Може ли оптимизмот да ти го подобри здравјето?
„Веселото срце дејствува добро како лек“, напишал еден мудар израелски цар пред околу 3.000 години (Изреки 17:22). Лекарите денес сосема се согласуваат со овие вдахновени зборови. Но многумина од нас немаат ‚весело срце‘ по природа.
Тешко дека некој може да ги избегне секојдневните притисоци кои честопати водат до разочарување и песимизам. Меѓутоа, поновите истражувања покажаа дека, иако имаме проблеми, вреди да бидеме оптимисти.
Според еден речник, оптимизмот се дефинира како „сфаќање или поглед на светот од неговата најдобра страна, вера во иднината... и очекување успех и сѐ најдобро“. Како реагира еден оптимист кога работите ќе му тргнат наопаку? Тој нема да заклучи дека ситуацијата е безизлезна. Ова не значи дека бега од реалноста — напротив, ја прифаќа и размислува за неа. Потоа, колку што му дозволуваат околностите, презема чекори за да ја промени или да ја подобри ситуацијата.
Песимистот, пак, честопати се обвинува себеси за она што го снашло. Тој мисли дека се нашол во безизлезна ситуација затоа што е глупав, неспособен и грд. На крајот, крева раце од сѐ.
Дали оптимизмот влијае врз нашето здравје? Да. На клиниката Мајо во Рочестер (Минесота, САД), во период од 30 години биле вршени испитувања врз 800 пациенти. Лекарите откриле дека оптимистите се поздрави, живеат многу подолго, полесно се справуваат со стресот и поретко паѓаат во депресија.
Меѓутоа, воопшто не е лесно да се биде оптимист во еден свет што се дави во проблеми. Не е ни чудо што на мнозина им е тешко да размислуваат позитивно. Што би можел да сториш во врска со тоа? Во придружната рамка ќе најдеш неколку корисни предлози.
Ведриот дух не е лек за сѐ, но може да ти помогне да бидеш поздрав и посреќен. Во Библијата стои: „За натажениот сите денови се зли, а кому срцето е весело, на гозби е постојано“ (Изреки 15:15, Д-р Д. Х. Константинов).
[Рамка/слика на страница 26]
Како да бидеш поголем оптимистa
◼ Ако ти дојде мисла дека нешто нема да ти се допадне или дека нема да успееш во некој потфат, сечи ја веднаш. Гледај ја позитивната страна.
◼ Обиди се да уживаш во работата. Сеедно што работиш, размислувај за оној дел од работата што ти причинува задоволство.
◼ Дружи се со оптимисти.
◼ Барај решение за ситуациите врз кои ти лично можеш да влијаеш. Обиди се да се помириш со оние врз кои немаш никаква контрола.
◼ Секој ден запиши си на лист три убави работи што ти се случиле.
[Фуснота]
a Овој список делумно се темели на една публикација што ја издаде клиниката Мајо.