Има ли некој молив?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ЕВТИН Е, можеш веднаш да го користиш и лесен е како пердув. Без проблем можеш да го носиш в џеб. Не му треба струја, никогаш не протекува, а трагите од него можат лесно да се избришат. Децата учат да пишуваат со него, врвните уметници создаваат ремек-дела со него, а речиси сите ние си имаме по еден при рака во случај да ни притреба да си запишеме нешто. Тоа е обичниот молив — една од најевтините и најмногу користени алатки во светот. Неверојатната приказна за овој пронајдок и за неговиот развој почнува со едно случајно откритие во рурална Англија.
Црно олово
Во 16 век, под падините на Бороудејл, долина во Езерската Област на северот на Англија, биле пронајдени грутки од необична црна материја. Овој минерал изгледал како јаглен, но не согорувал и оставал светликава, црна трага што лесно се бришела. Во почетокот го нарекле црно олово. Бидејќи минералот бил мрсен, луѓето ги завиткувале поголемите парчиња во овча кожа, а тенките, кратки прачки ги виткале со канап. Никој не знае на кого прво му текнало да стави црно олово во дрвено лежиште, но во 1560-тите, примитивните моливи веќе биле раширени низ Европа.
Наскоро црното олово почнало да се ископува и да се извезува за да се задоволи побарувачката на уметниците, а во 17 век веќе почнало да се користи речиси секаде. Во исто време, производителите на моливи се обидувале да изнајдат разни начини со кои ќе дојдат до подобар молив. Бидејќи минералот што се ископувал во Бороудејл бил чист и лесно се доаѓало до него, брзо станал цел на крадци и шверцери. За да го спречи тоа, во 1752 год., Британскиот парламент донел закон според кој кражбата на црно олово се казнувала со затвор или со прогон во казнена колонија.
Во 1779 год., шведскиот хемичар Карл В. Шиле открил нешто што ги изненадило сите — црното олово, всушност не било олово, туку мек облик на чист јаглерод. Десет години подоцна, германскиот геолог Абрахам Г. Вернер го нарекол овој минерал графит, според грчкиот збор графин, што значи „пишува“. И така, ние денес имаме графитни моливи.
Развојот на моливот
Долги години англискиот графит го држел монополот во индустријата за моливи затоа што бил доволно чист и можел да се користи без никаква преработка. Бидејќи европскиот графит бил со послаб квалитет, производителите на моливи се труделе да најдат начин како да го подобрат квалитетот на црнката во моливот. Францускиот инженер Никола-Жак Конте измешал графит во прав и глина, ја обликувал добиената смеса во тенки стапчиња, кои потоа ги печел во печка. Го менувал соодносот меѓу графитот и глината, и така можел да направи различни видови црнки за моливи, кои оставаат трага во различни нијанси на црна боја. Овој процес се користи до ден-денес. Конте дошол до своето откритие во 1795 год.
Во 19 век, производството на моливи станало многу исплатлив бизнис. Графит бил пронајден на многу места, меѓу кои и Сибир, Германија и денешна Република Чешка. Во Германија, а потоа и во САД, биле отворени неколку фабрики за производство на моливи. Со воведувањето на механизацијата и сериското производство, цената на моливите почнала да паѓа, а во почетокот на 20 век, дури и учениците пишувале со моливи.
Денешните моливи
Годишно се произведуваат милијарди и милијарди моливи. Денес тие се усовршени, сестрани алатки за пишување и цртање. Со еден обичен дрвен молив може да се нацрта линија подолга од 56 километри и може да се напишат околу 45.000 зборови. Техничките моливи, кои се направени од метал или пластика, имаат тенка графитна црнка која никогаш не мора да се остри. Во дрвените боички, наместо графит, се користат бои и пигменти во најразлични нијанси.
Бидејќи е сестран, издржлив, едноставен и ефикасен, на моливот никогаш не му минува модата. Затоа, и во иднина, дома или на работа, можеби пак ќе ги чуеш познатите зборови: „Има ли некој молив?“
[Рамка/слика на страница 13]
КАКО СЕ СТАВА ЦРНКАТА ВО МОЛИВОТ?
Прво се прави смеса од ситно сомелен графит, глина и вода. Потоа смесата поминува низ тесна метална цевка од која излегува како една долга тенка шпагета. Откако ќе се исуши, ќе се исече и ќе се испече, црнката се потопува во врело масло и восок. За моливи обично се користи кедровина, која лесно се остри. Дрвото се сече на летвички, кои се убаво измазнети и имаат жлебови. Летвичките се дебели колку половина молив. Црнката се става во жлебот на едната летвичка, а врз неа се лепи втората летвичка. Кога ќе се исуши лепакот, залепените летвички се сечат во должина на молив. За да не се гледа местото каде што се лепени, моливите се обликуваат, се шмирглаат, се бојат и им се става логото на производителот и други детали. Така обработениот молив е спремен за пишување. Понекогаш на едниот крај има и гумичка.
[Извор на слика]
Faber-Castell AG
[Рамка/слика на страница 14]
КОЈ МОЛИВ ДА ГО КОРИСТАМ?
За да го избереш моливот што ти е потребен, обрни внимание на буквите и бројките што се отпечатени на самиот молив. Тие покажуваат колку тврда или мека е црнката. Помеките црнки оставаат потемна трага.
HB е сестрана, средно мека црнка.
B е ознака за помеки црнки. Броевите како 2B или 6B означуваат колку е мека црнката — колку поголема е бројката толку помека е црнката.
H е ознака за потврди црнки. Колку поголем е бројот — 2H, 4H, 6H и така натаму — толку потврда е црнката.
F значи дека црнката може убаво да се изостри.
Некои земји користат поинаков систем на обележување. На пример, во САД, моливот со број 2 одговара на молив со ознака HB. Според американскиот систем, колку повисок е бројот толку потврда е црнката.