареја се намалија за 22 отсто во градот и за 43 отсто на местата во кои оваа болест се јавуваше многу често.
Индија: Во некои земји во светот, има периоди од годината кога постои вишок од чиста вода, која се губи бидејќи не се собира. Но, во 1985 год., група Индијки од областа Долера во севернозападната држава Гуџарат смислиле еден генијален метод за собирање вода. Тие организирале една група да направи каптажа која, откако била довршена, имала големина на едно фудбалско игралиште. На крајот, овој резервоар бил обложен со пластична фолија за да не ја пропушта водата. Ваквата иницијатива дала прекрасни резултати — со месеци откако ќе заврши сезоната на монсуните, тие сѐ уште имаат вода, иако „дозволуваат од неа да пијат и други“.
Чиле: Оваа јужноамериканска земја се протега во должина од 4.265 километри помеѓу Тихиот Океан на запад и Андите на исток. Државата има контрола над сите водни ресурси и ја изведува изградбата на брани и канали. Со каков резултат? Сега, 99 отсто од градското население и 94 отсто од жителите по селата имаат пристап до чиста вода.
Вистинското решение
Изгледа дека секоја земја се справува со кризата за вода на свој начин. Онаму каде што редовно дуваат поволни ветрови, водата се црпи со помош на ветерници, кои воедно произведуваат и електрична енергија. За побогатите земји, прифатливо решение е и отсолувањето на морската вода. На многу места, водата од реките и дождовите се задржува со големи брани. Оваа мерка е донекаде ефикасна, иако во сушните места може да испари и до 10 отсто од водата во резервоарите.
Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, сметаат дека вистинското решение за кризата за вода го има Бог, а не луѓето. Библијата вели: „На Јехова [Бог] му припаѓа земјата и сѐ што е на неа, светот и оние што живеат во него. Зашто, ја втемелил на мориња и ја зацврстил на реки“ (Псалм 24:1, 2).
Точно е дека Бог им ја дал на луѓето одговорноста да се грижат за оваа планета (1. Мојсеева 1:28). Меѓутоа, човековата злоупотреба на нејзините ресурси, како и катастрофалните последици до кои дојде поради тоа, се дополнителен доказ дека „човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).
Што ќе стори Јехова за повторно да воспостави совршена рамнотежа во природата? Библијата нѐ уверува дека тој има намера да ‚прави сѐ ново‘ (Откровение 21:5). Замисли си свет без сиромаштија, суши и недостиг на вода; свет без монсунски поплави, кои денеска одземаат илјадници животи секоја година. Под власта на неговото Царство, Бог ќе ги исполни многуте свои ветувања! Лично Јехова рекол: „Така ќе се исполни мојата реч што излегува од мојата уста. Нема да се врати кај мене без плод, туку ќе го направи она што го сакам и ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“ (Исаија 55:11).
Би сакал ли да дознаеш повеќе за Божјата намера да ја обнови Земјата, за која зборува неговата Реч, Библијата? Следнава статија објаснува како можеш да го сториш тоа.
[Фуснота]
a Овие зарази се причина за смртта на околу 1,6 милиони деца низ целиот свет секоја година, што е повеќе од бројот на жртвите на сидата, туберкулозата и маларијата заедно.
[Истакната мисла на страница 5]
„Без вода нема живот... Препуштени сме на милост и немилост на водата“ (Мајкл Парфит, автор на статии за National Geographic).
[Истакната мисла на страница 6]
За производство на еден тон жито потребни се 1.000 тони вода
[Истакната мисла на страница 6]
„За наводнување се користи 70 отсто од водата во светот“ (Втор план Б, од Лестер Р. Браун)
[Графикони/слики на страница 7]
Колку слатка вода имаме?
Вкупно вода
97,5% солена вода
2,5% Слатка вода
Слатка вода
99% заробена во глечерите и ледените санти, или под земја
1% им е достапна на речиси седум милијарди луѓе и безброј милијарди други облици на живот
[Слика на страница 7]
Инсталирање на водовод во Дурбан (ЈАР)
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на eThekwini Water and Sanitation Programme
[Слика на страница 7]
Жени кои работат на проект за собирање на дождовница во Раџастан (Индија), 2007 год.
[Извор на слика]
© Robert Wallis/Panos Pictures
[Слика на страница 7]
Мештани кои работат на нов водоводен систем за нивното село близу Копан (Хондурас)
[Извор на слика]
© Sean Sprague/SpraguePhoto.com