Спиење — луксуз или потреба?
ЗА НЕКОИ ЛУЃЕ спиењето е губење време. Бидејќи повеќе сакаат дневен распоред исполнет со работа и друштвени активности, тие му се препуштаат на сонот само кога се капнати од умор. За разлика од нив, пак, други луѓе што по цели ноќи само се превртуваат во креветот до раните утрински часови, би дале сѐ да можат добро да се наспијат во текот на ноќта.
Зошто на некои им е толку тешко да заспијат, а други очајнички се трудат да останат будни? Дали треба спиењето да го сметаме за луксуз или за потреба? За да одговориме на овие прашања, треба да разбереме што се случува додека спиеме.
Тајните на заспивањето
Сѐ уште е тајна зошто точно човек престанува да биде свесен и тоне во сон. Меѓутоа, истражувачите утврдиле дека спиењето е сложен процес со кој управува мозокот и дека следи еден биолошки часовник од 24 часа.
Додека старееме, навиките на спиење ни се менуваат. Новороденчето спие често во кратки периоди што вкупно изнесуваат 18 часа на ден. Според стручњаците што го испитуваат спиењето, изгледа дека на некои возрасни им требаат само три часа спиење на ден, а на други им требаат и по десет часа.
Едно поново истражување покажа дека и промените во нашиот биолошки часовник објаснуваат зошто на некои тинејџери им е тешко да станат наутро. Изгледа дека во пубертетот биолошкиот часовник се поместува нанапред и затоа младите сакаат да си легнат подоцна и да станат подоцна. Ова одложување на спиењето е вообичаена појава и обично исчезнува во средината или кон крајот на тинејџерските години.
Нашиот биолошки часовник го регулираат хемиски супстанции, од кои многу се веќе познати. Една од нив е мелатонинот, хормон за кој се мисли дека предизвикува поспаност. Мелатонинот се создава во мозокот, и некои научници веруваат дека тој е одговорен за забавувањето на метаболизмот пред да заспиеме. Кога се ослободува мелатонин, телесната температура и дотокот на крв во мозокот се намалуваат и мускулите постепено го губат тонусот и се опуштаат. Што се случува потоа, кога човек ќе потоне во мистериозниот свет на сонот?
‚Главен хранител на природата‘
Околу два часа откако ќе заспиеме, очите брзо почнуваат да мрдаат горе-долу. Набљудувањето на оваа појава ги навело научниците да го поделат спиењето на две основни фази: REM спиење (брзо движење на очите) и NREM спиење. NREM спиењето, пак, може да се подели на четири фази на сѐ подлабок сон. Кога спиеме цврсто во текот на ноќта, REM спиењето наизменично се менува неколку пати со NREM фазата.
Најмногу сонуваме во текот на REM спиењето. Исто така, тогаш најмногу се опуштаат мускулите на телото, па затоа оној што спиел се буди со чувство дека е физички одморен. Освен тоа, некои истражувачи сметаат дека за време на оваа фаза од спиењето најновите информации се утврдуваат како дел од нашата долготрајна меморија.
Кога спиеме длабоко (фазите 3 и 4 на NREM спиењето), крвниот притисок и бројот на отчукувања на срцето се намалуваат, а тоа му овозможува одмор на циркулациониот систем и помага да се спречат кардиоваскуларните болести. Освен тоа, хормонот на растот најмногу се создава за време на NREM спиењето, а кај некои тинејџери овој хормон се лачи дури и 50 пати повеќе ноќе отколку во текот на денот.
Изгледа дека спиењето влијае и врз апетитот. Научниците откриле дека спиењето навистина е, да го цитираме Шекспир, „главен хранител на гозбата на животот“. Нашиот мозок го толкува недостигот на спиење како недостиг на храна. Додека спиеме, организмот лачи лептин, хормон што обично му пренесува информација на телото дека сме се најале. Кога сме будни подолго отколку што би требало, телото создава помалку лептин и чувствуваме потреба од повеќе јагленохидрати. Затоа, недоволното спиење може да води до зголемено внесување на јагленохидрати, а тоа, пак, може да води до згоеност. (Видете ја рамката „Попладневна дремка“, на 6. страница.)
Од пресудна важност за здравјето
Но, тоа не е сѐ. Спиењето му го олеснува на телото метаболизамот на слободните радикали — молекули за кои се вели дека влијаат врз стареењето на клетките, па дури и дека предизвикуваат рак. Во едно поново истражување што беше спроведено при Универзитетот Чикаго, на 11 здрави млади мажи им било дозволено да спијат само по четири часа дневно во текот на шест дена. На крајот од тој период, клетките во нивното тело функционирале исто како клетките на луѓе на 60-годишна возраст, а нивото на инсулин во крвта било исто како она на дијабетичари! Недоволното спиење влијае и врз создавањето на белите крвни клетки и на хормонот кортизол, поради што лицето станува посклоно на инфекции и болести на циркулациониот систем.
Нема сомнение, спиењето е од пресудна важност за здраво тело и здрав ум. Според мислењето на истражувачот Вилијам Демент, основач на првиот центар за изучување на процесот на спиењето при Универзитетот Станфорд (САД), „изгледа дека спиењето е најважен показател за тоа колку ќе живеете“. Дебора Сушеки, истражувач при центарот за изучување на процесот на спиењето, во Сао Паоло (Бразил), коментира: „Кога луѓето би знаеле што се случува во телото што се лишува од сон, би подразмислиле пред да дојдат до заклучок дека спиењето е губење време или дека е само за мрзливите“. (Видете ја горната рамка.)
Но, дали секогаш кога спиеме ни се враќа силата? Зошто некои луѓе спијат цела ноќ, а сепак не се чувствуваат одморени? Следната статија ќе Ви помогне да препознаете некои главни нарушувања во спиењето и ќе објасни како можете да имате квалитетен сон.
[Рамка/слика на страница 6]
Последици од недоволното спиење
КРАТКОРОЧНИ ПОСЛЕДИЦИ
◼ Поспаност
◼ Нагли промени во расположението
◼ Губење на краткотрајната меморија
◼ Губење на креативноста, способноста да се планира и да се извршуваат активности
◼ Губење на концентрацијата
ДОЛГОРОЧНИ ПОСЛЕДИЦИ
◼ Згоеност
◼ Предвремено стареење
◼ Замор
◼ Зголемен ризик од инфекции, дијабетес, кардиоваскуларни и гастроинтестинални болести
◼ Хронично губење на меморијата
[Рамка на страница 6]
ПОПЛАДНЕВНА ДРЕМКА
Дали некогаш сте почувствувале како Ве фаќа несовладлива дремка по ручекот? Тоа не мора по секоја цена да биде знак дека не спиете доволно. Сосема е нормално да Ви се приспие откако ќе замине пладне поради природното намалување на телесната температура. Освен тоа, научниците неодамна открија еден протеин наречен хипокретин, односно орексин, што се создава во мозокот и нѐ одржува будни. Каква врска постои помеѓу хипокретинот и храната?
Кога јадеме, телото создава лептин што ни дава чувство дека сме сити. Но, лептинот го спречува создавањето на хипокретин. Со други зборови, колку повеќе лептин има во мозокот, толку помалку има хипокретин и се зголемува чувството на поспаност. Можеби затоа во некои земји луѓето имаат сиеста — одмор во текот на работниот ден што им овозможува малку да отспијат по ручекот.
[Графикон на страница 5]
(Види во публикацијата)
ФАЗИ НА СПИЕЊЕТО
Поедноставен дијаграм
Фази на спиењето
Будност
REM
Non-REM
Лесен сон 1
2
3
Длабок сон 4
1 2 3 4 5 6 7 8
Часови на спиење
Часови на спиење
[Слика на страници 4 и 5]
Доволното спиење е од пресудна важност за здраво тело и здрав ум
[Слика на страница 5]
Хормонот на растот најмногу се создава во текот на спиењето