ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 1/07 стр. 12-14
  • Еден Цар во потрага по мудрост

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Еден Цар во потрага по мудрост
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Школа за преведувачи
  • Алфонсовата Библија
  • Наследството што го оставил Алфонсо
  • Божјата Реч во средновековна Шпанија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2014
  • Толедо — волшебен спој на средновековни култури
    Разбудете се! 2007
  • Божјето име и желбата на Алфонсо де Замора за точен текст на Библијата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Борбата на шпанската Библија за опстанок
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
Повеќе
Разбудете се! 2007
g 1/07 стр. 12-14

Еден Цар во потрага по мудрост

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА

ТРИНАЕСЕТТИОТ век бил време на многу голема нетрпеливост и огромно насилство. Европа се нашла во стисокот на озлогласената инквизиција, а беснееле и крстоносните војни, кои однеле многу животи. Сепак, среде една ваква крвава ера, еден шпански крал се обидел да му влее малку здрав разум на светот. Тој се викал Алфонсо Х, а бил наречен и Алфонсо Мудриот.

На овој крал му се припишува културната преродба која понекогаш е наречена ренесанса на 13-тиот век. Тој донел во Шпанија нови сознанија од далечни земји. Особено се интересирал за уметноста, историјата, правото и науката. Сето ова извршило силно влијание врз културниот развој на Шпанија, како и на останатиот дел од Европа. Но, што е уште поважно, потрагата по знаење го навела овој крал да се заложи за ширење на Божјата реч — Светото писмо.

Алфонсо одиграл клучна улога во основањето на една академија во која можеле да соработуваат учени Евреи, муслимани и „христијани“. За да им помогне во работата, кралот основал и финансирал една од првите државни библиотеки во светот.

Самиот Алфонсо активно учествувал во пишувањето и составувањето на најразлични дела од областа на правото, науката и историјата. Се залагал за развој на книжевноста и поезијата, полиња на кои и самиот бил многу надарен, како што може да се види од неговите познати „кантигас“.a Ги напишал на гаљего (галициски), јазикот на кој во тоа време се пишувала лирската поезија.

Школа за преведувачи

Алфонсо бил покровител на Школата за преведувачи во Толедо. „Кралот ги избирал и преведувачите и делата што требало да ги преведат“, стои во книгата Школата за преведувачи во Толедо (La Escuela de Traductores de Toledo). „Тој ги ревидирал преводите, отворал интелектуални дебати и го финансирал пишувањето на нови книги.“

Изучувачите во Толедо почнале да преведуваат многу арапски книги. Муслиманските изучувачи веќе ги имале преведено на арапски најважните дела од грчката, индиската, персиската и сириската книжевност. Ваквата ризница од знаење им била од голема корист на муслиманските изучувачи и помогнала и понатаму да напредуваат на полето на математиката, астрономијата, историјата и географијата. Затоа, преведувачите во школата во Толедо настојувале да го искористат овој извор на знаење. Како? Така што почнале да ги преведуваат важните арапски книги на латински и на шпански јазик.

Веста за достигнувањата на изучувачите од Толедо се раширила и во други земји. Наскоро во Толедо почнале да се слеваат учени луѓе од универзитетите во северна Европа. Сето ова одиграло многу важна улога во научниот и во книжевниот напредок на Западот. Всушност, овој голем преведувачки проект имал влијание врз појавата и развојот на ренесансата.

Благодарение на трудот што го вложиле преведувачите од Толедо, лекарите можеле да ги читаат медицинските дела на Гален, Хипократ и Авицена, чиј Законик на медицината (Canon of Medicine) се користел како главен медицински учебник на универзитетите на Запад сѐ до 17 век. Астрономите можеле да ги читаат делата на Птолемеј и да се користат со арапската тригонометрија и со астрономските табели на ал-Хваразми.b

Алфонсо сакал сите луѓе да ги разбираат тие преводи. Ова придонело шпанскиот јазик да стане важно средство за пренесување на научните сознанија и книжевните вредности. Проектот што го започнал Алфонсо помогнал да се промени општоприфатеното гледиште дека латинскиот е јазик на културата.

Алфонсовата Библија

Искуството што го стекнале изучувачите од Толедо додека преведувале толку многу книги сигурно било од непроценлива вредност кога Алфонсо наложил да бидат преведени на шпански делови од Библијата. Според шпанскиот историчар Хуан де Мариана, кралот се залагал за преведување на Библијата со надеж дека тоа ќе го разубави и ќе го збогати шпанскиот јазик. Нема сомнение дека тој прв превод на Библијата навистина придонел за развојот на шпанскиот јазик.

Кралот сметал дека Библијата содржи многу вредни поуки за луѓето. Во предговорот на Crónica de España тој напишал: „Користа од Светото писмо произлегува од поуките што тоа ни ги дава во врска со создавањето на светот, со појавата на патријарсите... со ветеното доаѓање на нашиот Господар Исус Христос, и со неговото страдание, воскресение и вознесение“.

Алфонсо ги надгледувал и подготовките за прилично амбициозниот книжевен проект што тој го нарекол General Estoria. Во него спаѓал и превод на шпански јазик на делови од Хебрејските списи. (Подоцна му бил додаден и преводот на делови од Грчките списи.) Ова впечатливо дело, познато како Алфонсова Библија (Biblia Alfonsina), било најголемото дело од ваков вид во Средниот век. Било препишувано многу пати и делумно било преведено на португалски и на каталонски јазик.

Наследството што го оставил Алфонсо

Средновековните ракописи од времето на Алфонсо овозможиле спознанието од Светото писмо да свети и во таа ера на духовна темнина. Благодарение на овие преводи се појавил интерес за превод на Библијата на народен јазик. Во двата века што следеле биле направени и други преводи на Библијата на шпански.

Пронаоѓањето на печатарската машина и неуморната работа на преведувачите на Библијата во 16-тиот век, како во Шпанија така и во некои други европски земји, придонело да продолжи делото што го започнале Алфонсо и неговите современици. Конечно, луѓето низ цела Европа можеле да имаат Библија на својот мајчин јазик. Иако за време на владеењето на Алфонсо Х имало многу војни и бунтови, неговата потрага по знаење овозможила Божјата мудрост да се шири насекаде.

[Фусноти]

a „Кантигас“ се средновековни песни што ги пееле минстралите (патувачки свирачи и пејачи).

b Ал-Хваразми бил познат персиски математичар од деветтиот век кој го развил алгебарскиот систем и ги вовел индиските концепти во математиката, како што се користењето арапски броеви, концептот за нулата и основите на аритметиката. Зборот „алгоритам“ е изведен од неговото име.

[Рамка/слика на страница 14]

ПРВИ ПРЕВОДИ НА БИБЛИЈАТА НА ШПАНСКИ

Делата на Алфонсо Х не биле првите во кои бил вклучен превод на делови од Библијата на шпански јазик. Неколку години пред тоа, Ерманус Алеманус, еден од преведувачите на школата во Толедо, ги превел Псалмите директно од хебрејски на шпански. Освен тоа, на самиот почеток на 13-тиот век бил изработен првиот превод на Библијата на шпански наречен Biblia medieval romanceada Prealfonsina (Види ја сликата лево). Се смета дека ова дело е најстарата целосна Библија на шпански. Нема сомнение дека таа имала влијание врз библискиот превод што неколку години подоцна го започнал Алфонсо Х.

Во врска со овој најстар превод на шпански јазик, изучувачот Томас Монтгомери вели: „Преведувачот на оваа Библија создал едно впечатливо дело во однос на точноста и на убавината на јазикот. Во преводот внимателно е задржана смислата на латинската Вулгата, но не се употребени премногу латински изрази или зборови. Јазикот е јасен и чист — токму таков каков што одговарал за Библија наменета за лица кои не знаеле латински“.

[Извор на слика]

Библија: Patrimonio Nacional. Real Biblioteca de El Escorial

[Слика на страници 12 и 13]

Статуата на Алфонсо Х на влезот во Шпанската народна библиотека (Мадрид)

[Слики на страница 13]

Кралот со преведувачите од Толедо (горе); неговите краснописци (подолу); Евангелието по Лука во „Алфонсовата Библија“ (најдолу)

[Извор на слика на страница 13]

Сите фотографии освен статуата на Алфонсо Х: Oronoz

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели