Чекор 2 — води сметка за основните физички потреби
„Никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува“ (Ефешаните 5:29). Со неколку основни чекори што ќе ги преземеш, можеш многу да си го подобриш здравјето.
◯ Спиј доволно. „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6). Барањата и обврските што ги наметнува денешниот живот сѐ повеќе ни кратат од сонот. Но, спиењето е неопходно за да имаме добро здравје. Испитувањата покажуваат дека во текот на сонот се обновуваат нашето тело и мозок, што придонесува за подобро памтење и расположение.
Спиењето го зајакнува имунитетот и го намалува ризикот од инфекции, дијабетес, мозочен удар, срцеви заболувања, рак, прекумерна тежина, депресија, а можеби и од Алцхајмерова болест. Наместо вештачки да се трудиме да ја победиме дремката — „алармот“ што ни го праќа телото — со слатки, кофеин или други стимуланти, треба едноставно да легнеме и да отспиеме. На повеќето возрасни им требаат седум-осум часа сон секоја ноќ за да изгледаат и да се чувствуваат добро и за да ги извршуваат работите ефикасно. На младите им е потребно и повеќе. Тинејџерите што не спијат доволно се посклони да развијат психолошки проблеми и да заспијат при возење.
Посебно е важно да спиеме кога сме болни. Нашето тело може да се избори со некои болести, како што е настинката, едноставно ако повеќе спиеме и внесуваме многу течности.
◯ Грижи се за своите заби. Ако по јадењето, а особено пред спиење, забите се мијат и се чистат со забен конец, може да се спречи да дојде до кариес, болести на непцата и губење на забите. Без свои заби, не можеме да имаме целосна корист од храната што ја јадеме. Се вели дека слоновите не умираат од старост, туку затоа што, откако забите ќе им се истрошат, не можат да џвакаат и полека изгладнуваат до смрт. Децата што се научени по јадење да си ги мијат забите и да си ги чистат со забен конец ќе бидат поздрави не само во младоста туку и целиот свој живот.
◯ Оди на лекар. За некои заболувања е потребна стручна медицинска помош. Раната дијагноза обично ги зголемува шансите да се излекуваш и ги намалува здравствените трошоци. Затоа, кога не се чувствуваш добро, побарај помош за да ја откриеш и да ја отстраниш причината, наместо само да бараш начин да ги ублажиш симптомите.
Со редовни лекарски прегледи може да спречиш голем број сериозни проблеми, на пример, во текот на бременоста.a Но, имај на ум дека лекарите не прават чуда. Потполно излекувани од сите наши болести ќе бидеме само кога Бог ќе направи „сѐ ново“ (Откровение 21:4, 5).
[Фуснота]
a Види ја статијата „Здрави мајки, здрави бебиња“ во Разбудете се! од ноември 2009.