Дали навистина живееле толку долго?
Според Библијата, Адам живеел 930 години, Сет 912, а Метузалем 969 — уште 31 година и ќе имал илјада! (1. Мојсеева 5:5, 8, 27). Дали во тоа време годината траела колку што трае денес или, пак, како што некои велат, тогаш годините траеле колку нашите месеци?
Доказите од самата Библијата потврдуваат дека станува збор за дословни години кои траеле приближно колку нашите. Размисли за следново: кога библиската година би била долга колку еден наш месец, овие мажи би станале татковци на неверојатно рана возраст — Кенан пред да наполни шест години, а Малелеил и Енох на пет години (1. Мојсеева 5:12, 15, 21).
Освен тоа, луѓето што живееле во тоа време правеле разлика меѓу денови, месеци и години (1. Мојсеева 1:14-16; 8:13). Всушност, деталниот историски запис за Ное ни помага да утврдиме колку долг бил еден месец. Ако ги споредиме 1. Мојсеева 7:11, 24 и 1. Мојсеева 8:3, 4, гледаме дека пет месеци — од 17-тиот ден од вториот месец до 17-тиот ден од седмиот месец — траеле 150 дена. Според тоа, очигледно е дека за Ное еден месец имал 30 дена, а 12 месеци сочинувале една година (1. Мојсеева 8:5-13).a
Но, како можеле луѓето да живеат преку 900 години? Библијата ни кажува дека Бог ги создал луѓето да живеат вечно и дека, поради гревот на Адам, човечкиот род наследил несовршеност и смрт (1. Мојсеева 2:17; 3:17-19; Римјаните 5:12). Луѓето што живееле пред Потопот биле многу поблизу до совршенството отколку ние денес и, без сомнение, ова е еден од главните фактори за нивниот долг животен век. На пример, Метузалем живеел само седум генерации по Адам (Лука 3:37, 38).
Наскоро Јехова Бог ќе ги отстрани сите траги од адамскиот грев кај сите оние што покажуваат вера во пролеаната крв на Божјиот Син, Исус Христос. „Платата за гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 6:23). Сосема сигурно, доаѓа времето кога 969-те години на Метузалем ќе ни се чинат како еден ден!
[Фуснота]
a Види во енциклопедијата Увид во Светото писмо (Insight on the Scriptures), том 2, страница 1214, издадена од Јеховините сведоци.
[Графикон на страница 30]
(Види во публикацијата)
1000
Метузалем
Адам
Сет
900
800
700
600
500
400
300
200
100
Просечен животен век денес