Чекор 1
Побарај добар совет
Зошто е важен овој чекор? Кога првпат ќе го земат в раце своето новороденче, родителите можеби се преплавени од испомешани чувства. „Бев обземен од голема радост и восхит“, вели Брет, татко од Британија. „Но, во исто време имав силно чувство на одговорност и мислев дека не сум доволно подготвен да бидам добар татко.“ Моника, една мајка од Аргентина, вели: „Ме притискаше помислата дали ќе ѝ пружам на ќерка ми сѐ што ѝ треба. Се прашував: ‚Ќе направам ли од неа одговорна личност?‘“
Можеш ли да се ставиш во кожата на овие родители и да ги почувствуваш нивните радости и стравови? Се разбира, нема ништо потешко од тоа да воспиташ едно дете. Но сепак, задоволството е неизмерно. Точно, треба да имаш дебели живци, но вреди да се вложи толкав труд. Зашто, како што еден татко вели, „имаш само една шанса да го воспиташ своето дете“. Со оглед на тоа дека родителите имаат големо влијание врз здравјето и среќата на своите деца, можеби со душа чекаш некој да ти даде добар совет што ќе ти помогне да станеш подобар родител.
Зошто е тешко: Кога станува збор за воспитување деца, се чини дека секој има за тебе по некој совет. Порано, младите родители се потпирале на искуството на своите родители или на своите верски убедувања. Но, во многу земји, семејствата се распаѓаат, а религијата го губи влијанието. Поради тоа, многу родители бараат совети од стручњаци за воспитување деца. Некои нивни совети се темелат на добри начела. Но, во други случаи, тие совети се противречни и по кратко време може да се сметаат за застарени.
Решение: Барај совет од Оној што најдобро знае како се воспитуваат деца — од Творецот на човекот, Јехова Бог (Дела 17:26-28). Во неговата Реч, Библијата, има јасни совети и практични примери што ќе ти помогнат да бидеш подобар родител. „Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“, ветува Бог (Псалм 32:8).
Какви совети им дава Бог на родителите за да подигнат среќни деца?
[Истакната мисла на страница 3]
„Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум“ (Изреки 3:5).