Поспани тинејџери — причина за загриженост?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАНАДА
ЛИШУВАЊЕТО од сон ја намалува умствената способност и меморијата, а учениците што се на адолесцентска возраст се меѓу оние што се изложени на најголем ризик, вели канадскиот весник Globe and Mail. „Недоволното спиење кај децата и адолесцентите исто така е поврзано со проблеми во однесувањето, раздразливост и хиперактивност.“ Научниците ги проучувале навиките на спиење на околу 2.200 средношколци и откриле дека околу 47 проценти спиеле помалку од препорачаните осум часа секоја ноќ.
Иако начинот на живот честопати ги лишува младите од потребниот сон, „некои од нив можеби страдаат и од недијагностицирани здравствени проблеми“, вели Globe. „Застојот во дишењето при спиењето погодува околу 4 проценти од децата на возраст од 4 до 18 години.“ За време на спиењето, дишните патишта во задниот дел од грлото се затвораат делумно или целосно, а со тоа се намалува дотокот на кислород. Затоа, мозокот не се опушта потполно, па децата се будат уморни и раздразливи.
Во знаците на евентуално нарушување спаѓаат ’рчењето или шиштењето за време на спиењето, честите главоболки наутро и проблемите со помнењето и концентрацијата, како и постојаната, претерана поспаност во текот на денот. Родителите се охрабрени одвреме навреме да слушаат додека нивните деца се во длабок сон. Д-р Роберт Бруијет, педијатар што е стручњак во областа на спиењето при Детската болница во Монтреал, вели дека детето со нарушување може да престане да диши додека спие, иако градниот кош можеби се подига. „Прекинот ќе заврши со отворање на очите кога детето ќе се разбуди или делумно ќе се разбуди [и] ќе вдиши неколку пати пред да заспие повторно“. Таквите епизоди можат да се случат стотици пати секоја ноќ и да предизвикаат детето да се чувствува истоштено кога ќе се разбуди.
Американското здружение за нарушувања во спиењето препорачува студена, темна спална во која ништо не го одвлекува вниманието, како на пример, телевизор или компјутер. Со придржувањето за редовни термини на легнување и станување исто така ќе им се помогне на децата и на тинејџерите добро да се наспијат. Некои што имаат прекини на дишењето за време на спиењето користеле направа за постојан притисок низ дишните патишта, која нежно турка воздух низ носниците и устата за да го држи задниот дел на грлото отворен за време на спиењето. Еден педијатар навел: „Спиењето е поважно од храната што ја јадеме. Тоа е поважно од физичките вежби. Спиењето управува со нашите хормони, емоции и со нашиот имунолошки систем“.