Ортодонција — за што станува збор?
ВАШИТЕ заби се важни! Потребни Ви се при јадењето и зборувањето, а исто така тие се важен дел и од една пријатна насмевка.
Искривените заби можат да го отежнат џвакањето на храната, можат да придонесат за заболување на гингивата и можат да бидат причина за говорни маани. Исто така, експертите забележале дека за некои луѓе искривените заби може да бидат и социјален хендикеп, бидејќи можеби им е тешко слободно да зборуваат затоа што мислат дека забите им ја нагрдуваат насмевката.
Што можете да направите ако Вашите заби не се прави? Кој може да Ви помогне? На која возраст? Каков третман може да се примени? Ќе Ве боли ли? Дали тоа секогаш е неопходно?
Гранка на стоматологијата
Гранката на стоматологијата што се занимава со таквите проблеми е наречена ортодонција. Таа врши коригирање на денталните неправилности.
Кои се главните задачи на ортодонцијата? Таа се занимава со дијагностика и превенција на проблемите, како и со изработка на корективни апарати.
Збиените, неправилни или издадени заби им претставувале проблем дури и на луѓето од древните времиња, а првите обиди за терапија датираат барем уште од осмиот век пр. н. е. Во грчките и во етрурските археолошки наоѓалишта беа откриени изненадувачки добродизајнирани древни ортодонтски апарати.
Денес, во повеќето делови од светот, специјализирани стоматолози, наречени ортодонти, ги лекуваат проблемите поврзани со искривените заби. Тие мора да имаат добро познавање на растот и развитокот на забите и вилиците, како и на околните мускули и ткива.
Што прави ортодонцијата
Ортодонцијата може да се дефинира како „подрачје на стоматологијата кое се занимава со посматрање, насочување и коригирање на дентофацијалните структури кои растат или кои се израснати“. Таа вклучува и „прилагодување на врските меѓу и околу забите и коските на лицето со примена на сили и/или стимулирање и пренасочување на функционалните сили во рамките на краниофацијалниот комплекс“. Да, стручна но точна дефиниција.
Значи, во ортодонцијата дејствуваат сили врз забите или врз структурите што се околу нив. Тоа се прави со помош на апарати изработени по мерка кои ги коригираат посебните проблеми на секој пациент со тоа што ги туркаат забите, па дури и коските во исправната положба.
Во коската околу забот има клетки наречени остеокласти и други клетки наречени остеобласти. Како резултат на силите што ги создава ортодонтскиот апарат, остеокластите се активираат онаму каде што има притисок, така што доаѓа до разградување на коскеното ткиво. Во оние делови каде што има влечење, празнината се премостува со нова коска што ја создаваат остеобластите. На овој начин забите полека се поместуваат.
Зарем не е непријатно во устата со месеци да се носи туѓо тело направено од жица, акрилат, а можеби и еластичен материјал? Кога апаратите ќе се наместат или ќе се прилагодат, во почетокот може да предизвикаат мала непријатност, но после некое време, човек се навикнува на нив. Теоретски гледано, секој може да се навикне да носи ортодонтски апарат.
Кога треба да се започне со третман?
Не значи дека сите оние ситуации кои кај децата изгледаат како неправилности во загризот, односно малоклузии, ќе се задржат и во возрасно доба. Некои видови неправилна положба на забите се склони сами да се коригираат. Всушност, во периодот кога непостојаните, односно млечните заби се заменуваат со трајни, трајните заби од предниот дел на устата честопати се склони да се збијат, бидејќи се поголеми од забите што ги заменуваат.
Меѓутоа, со отфрлањето на млечните катници, на чие место доаѓаат трајните преткатници, настанува промена во релативната положба на забите. Со нивната употреба и под влијанието на мускулната структура, забите можат да се исправат сами. Затоа, ако сте родител, нека не Ве фаќа паника ако забележите дека трајните заби кај Вашето дете во почетокот растат накриво. Ортодонтот би требало да биде во можност да одреди дали треба да се стори нешто.
Ортодонтите не се едномислени во тоа кога треба да се започне со третман кај младите пациенти. Некои велат уште на многу млада возраст (4—6 години). Други, пак, велат подоцна, кон крајот на растењето во пубертетот (12—15 години). Сепак, други усвојуваат став дека тоа е некаде помеѓу тие два периода.
Не е само за децата
Но, ортодонцијата не е само за деца. Искривените заби предизвикуваат многу проблеми дури и кај возрасните. Состојбата на Вашата насмевка може да се коригира без никакви ограничувања на возраста доколку се здрави забите, како и структурите за кои се држат.
Какви проблеми предизвикуваат искривените заби? Има барем три вида: 1) естетски проблеми; 2) функционални проблеми, вклучувајќи и отежнато движење на вилицата (болка и недостиг на мускулна координација), проблеми со џвакањето и проблеми со артикулацијата и со создавањето на говорот; 3) поголем ризик од повреда поради издадените заби, поголем ризик од парадентоза (заболување на непцата) и кариес, како и расипување и абразија на забите предизвикани од малоклузија.
Освен тоа, некои стручњаци ги поврзуваат малоклузиите со проблеми во положбата на ’рбетниот столб (особено во пределот на вратот) и со проблеми во мускулната функција во другите делови од телото. Но, како се спроведува третманот? И колку време трае?
Траење и видови третмани
Ако сметате дека Вам или на некое од Вашите деца му треба ортодонт, треба да одберете таков во кого ќе имате доверба. Траењето на третманот ќе варира во зависност од тежината на проблемот и техниките кои се применуваат, но веројатно ќе потрае неколку месеци, можеби и години.
Заради едноставност, апаратите за третман можеме да ги поделиме на две групи: мобилни и фиксни апарати. Додека пациентот може сам да ги вади и повторно да ги става мобилните апарати, фиксните апарати дословно се цементирани за забите и вршат посложени поместувања на забите.
Со истражувањата е постигнат голем напредок на полето на естетиката, така што денес има многу „природни“ апарати. Некои не можат да се видат затоа што имаат иста боја како забите, додека други кои однатре се поставени во она што е познато како лингвална позиција, веднаш до јазикот, не се гледаат. Таквите техники се наречени невидлива ортодонција.
Во најтешките случаи, кога ортодонтот не може да го постигне саканиот резултат со помош на ортодонтски апарат, може дури и да побара помош од хирург кој е специјализиран за проблемите на устата и лицето. Тој може да изврши операција која дословно ги преместува коските кои го обликуваат лицето.
Денес, ортодонцијата може да задоволи многу од потребите на луѓето кои имаат проблеми со забите и со вилицата, вклучувајќи ги и оние кои сакаат да се насмевнуваат без да мислат на своите заби. Се разбира, работа на личен избор е тоа дали едно лице ќе одлучи да примени ортодонција или не.
Засега, човештвото мора да се справува со физички недостатоци, од кои некои може да се ублажат со корективни мерки. Меѓутоа, можеме со радост да го очекуваме времето кога Бог во својот нов свет потполно и трајно ќе ги отстрани сите последици од несовршеноста, вклучувајќи ги и оние на устата. Тогаш, во тој нов систем на совршено здравје, секој од нас ќе може со доверба да му упати срдечна, пријателска насмевка на секого што ќе го сретне.
Во врска со тоа време, Библијата претскажува: „Целата земја здивна, почива, воскликнува од радост“ (Исаија 14:7). Сигурно дека таквата веселост и радост ќе биде придружена со прекрасни насмевки!
[Слики на страница 15]
Приказ на ортодонтски апарати наменети за 1) поместување на катниците наназад и 2) стимулирање на растот на вилицата
1
2
[Слика на страница 16]
Ортодонтски апарат наменет за да го затвори загризот