Колку е важно спиењето?
● Според најновите истражувања, еден просечен жител на Северна Америка спие од седум до седум и пол часа дневно.a Колку е важно спиењето? Додека спиеш ноќе, на секои 60-90 минути минуваш низ РЕМ-фаза (брзо движење на очите). Во текот на овие фази, мозокот е најактивен и, според истражувачите, самиот се обновува. Некои стручњаци велат дека, ако овој циклус се прекине и сонот се скрати, тоа остава последици врз телото кои се надоврзуваат една на друга. На пример, неспиењето се одразува врз работата на мозокот, а тоа, пак, води до неефикасност и до многу други здравствени проблеми.
Некои состојки, како што е кофеинот, можат привремено да го блокираат хемиското соединение кое му сигнализира на телото дека треба да спие. Но, мозокот знае како да го натера нашето тело да си го добие потребниот сон, поради што доаѓа до периоди наречени микросон. Според весникот The Toronto Star, „што и да правиш во моментот, ако не си наспан, твојот мозок повремено ќе запаѓа во првата фаза од спиењето, и тоа во времетраење од десет секунди до минута и нешто“. Да речеме дека возиш со брзина од околу 50 километри на час и токму тогаш паднеш во микросон од десет секунди. За тоа време би поминал растојание колку должината на едно фудбалско игралиште. Освен тоа, недоспаноста може да го ослабне и имунитетот бидејќи за време на спиењето телото произведува Т-клетки кои се борат против микроорганизмите што предизвикуваат болести. Освен тоа, додека спиеме, телото го лачи хормонот лептин кој помага во регулирањето на апетитот. Всушност, на нашето тело му е потребен сон исто колку што му се потребни и соодветно вежбање и исхрана.
Дали поради прекувремена работа честопати остануваш без доволно сон? Или, пак, не си наспан затоа што претерано се грижиш околу она што си го спечалил? Мудриот цар Соломон еднаш рекол: „Сладок му е сонот на оној што служи, па јадел тој малку или многу, а богатството на богатиот не му дава да спие“ (Проповедник 5:12).
[Фуснота]
a Види ги статиите со наслов „Недоспаност — дали сте жртва?“ во Разбудете се! од 8 мај 2004.