Толедо — волшебен спој на средновековни култури
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
ВО ЦЕНТАРОТ на Пиринејскиот Полуостров се издигнува еден рид од гранитни карпи. Од трите страни на овој рид тече реката Тахо. Низ вековите, таа издлабила стрмни карпи што ги заштитуваат страните на ридот. На ова издигнато, стратешко место се појавил Толедо, град кој станал синоним за Шпанија и за нејзината култура.
Денес, тесните, кривулести улички на стариот дел од градот Толедо го враќаат посетителот во Средниот век. Градските порти, замоци и мостови ги задржале своите средновековни карактеристики и даваат немо сведоштво за времето кога Толедо бил еден од најважните градови во Европа.
Но, Толедо не е типичен европски град. Дури и железничката станица има ориентален изглед. Ако одблизу ги испитаме спомениците и уметноста на Толедо, ќе видиме дека во овој град се вткаени вештините на неколку цивилизации што низ вековите цветале тука. Во златната ера на Толедо, пред околу 700 години, градот бил вистинска мешавина на средновековни култури.
Разновидни култури
Пред да дојдат Римјаните во Шпанија, келтските и ибериските народи веќе имале изградено град на ова стратешко место. Римјаните му го дале името Толетум (од толитум, што значи „височинка“), и станал еден од нивните главни провинциски градови. Римскиот историчар Ливиј го опишал Толедо како „мало гратче, но утврдено поради местоположбата“. По падот на Римското Царство, Шпанија ја освоиле Визиготите, кои го избрале Толедо за свој главен град. Токму тука, во шестиот век, кралот Рекаред го отфрлил аријанизмот, чекор што го отворил патот кон тоа Шпанија да стане центар на ортодоксниот католицизам, а Толедо да стане седиште на неговиот најистакнат надбискуп.
Религиозната сцена се променила кога Толедо станал дел од муслиманскиот калифат. Тесните улички на стариот град потекнуваат од тој период, кој траел од 8 век до 11 век. Бидејќи муслиманите биле толерантни кон другите религии, во Толедо во исто време постоеле и христијанската, еврејската и маварската култура. Потоа, во 1085 год., градот го освоил кралот Алфонсо VI (католички крал). И покрај промената во владеењето, овие култури неколку векови и понатаму постоеле заедно.
Многу од највпечатливите споменици на Толедо потекнуваат од средновековниот период. Католичките владетели го направиле свој главен град. Благодарение на Евреите што живееле во него се развиле уметноста и трговијата, а муслиманите, како вешти занаетчии, мајсторски ја изработиле архитектурата. Изучувачи од трите различни вероисповеди работеле заедно во Школата за преведувачи. Во текот на 12 и 13 век тие превеле голем број списи од античкиот период на латински и на шпански јазик. Благодарение на тие преведувачи, огромното научно знаење што било насобрано во арапската цивилизација станало достапно и за Западот.
Религиозната трпеливост престанала во текот на 14 век, кога илјадници Евреи загинале во верски погроми. Кога Колумбо ја открил Америка, шпанската инквизиција поставила судница во Толедо каде што и Евреите и Муслиманите морале да изберат дали ќе бидат присилно преобратени или протерани.
Споменици на слава од минатото
Во центарот на градот Толедо денес има преку сто споменици. Поради таквото историско богатство Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации го прогласи за град на светското наследство. Двете највпечатливи средновековни градби се мостовите на реката Тахо. Преку едниот се влегува во градот од источната страна, а преку другиот од западната страна. Посетителите ретко промашуваат да ја видат огромната капија Пуерта Нуева де Бисагра, која го чува влезот на стариот град заграден со бедеми.
Гледано од далечина, два споменика особено се истакнуваат на хоризонтот на Толедо. Едниот е огромната четириаголна тврдина што се наоѓа на исток, наречена Алказар. Низ вековите, таа служела како римски преториум (дом на управителот), како палата за визиготски монарси, како арапска тврдина и како дворец на шпанските кралеви. Сега во неа се наоѓа Воениот музеј и една огромна библиотека. А бидејќи Толедо пред сѐ бил град на повеќе религии, во центарот на градот има огромна готска катедрала. (Види ја рамката на 17. страница.)
Катедралата и другите цркви во Толедо можат да се пофалат со уметничките дела на еден славен сликар што живеел во овој град. Тој е познат како Ел Греко, што значи „Гркот“. Вистинското име му е Доминикос Теотокопулос. Во стариот еврејски кварт, каде што живеел тој, сега има музеј во кој се наоѓаат неколку негови слики.
Можеби највеличествена глетка на градот се простира од ридовите што се наоѓаат од неговата јужна страна. Меѓутоа, привлечноста на Толедо најмногу може да се почувствува ако се шеташ низ неговите тесни улички. Да, може да се случи посетителот за момент да се изгуби, но затоа, пак, бргу ќе биде фасциниран од премините со старомоден шарм, старовековните згради, богато украсените балкони и примамливите дуќанчиња со сувенири.
Толедо како да има вечна убавина, но кога-тогаш туристот мора и да се збогува со овој древен град. Најдоброто место за да се поздравите со него е јужниот брег на реката Тахо. Додека сонцето полека тоне зад хоризонтот, фрла топол блесок над градот, а величествените споменици гордо се перчат небаре повторно ја доживуваат својата златна ера.
[Рамка/слики на страница 17]
ТРИТЕ КУЛТУРИ НА ТОЛЕДО
Во средниот век, Толедо бил поделен на три различни квартови, каде што католиците, Евреите и муслиманите живееле според своите закони и обичаи. Некои од нивните древни места за обожавање сега станале главни туристички атракции.
➤ На една џамија од десеттиот век, сега позната како Кристо де ла Луз, добро се гледа вештината на муслиманските занаетчии. Самите ѕидови од цигли се вистинско уметничко дело. Оваа џамија се наоѓа во Медина, дел од градот каде што живееле богатите муслимани.
➤ Иако подоцна биле пренаменети во католички цркви, останати се две средновековни синагоги, кои потврдуваат дека во Толедо имало голема еврејска заедница. Во еден период, Евреите сочинувале дури една третина од населението на градот. Санта Марија ла Бланка е постарата од двете синагоги, а внатре во неа, како и во џамијата што е прикажана горе, има повеќе украсени столбови. Во една поголема синагога, Ел Транзито (десно), сега се наоѓа еден сефардски музеј на еврејската култура.
➤ Изградбата на најголемата готска катедрала во Шпанија започнала во 13 век и биле потребни повеќе од 200 години за да се заврши.
[Рамка/слики на страница 18]
ПОСЕБНИ МЕЧЕВИ И СЛАДОК МАРЦИПАН
Повеќе од две илјади години, ковачите во градот изработувале мечеви, поради што името Толедо станало синоним за извонреден челик. И војските на Ханибал и римските легии ги користеле тие мечеви, ковани на бреговите на реката Тахо. Со векови подоцна, муслиманските занаетчии го вовеле гравирањето со злато или сребро за да ги украсат своите мечеви и оклопи. Пример за тоа е дупликатот на еден меч од Толедо што е прикажан лево. (Види ја статијата „Златни гравури на челик“, во српското издание на Разбудете се! од 22 јануари, 2005.) Денес, повеќето дуќанчиња со сувенири во градот нудат богат избор на мечеви, како и задолжителниот оклоп. Освен што се користат како сувенири, овие мечеви најверојатно можете да ги видите и на филм, но сигурно не на бојно поле.
Уште една традиција во Толедо е производството на марципан, кој датира од времето кога градот го освоиле арапите. Кога дошле муслиманите, Шпанија веќе имала големи полиња со бадеми, но ја немала другата важна состојка — шеќерот. Педесет години подоцна, низ јужна Шпанија можеле да се видат доста полиња со шеќерна трска. До 11 век, марципанот станал специјалитет на Толедо и оттогаш им нуди слатко задоволство на неговите љубители. Сега во Толедо има цели дуќанчиња што продаваат само марципан, кој често се прави во вид на мали фигурички. Нормално, посетата на Толедо не би била потполна ако не пробате од овие слатки залчиња што се топат в уста.
[Извор на слика]
Agustín Sancho
[Карта на страница 16]
(Види во публикацијата)
ПОРТУГАЛИЈА
ШПАНИЈА
Мадрид
Толедо
[Слика на страница 18]
Мостот Сан Мартин