Зошто да одиме на заболекар?
ПРЕД развојот на современата стоматологија, луѓето често страдале од забоболка и ги губеле забите уште како млади. Мнозина биле нагрдени од потемнети, искривени или испопаѓани заби. Постарите луѓе, откако ќе останеле без заби, страдале од неисхранетост и умирале предвреме затоа што не можеле да џвакаат. Денес, многу луѓе што одат на заболекар можат да ја спречат забоболката, да си ги зачуваат забите и да имаат убава насмевка. Како современата стоматологија успеала да го постигне ова?
Превентивната стоматологија, која нагласува колку е важно да се биде информиран и редовно да се оди на прегледи, е многу важен фактор за да не дојде до забоболка и паѓање на забите. Исус рекол: „На здравите не им треба лекар“ (Лука 5:31). На некои толку им користи тоа што се запознати со оралната хигиена што ретко им треба интервенција од заболекар.a Но, мнозина не одат на заболекар. Некои го прават тоа од немарност, на други им е прескапо, а трети, пак, едноставно се плашат од заболекар. Како и да гледаш ти на оваа работа, добро е да се запрашаш: Како може да ми помогне заболекарот? Дали вреди да се оди на заболекар? За да сфатиме колку е важна превентивната стоматологија, мораме да разбереме што, всушност, се обидуваат да спречат заболекарите.
Како се расипуваат забите
Заболекарот може да помогне да не дојде до силна забоболка или да не изгубиш некој заб. Соработувајќи со тебе, заболекарот ќе се потруди да ги ублажи последиците од денталниот плак, или забните наслаги. Тоа е мек слој бактерии што се налепува на твоите заби. Бактериите се развиваат на остатоците од храна. Тие го претвораат шеќерот во киселини кои ја нагризуваат забната глеѓ, при што таа станува порозна. На крајот, на порозната површина се создава шуплина и се јавува кариес. Во оваа фаза забот сѐ уште не боли, но кога кариесот ќе дојде до срцевината на забот, може да почувствуваш силна болка.
Бактериите што создаваат дентален плак можат да те измачуваат и на друг начин. Ако не се измие добро, плакот се стврднува и создава облога од калциумови соли која се вика забен камен, поради што непцето се воспалува и се одвојува од забот. Како последица на тоа, меѓу забот и непцето се создава процеп во кој се собира храна. Храната претставува вистинска гозба за бактериите кои може да ти го инфицираат непцето. Заболекарот може да ти помогне да го контролираш таложењето на забниот камен, но ако не обрнеш внимание на тоа, ткивото околу забите може толку да се оштети што на крајот ќе ти паднат забите. Луѓето почесто ги губат забите од ова отколку од кариес.
Плунката овозможува извесна заштита од овој двоен напад на бактериите. Без разлика дали си јадел цел оброк или само некое мало колаче, на плунката ѝ требаат од 15 до 45 минути за да ги отстрани остатоците од храната и да ја неутрализира киселината од плакот што е залепен на твоите заби. Колку време ќе ѝ треба зависи од тоа колку шеќер или храна ќе се залепи на забите. Изгледа дека забите се расипуваат токму во овој период. Според тоа, колку ќе ти се расипат забите можеби нема да зависи од тоа колку шеќер ќе изедеш туку од тоа колку често јадеш или колку често каснуваш нешто благо. Додека спиеш се лачи помалку плунка и затоа најлошото нешто што би можел да им го направиш на своите заби е да се напиеш или да јадеш нешто што содржи шеќер пред да си легнеш а да не си ги измиеш забите. Од друга страна, се вели дека, ако се џвака мастика без шеќер по јадењето, се лачи повеќе плунка и ова помага при заштитата на забите.
Превентивна стоматологија
Заболекарите препорачуваат редовно да се оди на преглед еднаш или двапати годишно, во зависност од состојбата на забите. При прегледот, заболекарот веројатно ќе ти направи рендгенска снимка и внимателно ќе ти ги прегледа забите за да провери дали имаш кариес. Со помош на локална анестезија и на турбина, или забарска машина, обично безболно ќе ги пополни сите шуплини што ќе ги види. За оние што се особено плашливи, некои заболекари користат ласер или гел кој ги разложува расипаните делови на забот. Со помош на овие средства можеби дури и воопшто нема да има потреба да се користи забарска машина или локална анестезија. Кога работат со деца, заболекарите обрнуваат посебно внимание на новите катници за да проверат да нема пукнатини или длабнатинки на површината со која јадеме кои би било тешко да се измијат со четката. Заболекарот може да препорача во таквите длабнатинки да се стави средство за пополнување по што површината на забот лесно ќе се чисти. Ова ќе спречи забот да се расипе.
Кај возрасните пациенти, заболекарите особено водат сметка да не дојде до некоја болест на непцето. Затоа, ако заболекарот види наслаги од стврднат забен камен, ќе го иструга. Повеќето луѓе обично пропуштаат убаво да измијат некои делови од забите, па затоа заболекарот можеби ќе им укаже како подобро да ги мијат забите. Некои заболекари ги упатуваат своите пациенти кај специјализирани забни хигиеничари кои ќе им помогнат во овие важни работи.
Поправање на расипани заби
Ако имаш расипани, паднати или искривени заби, ќе ти биде мило да чуеш дека заболекарите имаат многу нови техники за да ти ги поправат. Но, тоа е скапо и затоа мора да внимаваш да не потрошиш повеќе од она што можеш да си го дозволиш. Сепак, многу луѓе сметаат дека се исплаќа да си ги средат забите. Можеби заболекарот ќе ти помогне повторно да џвакаш добро. Или, пак, ќе ти помогне да имаш поубава насмевка — нешто што не е неважно, зашто неубавите заби можат да влијаат врз квалитетот на твојот живот.
За скршените или потемнетите предни заби заболекарот може да препорача навлака, која може да биде направена од делумно проѕирен порцелан кој е многу сличен на природната глеѓ на забот. Навлаките се прицврстуваат за површината на оштетениот заб и му даваат нов облик и изглед. За потешко оштетените заби, заболекарот може да препорача коронка. Коронката целосно го покрива она што останало од забот и му дава целосна нова површина. Таа може да биде направена од злато или од материјал што е сличен на природните заби.
А што може да направи заболекарот доколку немаш некои заби? Па, може да направи парцијална протеза или, пак, мост кој покрива по еден заб од секоја страна на празнината и кој содржи еден или повеќе вештачки заби. Друга можност која станува сѐ попопуларна се имплантите. На местото каде што претходно бил забот, заболекарот става еден титански шраф кој е прицврстен за виличната коска. Кога коската и непцето ќе заздрават, на шрафот се става вештачки заб. Тоа е скоро исто како да имаш вистински заб.
Освен што може да се чувствуваме непријатно поради искривените заби, тие и потешко се чистат и затоа полесно се расипуваат. Ако забите не лежат добро, може да причинуваат болка и тешкотии при џвакањето. За среќа, заболекарите обично можат да ги решат овие проблеми со протези. Благодарение на подобрениот дизајн, денес протезите не се толку упадливи и не треба толку често да се приспособуваат.
Некои заболекари обрнуваат сѐ поголемо внимание на отстранувањето на непријатниот здив. Повеќето луѓе само повремено имаат непријатен здив, но некои го имаат постојано. Има неколку можни причини за тоа. Некои заболекари се доволно стручни за да ги одредат точните причини. Во многу случаи главната причина се бактериите кои најчесто се насобираат на задниот дел од јазикот. Четкањето на јазикот може да биде од помош, а може да помогне и џвакањето мастика без шеќер за да се лачи повеќе плунка. Особено е важно да си ги миеш забите откако ќе јадеш млечни производи, месо или риба.
Да се надмине стравот
Ако многу ти е страв да одиш на заболекар, тој сигурно ќе сака да ти помогне да го надминеш тој страв. Затоа, слободно кажи му како се чувствуваш. Договорете се да му дадеш знак со раката со кој ќе му покажеш дека те боли или дека ти е страв. Многу пациенти велат дека тоа им дава повеќе храброст.
Можеби ти е страв заболекарот да не те искара затоа што не си водел сметка за забите. Но, бидејќи со таквите забелешки само би изгубил пациент, веројатно нема причина да се плашиш. На повеќето заболекари им е од корист да бидат љубезни со своите пациенти.
Многу луѓе не одат на заболекар затоа што се плашат од големите трошоци. Но, ако навреме одиш на преглед, може да избегнеш проблеми и големи трошоци за лекување во иднина. На многу места се нудат различни услуги што одговараат на секој џеб. Дури и една стоматолошка ординација со најосновна опрема веројатно има рендген-апарат и забарска машина. Заболекарите можат да ги извршат повеќето зафати без да му нанесат голема болка на пациентот. Цената на локалната анестезија е пристапна за повеќето луѓе, дури и за оние со ограничени средства.
Целта на заболекарот е да ја отстрани болката, а не да ја предизвика. Одењето на заболекар веќе не е мачно искуство како во времето на нашите баби и дедовци. Бидејќи здравите заби помагаат да имаш подобро здравје и повеќе да му се радуваш на животот, зошто не појдеш на заболекар? Можеби ќе бидеш пријатно изненаден.
[Фуснота]
a Во оваа статија се зборува за тоа како може заболекарот да му помогне на пациентот. Повеќе информации во врска со тоа како можеш самиот да си ги зачуваш забите, има во статијата „Како да имате убава насмевка“ во Разбудете се! од 8 ноември 2005.
[Графикон на страница 29]
(Види во публикацијата)
Анатомија на здрав заб
Глеѓ
Дентин
Непце (гингива)
Комора на забната срцевина со нервите и крвните садови
Коска
Коронка
Корен
[Графикон на страница 29]
(Види во публикацијата)
Кариес
Шуплина
Пломбата спречува да се шират шуплините
[Графикон на страница 29]
(Види во публикацијата)
Болест на непцето
Денталниот плак треба да се исчисти со четка или со забен конец
Забниот камен не може лесно да се отстрани, и поради него непцето околу забите може да се повлече
Повлечено непце
[Графикон на страница 30]
(Види во публикацијата)
Поправање на заби
Навлаката се прицврстува на забот
Коронка
Имплант
Мостот е фиксен надоместок на еден или повеќе заби, на којшто како носачи му служат заби на кои е прицврстен со коронки.